Владина делегација од понеделник на Генералното собрание на ОН во Њујорк

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од понеделник до сабота ќе престојува во Њујорк каде ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации.

Во состав на владината делегација, како што денеска соопшти владината прес- служба, ќе бидат и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното Собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.

Премиерот и министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот.

Во агендата на премиерот Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.

Покрај ова, предвидени се и билатерални средби и учества на настани и дискусии во организација на шефови на држави или влади, како и во организација на тинк-тенк и други меѓународни организации и академски и медиумски институции.

Пјонгјанг извршил симулација на нуклеарен контранапад

Северна Кореја денеска соопшти дека извела симулација на нуклеарен контранапад „во која учествувалe супер-големи ракетни артилериски лансери“.

Државната новинска агенција КЦНА јави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го надгледувал вчерашното лансирање, првата демонстрација на новиот систем за управување и контрола на нуклеарното оружје на Пјонгјанг наречен „Haekbangashoe“ или „нуклеарен активирач“.

Според Генералштабот на Јужна Кореја, Северна Кореја во понеделникот истрелала неколку сомнителни балистички ракети кон отворено море.

На Северна Кореја и е забрането со резолуции на ОН да лансира, па дури и да тестира балистички ракети од кој било дострел.

Наводните ракети со краток дострел по лансирањето полетале околу 300 километри на исток од областа околу главниот град Пјонгјанг и паднале во морето.

Во зависност од дизајнот, балистичките ракети можат да бидат опремени и со нуклеарна боева глава. И покрај меѓународните санкции, Северна Кореја продолжува да тестира ракети со нуклеарни способности и други системи за оружје. Пјонгјанг во петокот соопшти дека неодамна тестирал боева глава за стратешка крстосувачка ракета и противвоздушни проектили. /МИА

Израел го критикуваше конечниот извештај за обвинувањата против УНРВА

 Израел го критикуваше извештајот за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа, пренесе ДПА.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во однос на наводите дека вработени во ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Извештајот „ја игнорира сериозноста на проблемот“, напиша портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Орен Марморштајн на X.

- Проблемот со УНРВА-Газа не е во неколку лоши јаболка; тоа е гнило и отровно дрво чии корени се Хамас, напиша тој.

- Хамас толку длабоко се инфилтрира во УНРВА што веќе не е можно да се одреди каде завршува УНРВА, а каде почнува Хамас, напиша Марморштајн.

- Вака не изгледа вистински и темелен преглед. Вака изгледа обид да се избегне проблемот и да не се решава директно, нагласи тој и додаде дека „УНРВА беше дел од проблемот, а не дел од решението“.

- Постојат и други решенија. УНРВА не може да биде дел од решението во Газа ниту сега, ниту во иднина, изјави портпаролот на израелското МНР. /МИА

Пет тела пронајдени во куќа во Оклахома, полицијата се сомнева дека станува збор за убиство

Телата на пет лица, меѓу кои две деца, се пронајдени во куќа во Оклахома Сити, соопшти денеска американската полиција. 

Поручникот Гери Најт од полицијата на државата Оклахома изјави дека загинатите се членови на едно семејство и дека починале од насилна смрт, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Најт додаде дека полицијата сè уште не може да открие што точно откриле инспекторите.

-Полицијата беше испратена во дом на околу 20 милји западно од центарот на Оклахома Сити под сомнение дека содржи тела, рече Најт.

Според него, на сите тела имало повреди кои изгледаат како да се работи за убиство. /МИА

притисни ентер