Шилегов: Очекувам до декември ГЕС да добие лиценца

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов очекува до крајот на ноември или во првата половина од декември, Градски енергетски системи (ГЕС) да ја добие лиценцата за дистрибуција на топлинска енегрија во сисемот за централно греење во Градот.

– Во тек е постапката околу обезбедувањето на финасиската поддршка за работењето на Градски енергетски системи (ГЕС), како еден од условите за добивење на лиценца. Во моментот кога ќе ги завршиме банкарските формалности ќе аплицираме во Регулаторната комисија за енергетика за добивање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија, рече Шилегов во одговор на прашање пред почетокот на свеченоста по повод одбележувањето на патрониот празник на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин" и пуштањето во употреба на фотоволтаична електрана во училишниот објект.

Тој нагласи дека очекува до крајот на ноември или во првата половина на декември ГЕС да ја добие лиценцата. 

Димитров на Состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес во Брисел учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО,кој претставува подготвителен состанок пред декемврискиот НАТО Самит во Лондон.

На состанокот министерот Димитров имаше прилика да ја изнесе важноста која нашата земја му ја придава на членството во НАТО и да ги претстави позициите на Република Северна Македонија по однос на актуелните прашања за единството и безбедноста на трансатлантската заедница. МНР Димитров ја акцентираше посветеноста на нашата држава на темите од клучно значење за Алијансата: праведна распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, концептите на НАТО за одвраќање и одбрана и за проектирање на стабилност, контрибуција во меѓународните операции, справување со неконвенционалните безбедносни закани и др. 

Министерот Димитров изрази задоволство од динамиката и брзината со која се одвиваат националните процедури за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО, со што се исполнуваат заедничките очекувања на нашата земја и на сојузниците дека наскоро и формално ќе станеме членка на Алијансата. Притоа потсети дека речиси дведецениското силно партнерство меѓу нашата земја и НАТО е потврда за нашата детерминација и посветеност кон операциите и мисиите на НАТО, како и за прилагодувањето кон пристапот на НАТО за одговор на заканите во размер од 360 степени.

Никола Димитров на состанокот реафирмираше дека Северна Македонија и како идна земја членка на НАТО ќе продолжи со напорите за развивање на националните капацитети во склад со заедничките способности на НАТО и на линија на политиките и потребите на Алијансата. Министерот укажа дека со влегувањето во НАТО, Северна Македонија ќе придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и ќе демонстрира одлучност во креирање на отпорна безбедносна средина, способна да се соочи со потенцијалните предизвици како во рамки на регионот, така и во поширокиот трансатлантски простор.

Во рамки на работната посета на Брисел, на маргините на состанокот на НАТО, МНР Никола Димитров оствари средби со високи претставници на Алијансата како и со повеќе колеги  министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО: заменик-генерален секретар на НАТО - Мирчеа Џоана, МНР на Франција – Жан Ив Ле Дриан, МНР на Португалија - Аугусто Сантос Силва, МНР на Бугарија – Екатерина Захариева, МНР на Грција – Никос Дендиас, МНР на Луксембург - Жан Аселборн, МНР на Словенија – Миро Церар, МНР на Словачка – Мирослав Лајчак, МНР на Чешка – Томас Петжичек, МНР на Данска – Јепе Кофод, МНР на Полска – Јачек Чапутович и со МНР на Унгарија – Петер Сијарто.

На средбата со Заменикот генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана беше истакната подготвеноста на Алијансата на Самитот во Лондон да ја максимизира видливоста на лидерството, визијата и напорите кои Северна Македонија ги постави за исполнување на НАТО стратешката цел.

И покрај доминатниот фокус на НАТО прашањата, министерот Никола Димитров ја искористи можноста и на овие средби да обезбеди натамошна поддршка за позитивен исчекор и во поглед на нашата европска агенда. Средбата со грчкиот колега Никос Дендиас беше искористена и за подготовка и координација на активностите поврзани со претстојната посета на МНР Дендиас на Скопје, следната недела во вторник на 26 ноември, соопшти МНР.

Мицкоски во Загреб се сретна со Бојко Борисов

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во рамките на конгресот на ЕНП оствари средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, се наведува во партиското соопштение.

Според соопштението ,на средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, односите помеѓу двете држави, но и Европската перспектива на Македонија.

Мицкоски истакна дека членството во Европската Унија е од стратешки интерес за Република Македонија и клучната стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи го ова во предвид тој посочи дека новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ после 12 април, темелно ќе работи на спроведување на структурни реформи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека Македонија се соочува со сериозни проблеми на поле на владеење на правото, висок степен на криминал и корупција во највисоките ешалони на власта како и неказнивоста при случаите на висока корупција. Притоа тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на реформи во правосудниот систем кои ќе го доведат македонското правосудство на ниво на европскиот стандард.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека е за продлабочена соработка базирана на рамноправни основи и взаемно почитување.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Климатските промени до 2050. ќе ја чинат светската економија илјадници милијарди долари

Климатските промени до средината на овој век, глобалната економија би можела директно да ги чини 7 900  милијарди американски долари преку бавен раст и загрозена инфраструктура заради честите суши, поплави и лошите приноси.

Индексот за отпорност на климата го објави  Economist Intelligence Unit (EIU)  и ја мери подготвеноста на 82 најголеми светски економии да се справат со климатските промени. Анализата ја проценува нивната директна изложеност на загуби како резултат на честите екстремни временски прилики што се резултат на овие промени.

Истражувањето покажа дека, според сегашните трендови, глобалната економија ќе има намалена вредност за околу 3 проценти до 2050 година, како резултат на ефектите од затоплувањето.

Аналитичарите пресметале дека со зголемувањето на температурата, глобалната економија ќе достигне 250 000 милијарди американски долари во 2050 година, во однос на  258 000 милијарди американски долари колку што би вредела доколку не би се појавиле негативните влијанија на климата.

Африка, чиј БДП би можел да падне за 4,7 проценти до средината на век, е најголемата закана, според ЕИУ.

Помалку развиените земји обично се помалку флексибилни од побогатите, заклучуваат тие.

САД, најголемата светска економија треба да бидат во групата земји со најмалку лоши последици, велат аналитичарите на ЕИУ, истакнувајќи дека актуелниот претседател Трамп ги потценува активистите против  климатските промени.

БДП на Русија,пак, ќе падне за 5 проценти до 2050 година, а земјата „ќе претрпи потешки последици од повеќето заради негативните ефекти од климатските промени“. Ова е точно дури и ако се земат предвид потенцијалните придобивки од зголемената земјоделска активност, посочуваат во анализата на ЕИУ.

притисни ентер