Румен Радев: Бугарија да изгради национален став за Македонија - Канал 5

Румен Радев: Бугарија да изгради национален став за Македонија

Пристапувањето на Република Македонија во НАТО и Европската унија е важен чекор со кој се гарантира мирот, стабилноста и одржливиот развој и просперитет на Југоисточна Европа.

Румен Радев: Бугарија да изгради национален став за  Македонија

Бугарија отсекогаш принципиелно ја поддржуваше европската и евроатлантската перспективи на Република Македонија. Да не заборавиме дека ние сме првите што ја признавме независноста на таа земја, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев.

На консултативната средба, која се одржа на иницијатива на Радев, а на која беа присутни бугарскиот премиер Бојко Борисов, вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов се разгледуваа односите на Бугарија со Република Македонија во контекст на евентуална одлука на ЕУ за почеток на преговори со официјално Скопје.

Со очекуваната препорака на ЕУ во октомври да започне преговори со Република Македонија, учесниците на денешната средба постигнаа принципелна согласност дека е потребно итно дејствување за да се изгради национален став со јасни барања и критериуми, кои ќе ги заштитат бугарските национални интереси, истакна Радев.

– Тие барања и критериуми треба да бидат дел од рамката за преговори и треба да станат предуслов за пристапување на Република Македонија во Европската унија. Бугарската влада е посветена на формулирање јасни крајни цели што треба да се постигнат пред завршувањето на преговарачкиот процес за членство на Република Македонија во Европската унија. И, исто така, специфични привремени цели што треба да се решат во секоја последователна фаза на овој процес на преговарање, со јасни одредници. Таквиот став треба да се претстави пред бугарскиот парламент., за тој да биде свесен за тоа, рече Радев.

Тој додаде дека особено внимание треба да се посвети на наставните планови, учебниците, натписи во музеи и плакети, како и ставовите на јавните медиуми. Постигнување на европско добрососедство мора да биде основниот критериум за успешен процес на преговори, оцени Радев.

Бугарскиот претседател смета дека треба да бидат поставени „црвени линии" кои ќе гарантираат дека европската интеграција на Република Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет, пренесува БГНЕС. Тој оценува дека е потребно на самиот почеток на преговарачкиот процес отворено да бидат поставени услови, од кои ќе зависи преминувањето во следната етапа од преговарачкиот процес.

– Една таква отворена, фер и конструктивна позиција не само што ќе го заштити бугарскиот национален интерес, туку ќе биде од корист и за Европската унија, затоа што нема да дозволи внесување на меѓусоседски проблеми во европското семејство и ќе ја покаже зрелоста и одговорноста на Бугарија за стабилноста на Унијата. Исто така, ќе биде од особена корист за самата Република Македонија, бидејќи јасно ќе воведе европски критериуми и одржливост на процесот на европска интеграција, рече бугарскиот претседател.

Радев информира дека на денешната средба било дискутирано и за „ер полисинг" на воздушниот простор на Република Македонија.

– Имаме принципиелна согласност дека бугарската влада ќе ги искористи сите механизми во рамките на НАТО, како и дијалог со нашите партнери, така што ќе го преземе својот дел од одговорноста и ќе се вклучиме во таквите дежурства на ротациона основа. Имаме и средства и можности да го сториме тоа… Ова ќе ја покаже конструктивната и одговорна улога на Република Бугарија на регионален и сојузнички план, заклучи бугарскиот претседател по денешната консултативна средба.

„Ер Полисинг" е мирнодобска задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили за заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.

Бред Пит возеше формула 1 болид

Холивудскиот актер Бред Пит, чиј нов филм за Формула 1 ќе има премиера следната недела, го оствари својот сон да вози болид од Формула 1 откако тестираше возило на Мекларен на патеката во Остин.

Бред Пит возеше формула 1 болид

Актуелниот светски шампион во конкуренција на конструктори Мекларен потврди денеска дека познатиот актер го возел моделот „Мекларен МЦЛ60“ произведен во 2023 година на патеката во Тексас во четвртокот.

Медиумите известуваат дека британскиот тим спроведувал приватен тест со редовниот возач на Формула 1, Ландо Норис, и возачот на Формула 2, Алекс Дан.

Тоа беше прв пат 61-годишниот Пит, кој го игра измислениот возач Сони Хејс во филмот „Формула 1„ на „Епл““, да вози вистински болид од Формула 1 на патека.

Автомобилите што се користеа во снимањето на филмот беа автомобили од Формула 2, модифицирани од Мерцедес за да изгледаат како вистински автомобили од Формула 1 што се натпреваруваат на гран- при трките.

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој е копродуцент на филмот, рече дека Пит покажал вистинска брзина додека го тестирал автомобилот Ф2.

„Да се гледа како Бред вози со брзина поголема од 290 километри на час беше навистина импресивно бидејќи тоа не е нешто што може да се научи преку ноќ“, рече Хамилтон.

Синер во музички проект со Бочели

Најдобриот светски тенисер, Италијанецот Јаник Синер учествуваше во најновиот музички проект на прославениот оперски пејач и негов сонародник Андреа Бочели.

Синер во музички проект со Бочели

Во песната насловена „Polvere e Gloria“ (Прашина и слава), Синер не пее, туку рецитира на англиски јазик делови од своите говори одржани по најголемите победи во неговата кариера.

„Ќе има многу први места во нашите животи, само треба да бидете свои“, рецитира актуелниот шампион на Австралија Опен и неодамнешен финалист на Ролан Гарос, додека во позадина свири емотивна лирска музика.

„Ми претставува чест и задоволство што сум дел од овој проект со Андреа. Никогаш не можев да замислам дека ќе го слушнам својот глас во една од неговите песни, тоа е силна емоција“, рече Синер, кој зад себе има 19 АТП трофеи, вклучувајќи и три грен слем титули.

Бочели, кој има продадено повеќе од 70 милиони албуми, го опиша овој проект како „ода на упорноста и благородноста на секојдневниот труд, кој секој неизвесен чекор го претвора во дел од нешто поголемо“.

Санто уште три години на клупата на Нотингем Форест

Тренерот на Нотингем Форест, Нуно Еспирито Санто, потпиша нов тригодишен договор, објави англискиот прволигаш.

Санто уште три години на клупата на Нотингем Форест

Португалскиот стратег седна на клупата на Форест во 2023 година.

Во својата прва сезона, му обезбеди опстанок на клубот во Премиер лигата, а изминатата сезона го водеше тимот до седмото место и нивно прво учество во европските купови од сезоната 1995/96.

„Воодушевен сум што можам да го продолжиме нашето патување во овој фантастичен фудбалски клуб. Откако пристигнавме во Форест, работевме исклучително напорно за да создадеме посебна врска меѓу играчите, навивачите и сите во клубот, што ни помогна да постигнеме големи работи минатата сезона“, рече Санто. /МИА

притисни ентер