Чешкиот премиер дециден: Мора да градиме нуклеарни електрани , па и да ги прекршиме законите на ЕУ

Сигурно снабдување со енергенси е приоритет за Чешка и затоа треба да се градат нови нуклеарни електрани , изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш.

„Мора да го сториме тоа дури и ако сме принудени да ги прекршиме европските закони“, рече чешкиот премиер пред парламентарците во Прага.

Безбедноста на снабдувањето со енергија е приоритет за Чешката Република, додаде Бабиш, без да се знае дали тоа значи проценка на влијанието врз животната средина, државна помош или нешто друго според европските регулативи.

Изградбата на новите нуклеарки требаше веќе да започне, додаде тој. „Спиевме добар дел од времето кога станува збор за нуклеарната енергија“.

Чешката Република продолжува да користи нуклеарна енергија во производството на електрична енергија и владата има намера да го зголеми својот удел во енергетската моќност за 50 проценти до 2040 година.

Германија во повеќе наврати ги критикуваше застарените нуклеарни централи во соседната земја, тврдејќи дека тие не се безбедни. Претседателот на комисијата за животна средина во германскиот Бундестаг, пратеничката на Зелените, Силвија Котинг-Ул, остро реагираше на зборовите на чешкиот премиер.

,,Шокантно е што лидерот на земја членка на ЕУ отворено најавува кршење на законот, рече Котинг-Ул, повикувајќи ја владата во Берлин да се спротивстави на изградбата на нови нуклеарни централи во Чешката Република, бидејќи тие би претставувале закана за Германија и Европа.

Чешката Република има две нуклеарни централи, во Темелин и во Дуковани. Темелин е на само шеесет километри од границата со Германија и Австрија.

Во истражувањето спроведено во Чешка во 2015 година, само девет проценти од испитаниците изјавиле дека се плашат од нуклеарна енергија. Дваесет и четири проценти од нив изразија просечен страв, а дури 63 проценти малку стравуваа или воопшто не стравуваат од нуклеарна енергија.

Клучни кандидати за изградба на нови нуклеарни централи во Чешка се јужнокорејската компанија КХНП и руската Росатом.

Русија го тестираше најмоќниот мразокршач на светот!!

Рускиот мразокршач „Артика“ на нуклеарен погон е најавен како најмоќниот брод од овој тип на светот. 

Бродот симбол на амбициите на Москва кон Северниот пол се врати во пристаништето во Санкт Петербург по дводневното пробно патување.

Овој моќен брод ќе биде наменет за транспорт на течениот природен гас од областите на Северниот пол. Бродот е долг 173 метри, висок 15 метри и има депласман од 14000 тони.

-Артика два дена беше во морето поради тестирања на алгоритамите за работа на уредите на бродот и маневрирањето, соопштил Мустафа Качка, директорот на „Атомфлот“ компанијата задолжена на руската флота на мразокршачи.

Иако има нуклеарен погон „Артика“ на ова дводневно патување користел дизел мотори.

Инаку, според зборовите на градителите овој моќен брод може да пробие лед дебел 2,8 метри.

Завршните тестирања на „Артика“ се закажани за март и април во 2020 година, а бродот се очекува да биде пуштен во употреба во мај во 2020 година.

Загадениот воздух ги затвори училиштата во Техеран

Иранските власти наредиле во недела да се затворат сите училишта во Техеран и повеќе градови низ земјата поради екстремно загадениот воздух.

Техеран веќе неколку дена е обвиен од сив дим, загадениот облак синоќа можел да се види да 20 километри оддалеченост од градот, пренесе Франс прес.

Гувернерот на провинцијата Техеран, Мохамед Тагхизадех донесе одлука за затворање на сите училишта во главниот град поради загадувањето на воздухот кое е штетно по здравјето на луѓето, информира иранската агенција Ирна.

Власта ги повика децата и повозрасните лица да останат во своите домови. Исто така не се препорачуваат спортски активности на отворено.

Мицкоски: Годината која ја најавуваа за економска е најтешката и најсиромашната за живот

Економијата тоне, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој додаде дека годината која била најавувана како економска е всушност најсиромашна и најтешка за живот. 

Лидерот на опозицијата денешната прес конференција ја посвети на економската политика на власта, со цел, како што вели, да ги разобличи лагите на Заев искажани на партиската трибина на СДСМ.

Увозот во вториот квартал е зголемен за 12% во споредба со лани, БДП е далеку од посакуваната бројка, за да се оствари енормниот буџет ќе фалат пари, обвини Мицкоски, кој спомена дека Заев потфрлил и со привлекувањето странски инвестиции.

 Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски го повтори и предлогот за усвојување резолуција во Собранието, за заштита и потврдување на автентичноста на македонскиот јазик. Според него, Заев продолжува со капитулантски чекори, но јазикот не смее да се најде на маса на преговори.

Претседателот на опозициската партија заклучи дека од април граѓаните ќе видат што навистина значи нулта толеранција кон криминалот и корупцијата и најави економска политика во чиј фокус ќе се капиталните инвестиции и соодветното даночење на стопанството.

притисни ентер