Нови рочишта за „Ласкарци", „Титаник 3", „Траекторија" и повторената постапка за „Триста"

 Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за случаите „Ласкарци", „Титаник 3", „Траекторија" и повторената постапка за „Триста".

Случајот за автобуската несреќа кај Ласкарци го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс", Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Во „Титаник 3" се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал на локалните избори во 2013 година.

Постапката почна одново на 15 март годинава по именувањето на судијката Марија Клетичка за нов судија во предметот, откако судијката Оља Ристова, која го водеше случајот, во февруари годинава побара изземање од предметот.

Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија", се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во „Триста" е обвинет поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службената должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

Тухел: Пласманот на табелата не е важен во дербито со Борусија

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел не смета дека дербито против Борусија Дортмунд ќе биде помалку интересно поради пласманот на двата тима во Бундеслигата.

Обично тоа е директен судир во борбата за титулата, но реалноста сега е поинаква. Шампионите заостануваат 10 бода зад лидерот Баер Леверкузен, а тимот од Вестфален е четврти.

- Пласманот е таков каков што е. Но, ние имаме шанса да го освоиме „Der Klassiker“. Станува збор за емотивен натпревар кој е историски за Бундеслигата и спротиставува два големи ривали. Значи нема разлика од претходните сезони, истакна Тухел.

На дуелот на „Алијанц Арена“ домаќините ќе бидат без капитенот Мануел Нојер, кој се уште чувствува болки од повреда. Александер Павловиќ, Рафаел Гереиро и Саша Бои исто така се аут од истата причина. Сепак, Хари Кејн се враќа и ќе игра откако пред неколку дена ги пропушти пријателските дуели во Англија поради повреда.

- Во лицето на Дортмунд очекувам противник кој ќе сака да не победи. Борусија е силна во нападот, а генерално играчите претпочитаат да ја контролираат топката. Ќе биде отворен натпревар. Инаку, нашето расположение е одлично, бидејќи во последно време сме убедливи и во нападот, мирен е Тухел.

Тој одби да ги коментира информациите дека Чаби Алонсо одлучил да остане во Баер Леверкузен и следната сезона. Шпанецот беше меѓу имињата кои се поврзуваа за наследник на Тухел во Минхен.

-Не сум сигурен дека сум вистинската личност за прашањето. Ова е одлука на Чаби, прашајте го него, изјави тој.

Еден од главните шефови на Камора се согласил да соработува со властите по четврт век во затвор

По повеќе од 25 години затвор и одбивање да зборува, еден од главните шефови на италијанската комора, Франческо Скијавоне, одлучи да соработува со обвинителството, објавија италијанските медиуми, пренесе Бета.

Истражните органи се надеваат дека ќе добијат повеќе информации за Камора и нејзината можна поврзаност со италијанската политичка сцена.

Седумдесетгодишниот Скијавоне бил еден од основачите и „кум“ на кланот Камора „Касалези“ во провинцијата Касерта во близина на Неапол.

Пред неколку недели, како што јави ДПА, тој воспоставил контакт со антимафијашките служби.

Двајца од неговите синови соработуваат со властите од 2018 и 2021 година, а уште двајца се во затвор.

Камора е една од најозлогласените мафијашки организации во светот, а нејзиното родно место се јужните италијански провинции Казерта и Неапол.

САД ја обвинија Русија за ширење дезинформации околу терористичкиот напад во Москва

САД ја обвинија Русија за дезинформации околу терористичкиот напад во концертната хала „Крокус сити хол“ минатата недела во кој загинаа 143 лица.

Од Стејт департментот изјавија дека Москва ја користи оваа трагедија за да ја оправда својата агресија против Украина.

- Мислам дека руската влада води пропаганда и дезинформација. Мислам дека сосем очигледно тие се обидуваат да го искористат овој терористички чин, овој трагичен инцидент во кој, за жал, загинаа руски граѓани за да се оправда нивната агресија во Украина, рече Милер.

Тој укажа дека Москва „не дава значање на основните факти, се измислуваат факти за да се поддржи тоа што тие сакаат да го направат“.

„Тоа е истото поведение од почетокот на војната, и за жал тие исто постапуваат и сега“, рече портпаролот на Стејт департментот.

притисни ентер