Германците се расправаат дали да го слават нацистичкиот генерал Ромел

Пред одбележувањето на 75- годишнината од смртта на нацистичкиот генерал Ервин ромел , во понеделник, во Германија се одвива жестока расправа дали воопшто треба да се споменува неговото име.

Жестока дебата е во тек во Германија во врска со користењето на името на Ервин Ромел, познат нацистички генерал од  Втората светска војна, кого Хитлер го натера да изврши самоубиство во пресрет на 75-годишнината од неговата смрт .

Зелената партија на левицата, синдикатите и здруженијата на воени жртви го сменија денеска името на улицата Ромел во малиот град Ален во јужна Германија, каде пораснал војникот.

„Во демократијата не треба да се поклонуваат на нацистите, оние што профитираат од нив и оние што ги слават неговите вонредни заслуги“, се наведува во заедничката изјава.

Локалните власти во Ален, на околу 70 километри источно од Штутгарт, по јавното сослушување, треба да решат дали да ја именуваат улицата по синот на Ромел, Манфред, почитуван поранешен градоначалник на Штутгарт, кој починал во 2013 година.

Во исто време, Градскиот совет на Хајденхајм на Бренц, во кој е роден фелдмаршалот, разгледува алтернативи за споменикот на „Пустинската лисица“ подигнат во 1961 година од ветерани на германскиот африкански корпус, предводен од Ромел во Втората светска војна.

Градоначалникот Бернхард Илг го поддржува предлогот за подигнување споменик на жртвите на нагазни мини, осврнувајќи се на фактот дека Ромел поставил огромен број мини во северна Африка.

Сепак, досега никој не размислува за промена на името на касарната Ромел во Дорнштат кај Улм, изјави портпаролот на Министерството за одбрана.

Ервин Јоханес Еуген Ромел (1891-1944) беше еден од најспособните и почитувани германски генерали во Втората светска војна.

Поради своите успеси во Африка, го добил прекарот Пустинска лисица.

Тој бил поврзан со заговор за убиство на Хитлер, иако само мал број историчари веруваат дека знаел за атентатот.

Пред крајот на војната, тој беше осомничен за вмешаност во заговорот за убиство, но беше погребан со највисоки почести и неговото име сè уште го користат неонацистите во промотивни цели.

Заев : Вложувањето во пелагонискиот регион ќе продолжи со уште поголем интензитет во проекти од интерес за граѓаните и младите

Премиерот Зоран Заев денеска претседаваше со 159-тата седница на Владата која што се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.

На седницата присуствуваа, и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

Оваа иницијатива е со цел да бидеме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа. Да бидеме непосредно блиску до нив за да ги слушнеме нивните приоритети и потреби.

Во име на таа цел, на оваа седница, се поканети и градоначалниците од пелагонискиот регион.

Ви благодарам што сте тука вечерва со нас.

Вечерва министрите ќе реферираат за активностите на секој од ресорите во пелагонискиот регион. Знам дека има што да се реферира.

И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализационата инфраструктура. За ова воведно излагање, ќе ги издвојам објектите за отпадни води и фекални води во Битола, како и канализационите мрежи во Долнени, Могила, Големо Коњати, Крушеани.

Во Пелагонија имаме завршена и тековна рехабилитација и на патната инфраструктура – тука е патот до Прилепското Езеро, патот Битола – Новаци, патот Битола – Демир Хисар, патот Макази – Ресен, како и железничката пруга Битола – Кременица. Сериозно напредуваме и со гасоводот Неготино-Прилеп- Битола, со процент на реализација до 70 отсто.

Тука во Битола имаме и сериозни инвестиции во здравството – реновирана е итната медицинска помош, реализирани се повеќе вработувања на медицински кадар, вложено е во реконструкции и во нови апарати. И се разбира, и тука во Пелагонија лековите се достапни во секое населено место, за секој граѓанин, во секој ден од месецот, преку мерката за укинување на квотите за лекови.

Кога сме кај здравјето на граѓаните – токму Битола е еден од четирите големи градови за чие население стојат на располагање бесплатни еко инвертери за греење во домаќинствата. До 1000 евра ваучер за секое семејство кое ќе се одлучи да се грее на клима инвертер, а во исто време ќе се откаже од загревање на тврдо или фосилно гориво што загадува. Изразувам уште еднаш благодарност за Електрани на Северна Македонија за поддршката во реализација на оваа мерка, со која влијаеме врз изворите на загадување и со која го штитиме здравјето на граѓаните.

Влогот во населението е влог во човечкиот капитал, почитувани министри и градоначалници. Затоа сме посветени да оставиме градби, објекти и институции кои им служат на граѓаните. Притоа особено вложуваме и во децата. На таа тема, сакам да ги издвојам инвестициите во градинките во Кривогаштани, Кравари, Новаци, Прилеп и Ресен. И она за што сме особено среќни – трансформацијата на домот за доенчиња и мали деца во Битола во пет мали групни домови со што пред време го финализираме процесот на вадење на децата од институциите и нивно сместување во подобри услови во мали домови, со индивидуален пристап кон секое дете.

Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Битола и на Пелагонија за соработката во сите проекти кои тука се реализираат и да најавам дека вложувањето во овој регион ќе продолжи со уште поголем интензитет – ќе направиме се што е потребно граѓаните и младите да ја видат својата шанса во своето место, да имаат мотивација за ангажман, преку соодветно работно место и достоинствена плата.

Им благодарам и на министрите и на градоначалниците за нивните секојдневни напори и за проектите кои заеднички ги реализираме во Пелагонија, се наведува во соопштението од Владата.

Невиден сообраќаен колапс во Белград – И Вучиќ загрижен поради штрајкот на таксистите (ВИДЕО)

Денеска , на 11. ден од протестите на таксистите, Белград беше целосно блокиран и тоа во време на попладневниот шпиц од 14 до 17 часот.

Протестите се организираат од крајот на септември затоа што, како што изјавија, државата не го спроведува законот против „компании и здруженија кои нелегално преку апликации вршат такси превоз“, објавено е на Фејсбук страницата на Стопанската комора на Србија.

Стотици граѓани денеска попусто стоеја на постојките за автобуси, тролејбуси и трамваи, бидејќи во тоа време беше блокиран јавниот превоз. Крстосниците беа целосно блокирани и луѓето седеа беспомошно во своите автомобили. Пријавени биле и низа инциденти на улиците и уапсени се неколку мажи кои по жестока вербална пресметка стигнале до тепачка и болница, пренесува „Блиц“. Еден од нив е, наводно, бил таксист.

Голем број полицајци биле присутни на улиците, но очајните и лути граѓани во еден момент го блокираа протестот на таксистите. Протестот заврши непосредно пред 17 часот кога таксистите најавија уште една блокада на улиците.  

Реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи дека сериозна држава не носи одлуки под притисок и ги повика таксистите да се смират и да разговараат со надлежните.

- Разговаравме со нив дека сите добиваат исти бои, дека државата помага, да им се обноват автомобилите, да уживаат луѓето, да можат да ја видат и препознаат прекрасната такси-служба каква што ја има во Мадрид, влеговме во разговори да даваме субвенции и да видиме како да помогнеме дури и при плаќање данок и изнаоѓање различни решенија, но и тие да ни помогнат и да ја сфатат државата - рече Вучиќ.

Владата вечерва заседава во Битола

Во Битола вечерва Владата на Република Северна Македонија ја одржува 159. редовна седница на која учествуваат министрите и градоначалниците на општините во пелагонискиот регион.

Во наредниот период, еднаш месечно и во различни региони ќе се одржуваат владини седници затоа што сакаме да бидеме уште поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа, истакна премиерот Зоран Заев пред почетокот на владината седница.

-На оваа седница приоритет ќе дадеме на информациите и одлуките за проектите од непосреден интерес на граѓаните на пелагониските општини. Министрите ќе реферираат за ресорните проекти кои се однесуваат на овој регион, а градоначалниците низ инклузивен однос ќе поставуваат прашања и ќе ги истакнат своите предлози, проекти и нови иницијативи со кои ќе продолжиме заеднички да го подобруваме животот на граѓаните. Покрај дискусиите кои се однесуваат на проектите од пелагонискиот регион, вечерва очекувам да донесеме и други одлуки, како што е одлуката за склучување договори за доделување финансиска поддршка за 166 компании од државата преку програмата и планот за економски раст. Владата ќе поддржи инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјишта, а финансиската поддршка од оваа програма преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се доделува на реализирани почетни или дополнителни неопходни за дејноста проекти, до 10 проценти од реализираната инвестиција и не повеќе од еден милион евра по проект, изјави премиерот Заев.

Уверен сум, додаде тој, дека на овој начин на дејствување на централната власт од различни региони уште повеќе ќе го поддржиме процесот на децентрализација обезбедувајќи директен контакт со локалните самоуправи и со граѓаните. Оваа Влада, потенцира премиерот, е на граѓните и продолжува да функционира во нивно име.

Во име на пелагониските градоначалници и како претседател на Советот за развој на пелагонискиот плански регион, градоначалничката Наташа Петровска истакна дека оваа Влада за разлика од сите претходни покажува отвореност кон општините и посветеност кон граѓаните и нивните потреби.

Владината седница е во тек.

притисни ентер