Балканот во знак на засилена сеизмичка активност - последново деноноќие околу 300 помали потреси

Тлото во Албанија и понатаму се тресе, по вчерашниот земјотрес кој беше со магнитуда од 5,8 степени според Рихтер и интензитет од 7,5 степени, албанското тло никако да се смири. Земјотресите продолжија и  денеска . 

Вкупно 297 земјотреси се регистрирани од вчера, 87 само после полноќ.

На средбата во Министерството за одбрана со првите луѓе на најпогодените градови, Тирана и Драч, изнесени се последните податоци за последиците од земјотресот што ја погоди Албанија.

Префектот на Тирана Сузана Јахолари информираше за сите преземени активности, формирање центри за сместување, поставување шатори, распределба на ќебиња, вода и потребна здравствена услуга.

– Моментално се работи на терен во евидентирање на оштетените објекти. Оштетени се 244 куќи и 20 станбени згради

Според нејзиниот колега од Драч, Роланд Насто до сега како оштетени се регистрирани 188 куќи, 9 станбени згради и две училишта. Од 56 лица кои побарале лекарска помош 21 биле со скршеници.

Премерот Еди Рама по полноќ, веднаш по пристигнувањето од Германија, одржа итна седница на Владата. Тој искажа голема благодарност до сите кои помогнаа со нивната несебична ангажираност.

– За среќа нема жртви и ова е една од причините да дишеме полесно. Имаше повредени лица и тие добија лекарска помош, им посакуваме на сите брзо закрепнување. Ќе бидеме со полн капацитет. Сакам посебно да се заблагодарам, не формално, на белите мантили и на сите од здравствениот сектор за добрата организација за се што сторија од случувањето на настанот – изјави Рама.

Рама упати критики за лошото менаџирање на ситуацијата и наложи да ги отворат вратите на градскиот стадион за да може да се постават шатори и да се сместат дел од жителите. Владата веќе отвори неколку пунктови во двата града на кои се дели храна, вода и друга помош на најзагрозените.

Албанскиот сеизмолог Рапо Ормени тврди дека главниот потрес поминал, но помали земјотреси ќе има со денови и недели.

На синоќешната владина седница во живо, владината зграда се тресеше од земјотресите и во моментите кога се собраа министрите. Земјотресите во Албанија,освен во нашата земја беа почувствувани во Црна Гора и во Босна и Херцеговина.

Видео: „Мона Лиза“ рапува со помош на вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ја претстави новата технологија со вештачка интелигенција наречена „ВАСА-1“, што може да сними фотографија и аудиоисечок и да ги комбинира во реалистична видеоснимка.

За почеток, технолошкиот гигант претстави видео на кое „Мона Лиза“ на ренесансниот уметник Леонардо да Винчи „ја рапува“ песната „Paparazzi“... Но, овде не се работи за хитот на Лејди Гага, туку рап-верзијата што Ен Хатавеј ја изведе во „Емисијата на Конан О'Брајан“ во 2011 година.

„Ова е толку смешно, плачам од смеење“, „Само Да Винчи да можеше да го види ова“, „Уште едно страшно видео со вештачка интелигенција“, „Ова е морничаво“ - се дел од коментарите.

Видеото набрзо собра над 7,1 милиони прегледи на само еден профил на „X“.

Мадуро размислува повторно да се отвори Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела

Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права, откако претходно, во февруари, венецуелската Влада побара од вработените во Канцеларијата да ја напуштат земјата во февруари.

-Добив предлог за повторно отворање на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во Венецуела и се согласувам дека треба да ги надминеме нашите разлики, изјави Мадуро за венецуелската национална телевизија, за време на заедничкиот говор со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Мадуро додаде дека е подготвен наскоро да се сретне со Фолкер Тирк и дека претставникот на Канцеларијата е добредојден да дојде на разговори за разликите што ги имаат и начините за надминување на конфликтот што произлезе.

Откако кон средината на февруари од персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН беше побарано да ја напушти Венецуела, владата најави дека во рок од еден месец ќе ги ревидира техничките услови за соработката.

Венецуелската влада потоа го критикуваше „колонијалистичкиот, навредлив и насилен однос“ на ОН, откако специјалниот известувач рече дека венецуелската програма за храна не се занимава со основните причини за гладта во земјата, потсетуваат британските медиуми. /МИА

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

притисни ентер