Нови рочишта за „Таргет Тврдина" и „Транспортер"

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Таргет Тврдина" и „Транспортер на СЈО, кои што ги презема во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет Тврдина" се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е Ленче Ристевска.

Советот на јавни обвинители на 16 септември донесе одлука со која обвинителката Ристевска беше разрешена од СЈО и вратена во матичното ОЈО Скопје. Ристевска, минатата недела го застапуваше предметот „Талир 2", при што до судот приложи решение од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Минатото рочиште за „Таргет Тврдина" беше одложено поради отсуство на сведокот Зоран Верушевски предложен од обвинителството.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Рочиште денеска е закажано и за предметот „Транспортер", во кој поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Трајче Пеливанов.

Советот на јавни обвинители на 16 септември донесе одлука со која обвинителот Пеливанов беше разрешен од СЈО и вратен во матичното ОЈО Скопје.

Минатото рочиште за предметот беше одложено, со цел да се остави доволно време да се разреши ситуацијата со СЈО./МИА

Зеленски побара Конгресот на САД да ја деблокира помошта за Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски побара од претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон за „брзо усвојување“ на огромната „витална“ воена помош.

- Го информирав Џонсон за ситуацијата на бојното поле, посебно за драматичниот пораст на рускиот воздушен терор, истакна Зеленски по телефонскиот разговор со американскиот висок претставник

Зеленски истакна дека американската воена помош за Украина е од витално значење.

Американската помош од 60 милиони долари е блокирана во Конгресот од минатата година од страна на републиканците. Џонсон, кој одредува кои нацрт-закони ќе бидат ставени на гласање во Претставничкиот дом, неодамна изјави дека ги испитува начините како да и помогне на Украина, додека Сенатот веќе одобри помош од 60 милијарди долари.

На 22 март руската армија го изврши најголемиот воздушен напад врз украинската енергетска инфраструктура од почетокот на инвазијата врз Украина, што почна пред две години. Според Зеленски, Русија минатата недела истрелала вкупно 190 проектили, испратила 140 беспилотни летала и фрлила 700 наведувани воздушни бомби на територијата на Украина. /МИА

Грчкиот Парламент не го изгласа предлогот на опозицијата за недоверба на Владата

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите. 

Предлогот за недоверба на грчката Влада доставен од четири опозициски партии, како што и се очекуваше, не го доби потребното парламентарно мнозинство, не беше изгласан од Парламентот и не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 300 пратеници во Парламентот, за да помине предлогот, потребно беше да биде изгласан со најмалку 151 глас, а на синоќешното гласање, поддршка доби од 141 пратеник кои гласаа „за“, додека пак останатите 159 беа против, од кои еден независен пратеник и целата пратеничката група на владејачката Нова демократија.

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“.

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите.

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада.

Синоќа, додека сè уште беше во тек расправата во Парламентот државниот министер Ставрос Папаставру и заменик-министерот без ресор Јанис Братакос си поднесоа оставки, кои беа прифатени од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Владини извори за грчките медиуми коментирале дека „присуството на социјален собир испратило погрешна порака“.

Оставките на Папаставру и Братакос дојдоа откако дел од грчките медиуми објавија дека двајцата министри се сретнале со бизнисменот Вангелис Маринакис, кој меѓу другото е сопственик и на групацијата чиј дел е весникот „То вима“ што во неделата го објави текстот за монтираните аудиозаписи по железничката несреќа. /МИА

Најмалку 38 лица загинаа во израелските напади врз сирискиот град Алепо

Во синоќешните израелски напади врз северниот сириски град Алепо загинаа најмалку 38 лица, меѓу кои и борци од либанското шиитско движење Хезболах.

Претходно сириското Министерство за одбрана соопшти дека при израелските напади погодени се неколку области во и околу градот при што загинале одреден број цивили и војници.

По нападот на Хамас на 7 октомври, Израел ги засили нападите врз базите на проиранските групи на територијата на Сирија. Во некои операции мета беа и позициите на сириската воздушна одбрана и армијата.

Израел со години спроведува слични акции во Сирија, каде што влијанието на Техеран се зголеми откако Исламската Република почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што изби во 2011 година. Борците од групите сојузници на Иран, како што е Хезболах, сега се зацврстија на големи делови од источна, јужна и северозападна Сирија, како и во некои предградија на главниот град. /МИА

притисни ентер