Прогласувањето на Шара за национален парк ќе ја покаже зрелоста кон европските вредности

 Процесот на прогласувањето на Шар Планина за национален парк финишира заедно со процесот на почнување на преговори за членство во Европската унија. 

Зачувувањето на животната средина ќе покаже колку сме созреани во насока на европските вредности во оваа област, посочија денеска учесниците на настанот „Шар Планина како европска еколошка вредност" што го организираше Секретаријатот за европски прашања и општина Тетово.

– ЕУ не е само политичка унија на држави, тоа е систем на идеи и вредности, регулативи и директиви, а животната средина е едно од важните прашања на тие вредности кои ние мора да ги почитуваме, не поради ЕУ, туку поради нас самите. Заедно со општината и со амбасадорите ја промовираме потребата од прогласување на Шара за национален парк. Работите привршуваат и во наредните месеци очекуваме тоа да се реализира и драго ми е што таа динамика коинцидира со процесот на започнување на преговори со што даваме две пораки дека политички созреваме да станеме дел од Унијата, а и дел од практичните прашања како што е животната средина сме подготвени да ги живееме европски. Република Северна Македонија има девет проценти заштита во смисла на биодиверизитетот, а со прогласување на Шар Планина, тој процент бил се зголемил на 12 проценти со што се доближуваме на европските стандарди за заштитено подрачје, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Според градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, стратешки е важно да се прогласи Шара за национален парк, да се зачуваат природните богатства и да се развие еко туризам кој ќе биде додадена вредност.

Стручните лица од животната средина ја потенцираа потребата од итно прогласување на Шар Планина за национален парк.

– Од 1994 има иницијативи за прогласување на Шара, но никогаш не вродија со плод. Сега сметам дека климата е подобрена и се ближиме до крајот. Ќе ги заштитиме сите природни ресурси и богатствата кои ги има, вели професорот Славчо Христовски од Македонско еколошко друштво.

Во рамки на настанот, учесниците пешачеа од месноста Сидол кај Попова Шапка до Шипковички бачила близу шарпланинското село Шипковица каде беше подготвен – пикник со традиционални јадења. 

Пролетно-летните дневни температури ги наполнија ординациите на матичните доктори

Пролетно-летните дневни температури во комбинација со ниските вечерни температури ги наполнија ординациите на матичните доктори. 

Пролетно-летните дневни температури во комбинација со ниските вечерни температури ги наполнија ординациите на матичните доктори. Настинки, ларингит, болно грло, вирози а кај возрасните и нестабилен крвен притисок. Докторите велат дека потребно е многу свежа храна, а во време на сончевите зраци добро е граѓаните да поминат надвор на воздух и сонце.

Родителите внимателни да бидат со инхалациите и да прават со солен раствор, но не и со употреба на лекови и антибиотици на своја рака.

Од УХМР велат дека натпросечните температури за овој период од годината ќе останат до крајот на октомври.

Епидемија на заразна жолтица во Кочани

 Центарот за јавно здравје од Кочани прогласи епидемија од заразна жолтица, откако бројот на регистрирани заболени во изминатите десеттина дена надмина 20 лица.

Најголемиот број пациенти кај кои е утврдено присуство на вирусен хепатит А се ученици од две основни училишта во градот.

Од Центарот потврдуваат дека се преземаат превентивни мерки за спречување на заразата, при што дел од заболените се препратени на инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.

– Состојбата со заразната жолтица во регионот ја следиме од крајот на минатиот месец кога беа регистрирани првите шест случаи, а во текот на последната недела дојде до забележителен пораст. Дел од пациентите со полесни симптоми беа пуштени на домашно лекување, додека посериозните случаи се лекуваат во Клиничката болница во Штип. Меѓу заболените има и повозрасни лица, иако главно се работи за ученици од основно образование, за што на родителите им посочуваме дека е потребна поголема грижа за личната хигиена на нивните деца, истакна Горан Николов, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Кочани.

Во училиштата во кои е регистрирана заразата се прави засилена дезинфекција, при што скратени се и часовите за да може таа да биде на пократок временски рок. Дополнително, во сите образовни установи е поделен едукативен материјал за правилното миење раце со сапун за да се спречи контактното ширење на инфекцијата. 

Волонтерите од Црвен крст за 10 дена помогнале 3.168 лица полесно да се снајдат во универзитетските клиники

Во изминатите 10 дена дена, од волонтерите побарале помош 3.168 лица на седум клиники, каде се поставени пунктовите, што покажува дека пациентите навистина чувствуваат бенефит од оваа мерка. 

Министерството за здравство соопшти дека успешно функционира проектот во соработка со Црвениот крст во кој волонтерите им помагаат на пациентите полесно да се снајдат низ Клиничкиот центар во Скопје, со цел да стигнат до потребната клиника, до соодветната локација, потребното снимање, преглед или анализа.

Во изминатите 10 дена дена, од волонтерите побарале помош 3.168 лица на седум клиники, каде се поставени пунктовите, што покажува дека пациентите навистина чувствуваат бенефит од оваа мерка. Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники „Мајка Тереза", во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден, посочуваат од Министерството.

– Како волонтери нашиот ангажман е од хуман аспект и преку овој проект им помагаме на пациентите полесно да ги најдат одделите и докторите. Пациенти ни приоѓаат и нѐ поздравуваат, велејќи дека оваа мерка e неопходна. Ќе продолжиме да се вклучуваме во секој проект, кој значи олеснување во работата, бидејќи е корисно за сите, велат Андриана и Сања, волонтери на Црвениот крст, кои во рамки на заедничкиот проект со Министерството за здравство им помагаат на пациентите за полесно снаоѓање во Клиничкиот кампус.

Извршените истражувања по клиниките покажаа дека пациентите имаат проблем со снаоѓањето во комплексот. На овој начин им овозможуваме полесно да ги најдат одделите и докторите, а со тоа и побрзо да ја добијат неопходната здравствена услуга. Оваа форма на помош функционира и на други клиники во Европа и од тамошната јавност е препознаена како добра практика, информираат од Министерството за здравство. 

притисни ентер