Борисов: Заев да не поднесува оставка, ништо не е завршено, туку е одложено

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го советува премиерот Зоран Заев да не поднесува оставка ако сега не биде донесена одлука за почеток на преговорите со ЕУ, зашто има уште многу работи да се направат.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го советува премиерот Зоран Заев да не поднесува оставка ако сега не биде донесена одлука за почеток на преговорите со ЕУ, зашто има уште многу работи да се направат, а одложувањето од неколку месеци не е вечност во тој процес.

– Јас разговарав со Заев и мојот совет до него беше да не си поднесува оставка зашто заврши многу работа и има уште многу што да се направи. Ништо не е завршено, туку е одложено. Едоставно е одложено за време на претседавањето на Хрватска. Фактот што не се договоривме да има пишани заклучоци од состанокот кажува дека огромното мнозинство од државите на ЕУ се за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави денеска Борисов пред продолжението на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел.

Прашан за противењето на Франција во однос на проширувањето, рече дека не може да зборува во името на другите држави, но, како што наведе, може да каже дека ниту една држава не кажала „не".

За можните внатрешно-политилки последици во Македонија од одложувањето на одлуката за преговори, Борисов рече дека тоа ќе го покаже времето.

– Сакам да потсетам дека кога Бугарија се подготвуваше за членство имаше цивилизиран дијалог меѓу власта и опозицијата и сите политички партии дека тоа е наш европски пат. Ако во Македонија или во Албанија има партии кои можат во еден момент да се вратат назад тоа е исто така голем ризик, но времето ќе покаже. Постои емоционален момент, вложија многу напори, ниту една држава не го сменила името, изјави Борисов.

Евентуалното одложување од неколку месеци, според него, може да се искористи и за постигнување договор на мешовитата комисија околу отворените прашања од историјата на Бугарија и Македонија.

Доктор не се туширал 5 години, сега кажува зошто (ВИДЕО)

Џејмс Хамблин го изненади светот кога објави дека не се туширал пет години.

Докторот и предавач на Јејл за неговата книга Clean: The New Science of Skin решил да спроведе експеримент врз себе.

Имено, Хамблин во книгата решил да се фокусира на нашиот најголем орган – кожата. Преку експериментирање и истражување дошол до неколку важни лекции. Прво, тој вели дека опсесијата со сапун може да предизвика алергии.

„Целото патување преку истражување и учење во мојата книга за микробиомот на кожата и историјата на верувањата за хигиената и чистотата навистина ме натера да ги променам моите навики“, вели тој.

Според него, микробите се присутни во околината и тоа нема да се промени ако човек се истушира. Наместо тоа, тој верува дека микробите се неопходни за одржување на здрава рамнотежа, на пример во дигестивниот систем.

„Знаете дека обидот да се искоренат микробите во цревата не е најдоброто нешто што можете да го направите“, истакнува тој.

Иако не користи шампон или гел за туширање, Хамблин ги мие рацете со сапун. Покрај тоа, одржува одредени навики, а водата е сепак важен дел од нив.

"Сè уште понекогаш ја влажнам косата. Кремите, пилинзите и дезодорансите ги нема во мојата бања. Но, сепак ги мијам забите. Го правам само она што сметам дека е задоволително или навистина медицински неопходно", заклучил тој.


Кремљ ја менува временската зона на окупираните подрачја во Украина,се воведува московско време

Кремљ денеска објави дека ќе започне со наметнување на московската временска зона во делови на Украина кои се незаконски анектирани и делумно под контрола на руските сили.

Руското Министерство за индустрија и трговија ја објави веста на својот профил на Телеграм, велејќи дека четирите региони на Украина припоени од Русија - Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје - „ќе се префрлат на московско време“.

Четири украински региони беа незаконски анектирани од рускиот претседател Владимир Путин во есента 2022 година, откако одржаа „лажни“ референдуми. Русија не контролира целосно ниту еден регион, а западните влади го оценија потегот за нелегитимен.

„Во тек е постепена синхронизација на руското законодавство откако во земјата беа примени четири нови субјекти“, соопшти руското Министерство. „Во блиска иднина ДНР [самопрогласена Народна Република Доњецк], ЛНР [самопрогласена Луганска Народна Република], Запорожје и Херсонските области ќе бидат дел од друга временска зона, во која ќе важи московско време.“

Временската зона во Москва е еден час понапред од источноевропското стандардно време, кое е на сила низ цела Украина.

Министерството додаде дека тие поднеле нацрт-закон за ова прашање до руската Државна дума и дека допрва треба да биде потпишан.

Русија веќе го направи тоа на Крим кога режимот на Путин го анектираше полуостровот во 2014 година. Во март 2014 година, временската зона на Крим беше официјално усогласена со онаа на Москва, а целиот полуостров е еден час пред Украина.

Овој потег доаѓа неколку недели откако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека процесот на интеграција на територијата е во „полн замав“. „Обезбедувањето безбедност на цивилите кои живеат таму е главната цел на [специјалната воена] операција“, рече Песков.

Невладина организација: Иран годинава егзекутира над 50 луѓе

Иранските власти годинава веќе егзекутираа 55 лица, објави денеска невладината организација за човекови права, додавајќи дека зголеменото прибегнување кон смртна казна има за цел да се шири „терор“ во земјата потресена од протести.

Невладината организација Иран за човекови права (IHR) со седиште во Норвешка соопшти дека потврдила најмалку 55 егзекуции во првите 26 дена од оваа година.

Четири лица биле егзекутирани поради обвиненија поврзани со протестите, додека мнозинството од обесените (37) се егзекутирани за злосторства поврзани со дрога, рече истиот извор. Од невладината не соопштуваат зошто биле егзекутирани останатите 14 лица.

Најмалку 107 лица остануваат во ризик од егзекуција поради протестите, осудени на смрт или обвинети за злосторства што предвидуваат смртна казна, додаде ИЧП. Секоја егзекуција во Иран е „политичка“, бидејќи главната цел е „да се шири страв и терор во општеството“, нагласува ИЧП.

„За да се запре државната машина за убивање, не треба да се толерира никакво погубување, независно дали е политичко или не“, додаде директорот на ИЧП Махмуд Амири-Могадам.

Активистите го обвинуваат Иран дека ја користи смртната казна како инструмент за заплашување за да ги смири протестите кои започнаа на 16 септември, по смртта во притвор на Махса Амини, 22-годишна Курдка, уапсена три дена претходно за кршење на правилата за облекување на жените.

Според претставникот на ОН за човекови права Волкер Турк, „инструментализацијата на кривичната постапка“ во Иран за казнување на демонстрантите „е еднакво на убиство одобрено од државата“. ИЧП и другите невладини организации за човекови права допрва треба да објават статистички податоци за егзекуциите во Иран за 2022 година.

Но, ИЧП на почетокот на декември објави дека биле обесени повеќе од 500 луѓе, што е рекордна бројка во последните пет години.

притисни ентер