Со измените во системскиот Закон за одбрана, одлуката за НАТО операции ќе ја носи Владата

Влегуваме во последната фаза на ратификации на протоколот за наше полноправно членство во НАТО и во фазата на последни чекори пред нашето исполнување на обврските, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Со измените во Законот за одбрана како држава покажуваме дека веќе не сме сами и оти од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на одбрана во кој нападот на која било членка на НАТО, значи напад на сите и значи дека сите би се мобилизирале за помош.

– Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции, информира Шекеринска на денешниот брифинг со новинарите.

Најголемата промена во Законот за одбрана се состои во тоа дека одлуката за учество во операции на НАТО ќе ја носи Владата, а секоја година ќе поднесува целосен извештај за учество во сите операции до Собранието. Сите останати мисии од типот на ОН, учество во мисии на ЕУ, појасни таа, остануваат и понатаму да се одлучуваат по сегашната постапка. Тие се предлог на Влада, а понатаму стануваат точка на дневен ред и на Собранието.

Во Законот се предвидува и можни учества во мисии не само на припадници на Армијата, туку и на луѓе од целиот одбранбен сектор. Така на пример се отвора можност и лекар, кој доброволно би се пријавил од резервниот состав со дополнителна обука да може да отиде во мисија. Со измените се прецизира и правичната етничка застапеност, но уште поважно првпат се води сметка и за родовата перспектива, но и за модерните безбедносни закани како што е критичната инфраструктура.

Инаку, Законот за одбрана е системски и се носи со двотретинско мнозинство. Во таа насока, информира Шекеринска, со најголемиот дел од пратеничките групи во Собранието веќе комуницирале на оваа тема и следната недела кога треба да почне расправата по ова прашање, таа очекува плодна дебата, широк консензус и двотретинско мнозинство.

– Нашата држава стигна до овде, да биде на крај на ратификациониот процес. Ја добивме поканата во 2017 година заради тоа што покажавме дека тоа што ќе го ветиме го исполнуваме и дека сме партнер на кој можат да се потпрат. Немаше ниту една најава и ниту една обврска која што ја преземавме, а досега да не покажеме дека имаме капацитет како држава да ја реализираме. Сакам и оваа законодавна обврска целосно да ја завршиме пред Самитот во Лондон и убедена сум дека и на тој начин ќе го изградиме впечатокот дека нашата држава е кредибилен партнер на НАТО, истакна министерката за одбрана.

Не сме најголемата, не сме најбогатата членка, ќе бидеме најновата членка на НАТО, потенцира Шекеринска, но верувајте дека во изминатата година успеавме да го промениме ликот, имиџот и впечатокот за сите наши институции, дека не даваме нереални ветувања, никого не лажеме, никого не го манипулираме и оти имаме капацитет да седнеме на маса со најмоќните и најбогатите држави во светот.

На брифингот со новинарите Шекеринска најави континунирано зголемување на буџетот за одбраната согласно НАТО стандардите, но и зоглемување на процентот на средствата наменети за модернизација на опремата за Армијата и за инфраструктурните објекти. Најави дека до крајот на годината треба да биде потпишан договор меѓу владите на нашата држава и на САД  во вредност од 150 милиони американски долари за модернизација, плус 30 милиони американски долари донација од САД за периодот од 2019 до 2024 година. Во следниот одбранбен буџет планирано е и трикратно зголемување на инвестициите во инфрастрктурните објекти.

Меѓу другото, во рамки на реформскиот процес и средување на состојбите се намалува и бројот на вработени во одбраната и тоа од затекнати 900, за две голдини бројот е намален на 800, од кои само 350 работеле во регионалните канцеларии. Се планира и пакети за пензионирање, со цел да се направи подмладување на војската. Во таа насока, мора да се спомене дека лани и годинава се примени 500 војници, а до крајот на оваа година се очекува да бидат примени уште 125. Се преземаат и мерки за усогласување со Законот за класифицирани информации, за што согласно НАТО обврските, од досегашните 1.500 лица кои имале НАТО безбедносни сертификати, бројот е намален на околу 250. 

Заев на 159-тата седница на Владата во Битола: Влогот во населението е влог во човечкиот капитал

Сакаме да бидеме уште поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа, да ги слушнеме нивните приоритети и потреби.

Од тие причини Владата на Република Северна Македонија својата редовна 159-та седница ја одржува вечерва во зградата на Општина Битола заедно со градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар, истакна претседателот на Владата Зоран Заев, во изјавата за медиумите непосредно пред почетокот на седницата, и додаде дека ова е прва во низата седници што во наредниот период еднаш месечно, ќе се одржуваат во различните региони во државата.

„Во текот на денот, на седницата ѝ претходеа повеќе теренски активности на министрите, замениците министри и на некои од директорите на јавните претпријатија. Денес речиси целата Влада дејствуваше од и во Битола и Пелагонија. И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализационата инфраструктура. Во Пелагонија имаме завршена и тековна рехабилитација и на патната инфраструктура – тука е патот до Прилепското Езеро, патот Битола – Новаци, патот Битола – Демир Хисар, патот Макази – Ресен, како и железничката пруга Битола – Кременица. Сериозно напредуваме и со гасоводот Неготино-Прилеп- Битола, со процент на реализација до 70 отсто.

Во обраќањето на почетокот на седницата, премиерот Заев информираше и за инвестициите во здравството, и ги издвои реновираната итна медицинска помош, вработувањата на медицински кадар,како и инвестициите во  вложено е во реконструкции и во нови апарати.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев зборуваше и за мерката за бесплатни еко инвертери за греење во домаќинствата која во првата фаза ќе ја опфати и Битола.

„До 1000 евра ваучер за секое семејство кое ќе се одлучи да се грее на клима инвертер, а во исто време ќе се откаже од загревање на тврдо или фосилно гориво што загадува. Изразувам уште еднаш благодарност за Електрани на Северна Македонија за поддршката во реализација на оваа мерка, со која влијаеме врз изворите на загадување и со која го штитиме здравјето на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека влогот во населението е влог во човечкиот капитал.

„Затоа сме посветени да оставиме градби, објекти и институции кои им служат на граѓаните. Притоа особено вложуваме и во децата. На таа тема, сакам да ги издвојам инвестициите во градинките во Кривогаштани, Кравари, Новаци, Прилеп и Ресен. И она за што сме особено среќни – трансформацијата на домот за доенчиња и мали деца во Битола во пет мали групни домови со што пред време го финализираме процесот на вадење на децата од институциите и нивно сместување во подобри услови во мали домови, со индивидуален пристап кон секое дете“, потеннцираше премиерот Заев во обраќањето на почетокот на седницата на Владата, која вечерва се одржа во Битола во присуство на градоначалниците од пелагонискиот регион, се наведува во соопштението од Владата.

Заев : Вложувањето во пелагонискиот регион ќе продолжи со уште поголем интензитет во проекти од интерес за граѓаните и младите

Премиерот Зоран Заев денеска претседаваше со 159-тата седница на Владата која што се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.

На седницата присуствуваа, и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

Оваа иницијатива е со цел да бидеме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа. Да бидеме непосредно блиску до нив за да ги слушнеме нивните приоритети и потреби.

Во име на таа цел, на оваа седница, се поканети и градоначалниците од пелагонискиот регион.

Ви благодарам што сте тука вечерва со нас.

Вечерва министрите ќе реферираат за активностите на секој од ресорите во пелагонискиот регион. Знам дека има што да се реферира.

И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализационата инфраструктура. За ова воведно излагање, ќе ги издвојам објектите за отпадни води и фекални води во Битола, како и канализационите мрежи во Долнени, Могила, Големо Коњати, Крушеани.

Во Пелагонија имаме завршена и тековна рехабилитација и на патната инфраструктура – тука е патот до Прилепското Езеро, патот Битола – Новаци, патот Битола – Демир Хисар, патот Макази – Ресен, како и железничката пруга Битола – Кременица. Сериозно напредуваме и со гасоводот Неготино-Прилеп- Битола, со процент на реализација до 70 отсто.

Тука во Битола имаме и сериозни инвестиции во здравството – реновирана е итната медицинска помош, реализирани се повеќе вработувања на медицински кадар, вложено е во реконструкции и во нови апарати. И се разбира, и тука во Пелагонија лековите се достапни во секое населено место, за секој граѓанин, во секој ден од месецот, преку мерката за укинување на квотите за лекови.

Кога сме кај здравјето на граѓаните – токму Битола е еден од четирите големи градови за чие население стојат на располагање бесплатни еко инвертери за греење во домаќинствата. До 1000 евра ваучер за секое семејство кое ќе се одлучи да се грее на клима инвертер, а во исто време ќе се откаже од загревање на тврдо или фосилно гориво што загадува. Изразувам уште еднаш благодарност за Електрани на Северна Македонија за поддршката во реализација на оваа мерка, со која влијаеме врз изворите на загадување и со која го штитиме здравјето на граѓаните.

Влогот во населението е влог во човечкиот капитал, почитувани министри и градоначалници. Затоа сме посветени да оставиме градби, објекти и институции кои им служат на граѓаните. Притоа особено вложуваме и во децата. На таа тема, сакам да ги издвојам инвестициите во градинките во Кривогаштани, Кравари, Новаци, Прилеп и Ресен. И она за што сме особено среќни – трансформацијата на домот за доенчиња и мали деца во Битола во пет мали групни домови со што пред време го финализираме процесот на вадење на децата од институциите и нивно сместување во подобри услови во мали домови, со индивидуален пристап кон секое дете.

Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Битола и на Пелагонија за соработката во сите проекти кои тука се реализираат и да најавам дека вложувањето во овој регион ќе продолжи со уште поголем интензитет – ќе направиме се што е потребно граѓаните и младите да ја видат својата шанса во своето место, да имаат мотивација за ангажман, преку соодветно работно место и достоинствена плата.

Им благодарам и на министрите и на градоначалниците за нивните секојдневни напори и за проектите кои заеднички ги реализираме во Пелагонија, се наведува во соопштението од Владата.

Невиден сообраќаен колапс во Белград – И Вучиќ загрижен поради штрајкот на таксистите (ВИДЕО)

Денеска , на 11. ден од протестите на таксистите, Белград беше целосно блокиран и тоа во време на попладневниот шпиц од 14 до 17 часот.

Протестите се организираат од крајот на септември затоа што, како што изјавија, државата не го спроведува законот против „компании и здруженија кои нелегално преку апликации вршат такси превоз“, објавено е на Фејсбук страницата на Стопанската комора на Србија.

Стотици граѓани денеска попусто стоеја на постојките за автобуси, тролејбуси и трамваи, бидејќи во тоа време беше блокиран јавниот превоз. Крстосниците беа целосно блокирани и луѓето седеа беспомошно во своите автомобили. Пријавени биле и низа инциденти на улиците и уапсени се неколку мажи кои по жестока вербална пресметка стигнале до тепачка и болница, пренесува „Блиц“. Еден од нив е, наводно, бил таксист.

Голем број полицајци биле присутни на улиците, но очајните и лути граѓани во еден момент го блокираа протестот на таксистите. Протестот заврши непосредно пред 17 часот кога таксистите најавија уште една блокада на улиците.  

Реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи дека сериозна држава не носи одлуки под притисок и ги повика таксистите да се смират и да разговараат со надлежните.

- Разговаравме со нив дека сите добиваат исти бои, дека државата помага, да им се обноват автомобилите, да уживаат луѓето, да можат да ја видат и препознаат прекрасната такси-служба каква што ја има во Мадрид, влеговме во разговори да даваме субвенции и да видиме како да помогнеме дури и при плаќање данок и изнаоѓање различни решенија, но и тие да ни помогнат и да ја сфатат државата - рече Вучиќ.

притисни ентер