„Медена земја" и работилница со авторите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов денеска на „Киненова"

Вториот ден од фестивалската програма на „Киненова" почнува со работилница на тема „Како со идеја до прв долгометражен филм", на која предавачи ќе бидат Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, автори на филмот „Медена земја".

Работилницата ќе се одржи денеска напладне во Кинотека, влезот е слободен.

Во 18 часот е проекцијата на хрватскиот филм „Алекси", режија и сценарио Барбара Векариќ. Филмот е дел од официјалната селекција и ја раскажува приказната за Алекси, 28-годишна девојка која ги игнорира своите обврски и се впушта во различни животни експерименти. Штотуку вратена од Берлин на имотот на нејзините родители во Далмација, таа се бара себеси низ познатата животна максима „секс, дрога и рокенрол". Низ прекрасна фотографија и одлични сценаристички решенија, филмот на Векариќ ни ја прикажува новата хрватска кинематографија во поинакво светло, feel good приказна за една „шминкерка" која растргната меѓу три интересни мажи на различни возрасти, само навидум не знае што сака.

Следува проекцијата на „Медена земја", македонскиот кандидат за „Оскар" на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, закажана за 20 часот во Кинотека.  

Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да и' ја преземе трговијата со мед. Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја" не' опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време, конечно фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет.

И денот ќе го заокружи проекцијата во 22 часот на уште еден филм од официјалната селекција. Станува збор за филмот „Љубовен автомобил",сценарио и режија: Елкe Маргарете Леренкраус.

Додека се враќала со автомобил кон дома некаде на северот на рурална Германија, авторката на филмов крај патот ги гледала старите каравани украсени со кичести светла во кои се практикува најстариот занает на светот тука, крај автопатот. Гротескната слика авторката не можела никако да ја извади од главата, и решила да им даде глас на жените кои усреќиле многумина во ноќите исполнети со блуд и разврат. Проститутки од Источна Европа и Африка се обидуваат да преживеат во суровиот свет во кој секоја од нив има своја причина и приказна, се' додека една од нив не биде брутално убиена. Ова е филм за микрокосмосот кој го опишува општеството пред самиот завршеток на глобализираниот капитализам.

Основците од Карпош ќе отворат новинарски клуб и ќе изработуваат училишни веб страници

Во рамки на денешната 36. седница, советниците од општина Карпош ги изгласаа сите предлог – Одлуки со кои се одобруваат финансиски средства за проекти од областа на образованието, локалниот економски развој и  рамноправниот пристап на жените.

Како што соопштуваат од општина Карпош, здружението „Профицио“ ќе го реализира проектот „Основи на веб програмирање и изработка на веб сајт“, во кој ќе биде инволвирана одредена група на осмоодделенци од сите училишта во Карпош. Покрај тоа што ќе се стекнат со основите на HTML, CSS и веб програмирањето, основците со помош на професионалци ќе изработат информативен веб сајт за училиштето од кое доаѓаат, којшто потоа ќе остане во негово владение.

Советниците гласаа позитивно за проектот на Центарот за поддршка и креативен развој, со кој десетина ученици од осмо и девето одделение ќе се запознаат со новинарските техники преку четиримесечна обука, која опфаќа формирање на новинарски клуб од основните училишта од општина Карпош. Притоа, основците ќе учествуваат во  подготовка на весник, печатење и негова промоција. Во проектот ќе бидат вклучени и наставници по македонски јазик и општествени науки.

Локалната самоуправа обезбеди средства за  проектот „Второ семејство“, кој ќе го реализира Здружението за заштита на правата на децата - „Поврзани“. Се работи за специфичен пристап кон основците, во рамки на училишната паралелка - како второ семејство, која на еден начин треба да претставува безбеден микросистем на интеракции во воспитно – образовниот процес. Во таа насока ќе се организираат повеќе училишни работилници, каде ќе се воспостават воспитни вредности за градење на меѓуврсничка соработка и поддршка на ранливата категорија на ученици (пр.во случај на попреченост, развод и сл.), преку вклучување на инклузивни содржини.

Здружението за едукативно – креативна детска работилница „Играј и учи“, ќе го спроведе проектот за подигнување на свеста за животната средина преку уметност, театар и раскажување на приказни – „Еко театар“. Со него ќе бидат опфатени 180 деца од шесто до девето одделение, во девет основни училишта од општина Карпош. Основците ќе се запознаат детално со екологијата, глобалното затоплување, рециклирањето и одржувањето на здравата околина.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за проектот на невладината DFCCA (Drive for colon cancer awarnes), која ќе организира еднодневен настан за собирање на средства, кои потоа ќе бидат наменети за кампања за борба против ракот на дебелото црево и малигнитетот кај децата.

Од областа на локалниот економски развој, советниците од Карпош дадоа поддршка и за проектот на „Центарот за поддршка и креативен развој“, кој подразбира стручна обука на 12 жени – жителки на Карпош, за започнување на сопствен бизнис. Станува збор за жени од ранливи категории кои се наоѓаат во потешка социо – материјална состојба, кои со помош на искусни обучувачи и експерти, треба да ги осознаат правните и економските принципи на водењето бизнис.

Со одлука на Советот, едукативниот центар „Идеа“ ќе добие финансиски средства за реализација на проектот „И жените можат“, чија стратешка цел е да се зголеми нивото на вработеност  на жените од сите делови на општина Карпош. Во рамки на проектот ќе се спроведе и истражување на цела територија на локалната самоуправа, кое ќе се движи во насока кон добивање на конкретни анализи за потребите на три целни групи на жени.

На седницата беше усвоен и Годишниот Извештај за работа на полициската станица „Карпош“ за 2019 година, се наведува во соопштението од општина Карпош.

Алијанса за Албанците и Алтернатива ја официјализираат коалиција

Алијанса за Албанците и Алтернатива, утре официјално ќе го потпишат договор за коалиција за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. 

Во соопштението на Алијанса за Албанците, се вели дека договорот за соработка ќе биде потпишан откако двете парти се согласиле заеднички да учествуваат во изборите што следат.

Свеченоста за потпишување ќе биде проследена со прес-конференција на која ќе се обратат Зијадин Села и Африм Гаши во Холидеј Ин. По потпишувањето, двајцата претседатели и другите членови на партијата ќе се сретнат со граѓаните во скопската чаршија. 

Жбогар очекува фер избори, а изборната кампања да се фокусира на реалните прашања

Европската комисија неодамна уште еднаш ја повтори нејзината препорака и нејзиното убедување дека е време да се отворат преговори со вашата земја, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар при денешната негова прва посета на Пробиштип.

Тој забележа дека минатиот октомври земјите членки на ЕУ побараа нова методологија, односно нов процес на отварање на преговори со земјите кои бараат да влезат во ЕУ.

-Во тој конктекст Европската комисија изготви документ, којшто сега е во процес на дискусија меѓу земјите членки на ЕУ. Ние се надеваме дека и тој услов или предуслов или таа патна препрека наскоро ќе може да биде тргната се со цел за да можеме понатаму да земјите членки отвараат или да дадат датум за преговори, рече Жбогар.

Прашан што  Македонија треба да направи за да влезе во ЕУ,  Жбогар истакна дека има уште работи коишто земјата треба да ги испоарача.

-Има многу работи кои вашата земја треба да ги испорача и токму поради таа причина постои процес на проширување и во овој момент не може да влезете во ЕУ. Прво би требало вашата економија, вашето општество, животна средина и државни институции сите да се подготват за да влез во ЕУ и токму поради тоа постои процес на преговори со цел да се подготвите. Со еден збор вашата земја треба да ги имплементира стандардите на ЕУ, кажа Жбогар.

Прашан како гледа на изборниот процес, којшто претстои во Македонија, Жбогар со одговор дека очекува да се спроведат фер и демократски избори, како и до сега.

-Собранието само што се распушти и какошто вие рековте веќе влегуваме во изборен период. Тоа што сите го видовме во текот на минатите избори, било тие да се за претседателски или парламентарни избори, на некој начин ги крена очекувањата многу високо. Затоа што сите тие беа спроведени на перфектен, соврешен начин, ние како Европската унија не очекуваме ништо помалку, па ниту подолу од тие очекувања, односно од начинот какошто беа спроведени минатите избори. Ние се надеваме дека овие избори ќе бидат слободни, и дека ќе бидат фер, вели Жбогар.

Тој рече дека очекува изборната кампања да се фокусира на реалните прашања, за коишто денеска и разговарал со младите во Пробиштип, а поврзани со образованието, здравството, миграцијата, а политичките прашања помалку да доминираат.

-Така да ние како ЕУ се надеваме дека острата реторика меѓу политичките партии ќе се намали и оти политичарите ќе можат конечно да се фокусираат на прашања или на реални резултати да можат да ги испорачаат за своите граѓани, вели Жбогар. /МИА

притисни ентер