Дескоска со писмо до Жбогар одговори на обвинувањата од опозицијата за Академијата за судии и јавни обвинители

Сосема нејасна констатацијата на опозицијата за некаква измена во однос на начинот на формирање на оценката за прием на слушателите во Академијата за судии и јавни обвинители.

Која и во досегашното и во предложеното решение е аритметички збир од постигнатите резултати на сите испити со единствена измена што долниот праг на проодност е подигнат, а заради препораките на оценската мисија да се подигне нивото на квалитет на кандидатите во академијата, се вели во писмото на Министерката за правда Рената Дескоска до евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Повод за писмото, се вели во соопштението од Министерството за правда, е јавно објавеното писмо со искажани одредени невистинити тврдења и неосновани критики од неколкуте пратеници од опозиционата ВМРО – ДПМНЕ, во врска со Предлог – законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Министерката Дескоска одговори на упатените критики:

Најпрвин, во писмото од неколкуте пратениците од ВМРО – ДПМНЕ е наведено дека се напушта мерит – системот во Академијата, дека системот е заменет со субјективизам и дискреција при одлучувањето за прием на слушателите во Академијата заради тоа што законот не предвидува рангирање на кандидатите според постигнатиот успех во образованието.

По однос на ова тврдење, министерката Дескоска потсети на извештајот на Оценската мисија на ТАИЕКС во кој се препорачува, а Министерството за правда се согласило, дека е потребно просекот од студиите да биде тргнат како критериум за влез во Академијата. Причината е бројноста на правните факултети во државата, невоедначена студиска програма и високата и нереална проодност на некои факултети.

"Со други зборови просекот нема иста тежина и значење на различни универзитети и истиот не треба да е елиминационен, туку да се даде можност преку унифицирано тестирање да се измери знаењето на сите кандидати", стои во писмото упатено од министерката Дескоска.

Министерката Дескоска одговори и на втората упатена критика на неколкумината пратеници кои критикуваат дека наместо познавањето на странски јазик да се потврдува со меѓународно признат сертификат, сега се врши електронско тестирање на кандидатите.

Дескоска потсети на скандалот од времето на ВМРО – ДПМНЕ, поточно распишаниот конкурс од 30.08.2016 година, кога при конкурс за прием на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители беа откриени фалсификувани дипломи за познавање на странски јазик, при што конкурсот беше поништен на 17 декември 2017 година, а против 41 лице јавното обвинителство поведе постапка.

Третата критика на групата пратеници од ВМРО – ДПМНЕ е во однос на составот на Комисијата за приемен испит каде е номинирано лице од страна на министерот за правда.

"Во однос на оваа критика, сакам да потсетам дека решението за составот на Комисијата за приемен испит не е променето, односно членот од Министерството за правда постои во постојниот Закон за Академија за судии и јавни обвинител што лесно може да се провери со увид во членот 67 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители:

"(3) Управниот одбор ја избира и конституира Комисијата од ставот (1) на овој член во состав: четири члена и нивни заменици по предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите, два члена и нивни заменици по предлог на Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители, еден член и негов заменик од Здружението на судии на Република Македонија, еден член и негов заменик од Здружението на јавните обвинители на Република Македонија, еден член и негов заменик по предлог на министерот за правда од редот на раководните административни службеници во Министерството за правда и еден член и негов заменик и стручно лице – психолог". (Службен весник на РМ, бр. 20 од 12.02.2015 година).

Причина зошто ова решение не е променето во законот, е предвидената надлежност на Министерството за правда да врши надзор на примена на одредбите од законот.

Последно, што се однесува до полагањето на квалификацискиот тест, неколкумината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ пишуваат дека Комисијата за приемен испит ја одредува оценката со дури 70% од вкупната оценка на кандидатот, а дека според сегашното законско решение учествува со 10% од вкупната оценка на кандидатот, што не претставува точно тврдење.

Дескоска одговори и на ова прашање:

"Согласно досегашниот закон од 2015 година, проодноста на квалификациониот тест за да влезете на Академијата за судии и јавни обвинители е 40,5 поени (или минимум четворка како што е наведено во тоа законско решение), со новото законско решение, овој праг значително се зголемува на 75,5 поени". Со новото законско решение, овој праг значително се зголемува, што несомнено ќе придонесе кон избор на квалитетни судии и јавни обвинители.

По квалификациониот тест следи полагање на практичен испит кој се состои од писмен и усмен испит (кој е јавен) на кои поеддинечно за секој од нив може да се добие максимум по 35 бода односно вкупно 70 бода.

"Оттука е сосема нејасна констатацијата на опозицијата за некаква измена во однос на начинот на формирање на оценката. Таа и во досегашното и во предложеното решение е всушност аритметички збир од постигнатите резултати на сите испити со единствена измена што долниот праг на проодност е подигнат, а заради препораките на оценската мисија да се подигне нивото на квалитет на кандидатите во академијата", стои во писмото упатено до амбасадорот Жбогар, информираат од Министерството за правда.

Експлозии во Иран, американски медиуми јавуваат за израелски напади

Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.

Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.

Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.

„Засега нема извештаи за ракетен напад“, објави Далиријан на социјалната мрежа Х.

Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.

Американските телевизии Еј-Би-Си Њуз и Си-Би-Ес Њуз објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.

Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон.

Израелската војска објави дека - „Во моментов немаме коментар“.

Иран - клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах - го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.

„Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија“, рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Suwayda24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.

„Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата“, соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.

Новинската агенција Мехр објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“.

По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде темна слика за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.

„Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација -- со зборови и со дела“, рече Гутереш пред Советот за безбедност.

„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани“, рече тој, повикувајќи ги сите страни на „максимална воздржаност“. /МИА

Протест на вработените во културните институции поради неисплаќање на мартовската плата

 Над три илјади вработени во културните институции од денеска почнуваат со протести поради неисплаќање на платата за месец март. 

Како што најавија, протестите ќе траат сѐ додека не добијат плата, усогласена со колективните договори. Во меѓувреме, се процесуираат и тужбите за задоцнета исплата.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот. Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто.

Претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска вчера на прес-конференција посочи дека сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата се уште немаат земено плата.

Таа рече и дека за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.

-Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата, додаде Атанасовска.

Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов вчера посочи дека платите треба да се исплатат согласно колективниот договор.

Според него, недозволиво е пред избори да го бараат нивниот глас, а притоа не им бидат исплатени платите.

-Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не нѐ плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне во текот на утрешниот ден започнуваат протестите, рече Трендафилов.

Поради неисплата на плата за март за околу три илјади вработени во културата и Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вчера на вонредна седница едногласно донел одлука в понеделник, 22 април, во 11 часот да организира протест пред Министерството за култура.

Исто така, на седницата на Советот на СОНК е одлучено да се отпочне и процедура и организација за генерален штрајк во сите установи од дејноста култура.

-Советот на СОНК изрази огромна разочараност од непостоењето, односно едностраното прекинување на социјалниот дијалог од страна на Министерството за култура. СОНК постои, силата на СОНК ќе ја почувствувате наскоро, напиша претседателот на СОНК, Јаким Неделков на Фејсбук.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска пред две недели посочи дека нема промена во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Напомена дека единствената промена која што е внесена во диспозитивот, е минималната плата.

Променливо облачно со повремен дожд и посвежо, до 18 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, претежно во јужните делови. 

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната од 10 до 18 степени.

Во Скопје променливо облачно и посвежо со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 17 степени.

Според УХМР, за време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.

притисни ентер