Ново рочиште за „Титаник"

Во Основниот кривичен суд Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот за изборни нерегуларности „Титаник", што од СЈО го презеде во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Македонија.

Во Основниот кривичен суд Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот за изборни нерегуларности „Титаник", што од СЈО го презеде во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Македонија.

Случајот „Титаник" се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Се изведуваат материјални докази предложени од обвинителството. Досега се изведени околу 5.400 од над 5.900 докази.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник" се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. /МИА

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер