Отворен патот за старт на преговорите со ЕУ, законот за ЈО не е услов

Патот за старт на преговорите на земјава за членство во Европската Унија полека се отвора. 

Германскиот Бундестаг и одобри на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори, а позитивни сигнали доаѓаат од Франција, по изјавата на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние кој изрази очекување за зелено светло и од претседателот Емануаел Макрон. Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека е добро што донесувањето на законот за јавно обвинителство, на што се работи, не е поставено како услов, туку што и за власта и за Европската Комисија не е најважно самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

Пратениците во германскиот Бундестаг со големо мнозинство и одобрија на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. Во делот за земјава владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани и се додава дека мора да се преземат дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја поздрави одлуката на Бундестагот да даде зелено светло за старт на преговорите за членство на Македонија и на Албанија во ЕУ, и оцени дека поддршката е важен сигнал кој го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ и оти реформите се ценат.

Гласањето го поздрави и комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Јоханес Хан.

– Го поздравувам денешното гласање на германскиот Бундестаг за почнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ!, напиша еврокомесарот Хан на Твитер.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека одлуката што ќе биде донесена во октомври зависи како ќе бидат решени некои кризи и ситуации во регионот.

-Има некои ситуации во регионот, вклучувајќи ја и таа меѓу Косово и Србија. Мислам дека одлуката во октомври во иднина ќе влијае и на тие проблеми. Сакам да кажам дека регионот е поврзан, никој не е целосно независен. Успехот на една држава има влијание врз успехот на друга држава и обратно, изјави тој во интервју за ТВ Алфа. Во однос на СЈО, Жбогар посочи дека неговата работа и случаи мора да продолжи преку регуларните обвинителства.

Поддршка и зелено светло за почеток на пристапни преговори и од претседателот на Франција Емануел Макрон очекува францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.

– Ние го очекуваме зеленото светло од нашиот претседател на Републиката. Како и секогаш, ние многу споделуваме со нашите германски партнери за оваа тема. Имаме добар став кон вашата земја и кон сите напори што таа ги направи на регионален план. Ние, Французите и Германците многу добро знаеме дека треба уште многу, многу работа за реформите што се на хартија да станат реформи во реалност. Ќе направиме еден убав коктел меѓу реалноста и она што значи добар прием. Реалноста која треба да се поправи и дополни и секако она што ние го очекуваме, а тоа е добар прием од наша страна, изјави Тимоние.

Државниот врв преку социјалните мрежи ја поздрави одлуката на германскиот Буднестаг кој гласаше за отворање на преговорите на нашата држава со Европската Унија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Твитер профил се заблагодари за поддршката од Бундестагот. – Danke Deutschland. Со големо мнозинство гласови „за" пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, напиша Пендаровски на Твитер.

Премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, на својот Фејсбук профил заблагодарувајќи му се на Бундестагот оцени дека ова е голем поттик да продолжиме да работиме уште повеќе.

– Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел, напиша Заев на Фејсбук.

Вицепремиерката Шекеринска за МИА вели дека се прави сѐ за да биде донесен законот за јавното обвинителство, но дека она што е најважно и за власта и за Европската Комисија не е самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

-Самата Европска Комисија инсистираше на многу мудар „речник". Тие никогаш не се фокусираа на законот, туку се фокусираа на резултатите. А резултатите значеа дека мора да завршат не само истрагите и судските предмети, туку мора да се обезбеди да има одговорност за сите кривични дела коишто биле направени. И затоа фокусот беше делата, предметите, судските постапки, а не само проформа законот. Европската Комисија долго време ни ја праќа пораката немојте да мислите дека нам ни е целта само нов закон, изјави министерката за одбрана која учествуваше на Форумот за поврзаност на Европската Комисија.

Шекеринска уверува дека преговорите за законот со опозицијата ќе продолжи и таа изрази надеж дека опозициската партија ќе престане да биде „заложник на криминалот и корупцијата од минатото". /МИА

Венеција почнува да наплаќа влезници за еднодневните посети

Од четврток, Вeнеција ќе почне да им наплаќа влез во градот на еднодневните патници, што е прв ваков случај во светот. 

Градското собрание на Венеција, минатата година соопшти дека ќе почне примена на целосно нова такса од пет евра за туристите кои доаѓаат на посета само за еден ден. Давачката, чија имплементација се одложува неколкупати, ги таргетира само туристите кои влегуваат во стариот дел од 8:30 до 16:00 часот по локално време, соопштија градските власти, појаснувајќи дека целта е да се подобри квалитетот на животот во градот. Потенцијалните казни за непочитување се од 50 до 300 евра. За деца до 14-годишна возраст нема да се плаќа таква такса.

Тајланд сака да биде домаќин на трка во Формула 1

Тајланд сака да биде домаќин на трка во Формула 1, изјави тајландскиот премиер Срета Тависин, кој денеска оствари средба со шефот на Ф1, Стефано Доменикали.

„Тајланд има капацитет да биде домаќин на Формула 1 во Бангкок“, напиша шефот на владата на социјалната мреќа Икс, по разговорите во Бангкок.

„Ако го направиме тоа, сигурен сум дека нашата земја ќе остави неверојатни спомени за другите, бидејќи имаме добар потенцијал, капацитет и гостопримство“, наведе Тависин.

Владиниот портпарол, цитиран од локалните медиуми, рече дека трката би се организира низ улиците на стариот дел на Бангкок, познат по големиот сообраќаен метеж и проблемите со инфраструктурата.

Тајланд е домаќин на трка во Светскиот шампионат во Мото ГП која секоја година се одржува во Бурирам, сиромашен, рурален регион на повеќе од пет часа возење од главниот град. /МИА

За една недела во Грција се уапсени 379 лица за семејно насилство

Минатата седмица грчката полиција уапсила 379 лица по поднесени пријави за семејно насилство, а 23 жртви биле пренесени во центрите за згрижување, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерството за заштита на граѓаните на Грција информираше за резултатите од спроведувањето на новиот план на полицијата за справување со криминал, семејно насилство и врсничко насилство.

Согласно неделниот извештај, во периодот од 15 до 21 април, полицијата примила 1.025 повици за семејно насилство, а на 81 жена – жртва на насилство ѝ била инсталирана специјалната апликација за помош „Panic Button“ на грчката полиција .

Биле пријавени 633 случаи на семејно насилство, при што биле уапсени 379 лица, а 23 жртви на насилство биле пренесени на безбедни локации.

Во однос на малолетничката деликвенција и врсничкото насилство биле извршени проверки на 6.004 лица, од нив 344 биле приведени, а 160 уапсени и биле потврдени 270 прекршоци.

притисни ентер