Град Скопје и централниот регистар без заеднички јазик за депонијата Дрисла

Каков е статусот на Дрисла – одговор на прашањето се уште нема. 

Градоначалникот Петре Шилегов потврди дека приближување на ставовите со Централниот регистар нема, откако претходно Градот побара Дрисла да биде Јавно претпријатие, а од Регистарот одговорија дека тоа е законски невозможно.

Шилегов неодамна најави и тужби за лица од Централен Регистар, а денеска нагласи дека Град Скопје го завршил својот дел од обврските.

Директорката на Регистарот, Марија Бошковска Јанковски, за Канал 5 вели дека не ја видела најновата изјава на Шилегов. Вчера, пак,  нагласи дека не постои законска можност Дрисла да биде Јавно претпријатие, освен ако нема таква судска одлука.

-Во член 4 од Законот за јавните претпријатија постои законски основ да се изврши преобразба на јавно претпријатие во Друштво, но не и обратно како што бара градоначалникот. Ниту пак во Законот за трговски друштва се предвидени законски одредби кои дозволуваат преобразба/трансформација од ДОО во ЈП. Централниот регистар не е институција која може да врши поништување на уписи, тоа е работа на судовите.- Марија Бошковска Јанковски – директорка на Централен Регистар.

Додека трае судирот на релација Град Скопје-Централен регистер, со Дрисла се уште управува италијанската ФЦЛ Амбиенте, иако фирмата го изгуби судскиот спор кон крајот на 2017-тата година, кога Управниот суд потврди дека постоеле неправилности во тендерската постапка.

Македонија на 40-то место во светот според грижата за децата

Македонија е рангирана на 40-тото место во светот според грижата за децата, покажуваат податоците од Извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), медицинското списание „Ланцет" и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

Документот насловен „Иднината за децата во светот", почнува со поразително тврдење дека ниту една држава не го заштитува адекватно здравјето на децата, нивното опкружување и нивната иднина.

– Здравјето и иднината на секое дете и млад човек во светски рамки е под закана од влошување на екологијата, климатските промени и експлоатациски маркетиншки практики, кои ги поттикнуваат на конзумација на брза храна, засладени напитоци, алкохол и цигари, се наведува во Извештајот.

Земјите се рангирани според индекс, утврден врз основа на показателите за здравјето и богатството во 180 држави, како и идните закани за благосостојбата на децата, дополнети со податоците за емисиите на штетни гасови.

Како земја која најногу се грижи за децата е посочена Норвешка, а по неа следуваат Јужна Кореа, Холандија, Франција, Ирска, Данска, Јапонија, Белгија, Исланд, Велика Британија, Луксембург и Сингапур. Според извештајот, последнорангирана е Централноафриканската Република.

Од земјите во регионот Словенија е рангиранана 25-то место, Грција на 31-во, Црна Гора на 34-то, Босна и Херцеговина на 38-мо, Бугарија на 45-то, Србија на 48-мо, Турција на 60-то и Романија на 80-то место.

Еспертите што го изработиле Извештајот велат дека најсиромашните држави треба да поминат долг пат, за да обезбедат услови за здрав живот на децата. Од друга страна, богатите земји, ја загрозуваат иднината на сите деца со загадување на природата преку испуштање емисии на штетни гасови, како јаглерод, што доведува до промена на климата и еколошка катастрофа.

Во извештајот се потенцира дека ниту една држава не постигнала добри резултати по параметрите за развој, одржливост и правда за децата. /МИА

Посебна комисија ќе одобрува пасоши за итни потреби

3400 пасоши а над 16 илјади барања.

 Пасошката криза во земјава засега ќе се решава со Комисија во која ќе членува и лекар која ќе утврдува кои граѓани ќе имаат предност да добијат пасош. Новата пратка од 100 илјади пасоши германската Веридос треба да ја испорача на 24 март иако можноста тој рок да се скрати за десет дена не е потврден.

Како опција за привремено решение Чулев го спомна Апостил печатот со кој ќе се продолжи рокот на пасошите и ќе се испрати до другите земји. Но за тоа ќе треба да одлучува Владата. Тој за проблемот со пасошите го обвинува неговиот претходник, сега претседател на техничката Влада Оливер Спасовски. А дали има законски прекршувања во постапката за набавка на обрасци ќе проверува и Обвинителството.

-Во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција од Министерството за внатрешни работи е пристигнато известување по добиени сознанија за незаконско постапување при спроведување на постапка за набавка на документација за лични документи. Известувањето е распределено за постапување кај јавен обвинител кој веднаш презеде активности за расветлување на изнесените наоди.-Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

Чулев одржа прес конференција токму пред државното обвинителство кое го повика да ги провери поништувањата на Владата на неговите распоредувања на вработени во МВР. Вели и дека воопшто не размислува да поднесе оставка а сите пишувања во медиумите ги нарече лажни вести.

Владата минатата недела поништи над 90 решенија за распоредување на работно место што ги донесе техничкиот министер во МВР Чулев.

Македонија под масовен наплив од неидентификувани телефонски повици

Непознати странски броеви утринава разбудија илјадници Македонци.

Добивале повик од различни телефонски броеви, но со ист префикс +881, кој, според информациите, го нема на листата на странски броеви, туку е сателитски мобилен систем, кој  може да се купи преку Амазон и сличните платформи, но чини многу скапо..

На социјалните мрежи граѓаните алармираа за ѕвонењето - но, до сега нема информација колку наседнале на замката, и дали некој одговорил на повикот.

Повиците ги добивале корисни и на двата мобилни оператори.. Од Телеком велат дека целта на повиците од непознати дестинации кон наши корисници е да се генерира непотребен сообраќај.

-За да ги заштитиме корисниците од несакани трошоци, компанијата веднаш превзеде безбедносни мерки, ги блокираше непознатите броеви и го оневозможи бирањето кон овие дестинации. Апелираме корисниците постојано да бидат претпазливи и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви, со цел за да се избегнат злоупотреби и дополнителни непредвидени трошоци. -  велат од Телеком.

Од А1 велат :

-А1 Македонија ги информира корисниците дека во раните утрински часови, во траење од два часа, се случи таканаречен wangiri fraud, вид на измама во телекомуникациите при што измамниците со автоматско бирање генерираат пропуштени повици  и се надеваат дека ќе бидат повикани назад и со тоа преку нивните меѓународни повикувачки броеви ќе може да профитираат.Случајот е веднаш идентификуван, пријавен и преземени се сите мерки за заштита на корисниците. Пропуштените повици во најголема мера се иницирани со повикувачки број од нумерациски опсег на еден сателитски оператор Global Star и од Литванија. Случајот ќе биде пријавен и во меѓународната асоцијација  GSMA до Fraud & Security форум.

Ако корисниците примат ваков повик треба да бидат сигурни дека не се специфично таргетирани туку дека измамниците таретираат случајно избрана низа, листа или ранг на мобилни или фиксни броеви.  Препорачуваме корисниците да не возвраќаат на ваквите меѓународни броеви кои не ги препознаваат. Возвраќањето на пропуштените wangiri повици резултира со наплата , а измамниците тежнеат да генерираат уште повеќе пропуштени повици се со цел корисниците што повеќе да возвраќаат. Ги повикуваме сите корисници кои имаат пропуштено меѓународни повици кои ги имаат горенаведениот опис да не информираат, велат од А1 Македонија.

Ова не е прв ваков напад во земјава. Сличен имаше и пред неколку месеци, кога беа регистрирани повици од телефонски броеви со префикси од Естонија, Литванија и Нигерија.

Упатените објаснуваат дека станува збор за меѓународна измама, позната како „Фишинг“ или „Вангири“, а потекнува од Јапонија.  Функционира на начин што - доколку одговорите на повикот веднаш ве поврзуваат со таканаречени „премиум“ броеви и ве задржуваат што е можно подолго на линија. А колку подолго ве задржат, толку повеќе ќе ве чини повикот – вашата сметка ќе достигне астрономска сума, а тие ќе имаат голема заработка.

Жртви на вакви измами во минативе години во светот беа повеќе земји.

притисни ентер