Израелските иновации го менуваат светот – ќе научиме ли нешто од водечката „стартап-нација"?

 Колку често користите УСБ или влажни марамчиња? Има ли некој што не пробал шери-домати или што не слушнал за стент за срце?

Но, дали сме се прашале од каде доаѓаат овие „производи", кој ги „измислил" и чии пронајдоци се?

Одговорот е – Израел.

Библиската, „света земја" денес е глобален центар за врвна технологија. Со повеќе високотехнолошки стартапи по глава на жител од кое било друго место во светот, Израел има водечка улога во иноваторството.

Од различни практични алатки што значително го подобруваат секојдневното живеење и придонесуваат за заштита на животната средина, преку нано и кибернетски решенија, до футуристички медицински помагала што дијагностицираат болести во моментот. Ова е дијапазонот во кој се движат ултрамодерните „подвизи" на Израел.

Земјата кубури со ресурси. Околу 75 отсто од територијата на државата е пустина. Речиси нема извори на храна, а дискутабилна е и употребливоста на почвата. Од друга страна, и историјата покажала немилосрдност. Го собрала данокот. Шест милиони Евреи се убиени во текот на Втората светска војна.

Но, ништо не е обесхрабрувачки, ниту може да ја наруши амбицијата, желбата за наука, иновации, технолошки развој и напредок. Напротив, уште повеќе ја зголемува и стимулира.

– Во Израел, земјата со многу малку природни ресурси, го откривме најголемиот ресурс: човечкиот капитал, кој е поголемо богатство од кој друг било ресурс на Земјата. Ова е познатата реченица на поранешниот претседател и премиер Шимон Перез, која како неприкосновена матрица се провлекува низ генерациите.

Израел има стартапи во областа на музиката, во одбраната, па дури и во делот на „воспитувањето" деца од основните школи.

Учениците имаат можност во целосно опремени лаборатории, како низ игра, да работат со физичари, инженери, да конструираат роботи, а потоа и интернационално да се натпреваруваат, поттикнувајќи ги и негувајќи ги иноваторските, па и претприемачките вештини.

Еврејската култура (посветеноста) или израелскиот дух (истрајноста), што ја прави „светата земја" една од водечките „стартап-нации" во светот? Веројатно, и едното и другото.

– Инженерирајте ги вашите соништа во реалност и вложувајте во човечки капитал, би ви рекле некои од младите израелски „стартапчии", кои одамна ја научиле лекцијата, а своите сили, наместо дома, „ги мерат" надвор, на пазарите во Европа, Кина и САД.

Ќе имаме ли капацитет да пресликаме некоја од успешните израелски приказни, да научиме нешто повеќе, да ја прифатиме помошта што оваа водечката „стартап-нација" ни ја нуди?

– Ако нејќете да ги миете садовите на Европа, станете иноватори. Ние сме тука да ви помогнеме, порачува израелскиот амбасадор Дан Оријан./МИА.

Во Торонто промоција на книги на Крисанта Јанкула од Мала Преспа

 Во организација на литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, Канада, одржана е промоција на  три книги на наставничката по македонски јазик Крисанта Јанкула од Горна Горица, Мала Преспа, Албанија, јави весникот „Македониум“.

Станува збор за „Записи од мојот крај“, „Преспа под Албанија, Божја убавина“ и „Поезија и проза од мојот крај“.

Според весникот, промоцијата побудила голем интерес и внимание од македонската заедница во Торонто.

- Не можам да го опишам големо задоволство што сум меѓу Македонците во Канада. Горда сум што во текот на целиот мој работен век, но и сега со целото мое битие се залагам за заштита на мајчиниот македонски јазик, идентитет и традиции, рече таа на промоцијата.

Додаде дека записите од Преспа почнала да ги собира со цел традициите на Македонците да останат во наследство на другите генерации.

- Во мојата работа, голема помош имав и од моите ученици, кои помогнаа во прибирањето на метеријалот со изкази на нивните дедовци и баби, посочи таа.

Се до пензионирањето, Јанкула, наставник по македонски јазик, била во деветтолетката „Отпорот на Горичаните“ во Долна Горица, каде во одреден период била и директор.

Гризман се враќа на тренинзите во Атлетико Мадрид

Напаѓачот Антоан Гризман се врати на тренинзите со Атлетико Мадрид, објави „Marca“.

Триесет и двегодишниот Французин поради повреда ги пропушти мартовските натпревари на неговата репрезентација. За прв пат по 2017 година Гризман не играше за „триколорите“.

Оваа сезона Гризман одигра 38 натпревари на кои постигна 19 голови и имаше 7 асистенции.

Договорот на Французинот со Атлетико Мадрид е до крајот на јуни 2026 година.

Вулканот Ибу во централна Индонезија повторно исфрли пепел во висина од два километри

 Повторно е регистрирана ерупција на вулканот Ибу во провинцијата Северно Малуку во централна Индонезија, јавија индонезиските медиуми.

Вулканот исфрли пепел во висина околу два километри. Претходната ерупција беше на 26 март.

Локалните власти им забранија на жителите од регионот да се приближуваат до кратерот на растојание помало од два километри и ги повикаа луѓето да носат заштитни маски за да спречат респираторни заболувања.

Индонезискиот архипелаг, кој е најголем во светот, се состои од 18 илјади острови. Се наоѓа во таканаречениот огнен прстен на Пацификот, па во регионот е забележана силна сеизмичка активност. Во Индонезија има повеќе од 500 вулкани, од кои 130 се активни.

притисни ентер