Со огномет и импровизиран напад, Прилеп ги почна чествувањата за 11 Октомври

Со импровизиран напад на градот, како потсетување на настаните од 41-та кога со нападот на тогашниот Участак, почна Народното востание, и со богат огномет Прилеп ги почна чествувањата за 11 Октомври-денот на народното востание. 

Прославата традиционално, збогатена со програма беше пред меморијалниот музеј „11 Октомври".

Обрајќајќи им се на прилепчани, на гостите од Куманово со кои ја продолжува заедничката прослава на празникот и на претставниците од дипломатскиот кор, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека во предвечерието на 11 октомври им оддаваме почит на борците, на хероите кои ги положија своите животи на браникот на слободата.

– „11 Октомври" е симбол на непокорот, пркосот, храброста, гордоста и достоинството, стремежот за слобода не само на прилепчани, туку на сите граѓани на нашата земја. Затоа и денеска се сеќаваме на делото на хероите, им оддаваме почит и се поклонуваме пред нивната жртва. Животите на 15 народни херои и 650 борци од Прилеп, се вградени во денешната слобода, затоа и нашиот град го носи епитетот – градот Херој-Првоборец, рече Јованоски.

Според Јованоски, по речиси осум децении денес го исполнуваме аманетот што ни го оставија нашите херојски предци, градиме општество за сите, се движиме кон евроатланските интеграции.

Наша задача и обврска е да го продолжиме нивното дело, да ја продолжиме современата битка за економски развој, социјална еднаквост, квалитетно образование, за создавање оптимнални услови за развој на секоја сфера во општеството. Ние чекориме и продолжуваме по нивните стапки, го градиме нашиот град, нашата татковина, како безбедна, развиена и просперитетна држава. Сигурно чекориме на патот кон евро-атланските интеграции. Со успешно завршени преговори ја остваруваме стратешката цел – полноправно членство во НАТО Алијансата. Веќе се ставени темелите на безбедна, стабилна и сигурна држава во своите граници. Посветени сме на реформите, за да го резервираме нашето место во семејството на европски развиени и демократски држави, нагласи Јованоски.

Театарската работилница „Сцена 5, Чин 4" одржа перформанс во чест на почетокот на востанието, а пред прилепчани настапија прилепски и кумановски групи.

Во чест на Празникот и на загинатите борци од НОБ и Револуцијата, изутрината на празникот, Прилеп ја враќа традицијата. Од центарот на градот до Могилата на непобедените и до Алејата на народните херои ќе се одвива граѓански марш за да им се оддаде почит на храбрите и херојски борци. Почит ќе им биде оддадена и на претседателот напрезидиумот на АСНОМ; методија Андонов Ченто и на идеологот на Народната Револуција, Кузман Јосифоски Питу пред нивните споменици во центарот на градот. /МИА

МТСП: Понеделник неработен за граѓаните од католичка вероисповед

Понеделник, вториот ден на Велигден, според Грегоријанскиот календар, неработен за граѓаните од католичка вероисповед.

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно Законот за празниците, 1 април 2024 година (понеделник) вториот ден на Велигден, според Грегоријанскиот календар, е неработен ден за граѓаните од католичка вероисповед во Република Македонија.

Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.

АВМУ: Донесено упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024

 Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.

Како што соопштија денеска од АВМУ, со упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.

- За време на изборната кампања за Претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг, се наведува во соопштението.

За време на изборната кампања за Парламентарните избори, се појаснува во соопштението, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.

- За време на изборниот молк за Претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година, продолжува изборната кампања за Парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеси, се додава во соопштението од АВМУ.

Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.

Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024 е достапно на веб страницата www.avmu.mk.

Коалиција Вреди: ДУИ во руско сценарио бара лек за изборниот пораз

Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз.

Нивен сон е Техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена.

Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.

Но, контурите на ова РУСКО сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи.

Очекуваме дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.

Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после 08 мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.

Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме. Ништо не може да ги спречи промените. Гласачите уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези. Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите.

Коалиција Вреди

притисни ентер