Дончев: Не е направен никаков криминал, немало контакт со шведската компанија

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев рече дека немало никаква злоупотреба во врска со шведската компанија, за која опозицијата го обвини дека заедно со министерот Филипче спречиле влез на оваа компанија во земјата.

Во интерес на пациентите, кои заслужуваат квалитетна дијализа , беше избрана компанија со најдобра понуда. Нема никаков криминал , ниту попречување за влез на компанијата ,,Диаверум", со која не сум имал директен контакт, туку само две писма до шведската амбасада, рече директорот на ФЗОМ , Ден Дончев на прес конференција во Владата.

Дончев децидно отфрли дека имал каков било контакт со Диаверум од Шведска, како што тврди поранешната сопственичка на Диамед, Вера Ивановска која поднесе кривични пријави против Дончев и министерот Венко Филипче.

Дончев ја презентираше историјата на целиот случај во врска со оваа компанија.

,,Во интерес на објективно информирање на јавноста, како директор на државната институција Фонд за здравствено осигурување, должен сум да одговорам на обвинувањата од бившите сопственици на Диамед. Денеска ќе Ви бидат презентирани сите документи, како и хронологијата на целиот случај Диамед Македонија.

Во 2013 година, Министерство за здравство спроведува тендерска постапка за доделување концесија за дијализа која дотогаш е правена во рамките на јавното здравство. Диамед Македонија и Систина ги добиваат концесиите иако немаат никакво претходно искуство со дијализа. Притоа, отфрлени се легитимни странки инвеститори.

Со концесијата се дадени следниве права:

Ексклузивност, односно монопол поделен по градови за вршење дијализа за двете фирми, за период од 20 години. Ваквиот монопол е спротивен на одредбите од ЕУ регулативата. Спротивен е и на Европската повелба за права на пациентите за правото на избор. Ниедна друга здравствена дејност нема монопол. Според договорот во 2014та, кај дијализите граѓаните немаат избор, и тоа во наредните 20 години.

На овие две приватни фирми им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман. За Ваша информација сетот за дијализа денес изнесува само 25 евра по третман. Секако дека има и дополнителни трошоци. Инаку претходната цена во јавното здравство изнесувала околу 70 евра по третман.

Двете фирми ја превземаат од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок. Ги превземаат и постоечките пациенти за дијализа, доделени на двете фирми по градови.

Значи од постоечката документација се гледа дека двете фирми добиле здравствен бизнис со минимално претходно искуство, минимални сопствени инвестиции, со гарантирани пациенти, со гарантирана цена и приход и гарантиран огромен профит.

Почитувани, иако двете фирми се домашни, тогашното Министерство за здравство се согласува во случај на спор местото на арбитража да биде Париз.

За споредба, на сериозни странски инвеститори во Северна Македонија им е определено место за арбитража да е судот во Скопје.

Ако во случај, “од кои било причини” Министерството за здравство предвреме го раскине договорот, Државата била обврзана да исплати договорена казна според утврдена формула. Според таа формула ако сега го раскинеме договорот со Диамед, треба да платиме 28 милиони евра.

Наспроти огромниот профит, единствена финансиска обврска на концесионерот Диамед е да му плаќа месечен надоместок од 7500 денари на Министерството за здравство! ПОВТОРУВАМ, СИМБОЛИЧНИ 125 ЕВРА МЕСЕЧНО!

Според документацијата, ДИАМЕД почнува да работи од 1 февруари 2014 година. Фондот за здравство на Диамед му исплаќа вкупно 42.500.000 евра до 31 декември 2018. Имајќи предвид дека бројот на пациенти за дијализа постојано расте, приходот кој Диамед може да го очекува од ФЗО до крајот на концесијата е минимум дополнителни 160 милиони евра. Значи, за 20 годишното време траење на концесијата Диамед ќе оствари најмалку 200 милиони евра приход од ФЗО.

Соочени со овие ПОРАЗИТЕЛНИ факти и одредби од договорите и концесијата, кои очигледно не ги штитат ниту државните интереси ниту интересите на пациентите со дијализа, Министерството за Здравство и ФЗО уште во ноември 2017та започнаа да ги разгледуваат условите и околностите под кои беа издадени концесиите за дијализа.

Истовремено, имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, Диамед Македонија во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од:

Плата од преку 10 милиони денари

Исплата на надоместоци околу 17 милиони денари

Разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари.

Преку картичка на Диамед Македонија, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат.

Општо позната е поврзаноста на Ристо Новачевски со Никола Груевски. Логично се поставија прашањата:

Дали има судир на интереси или злоупотреба на службена положба и овластување при доделувањето на концесијата на Диамед Македонија?

По кој основ државата се задолжила да плаќа огромни штети на концесионерот доколку предвремено се прекине договорот ВО КОЈ БИЛО СЛУЧАЈ, а истовремено единствен финасиски надомест кој требало да се плаќа за концесијата изнесувало симболични 125 евра месечно?

Дали е легално или воопшто пожелно да се издава концесија која гарантира ексклузивен период од 20 години?

Дали имало злоупотреба на моќ или други нелегални дејства?

По кој основ се исплатени огромни средства на Ристо Новачевски?

Дали зад Вера Иванова всушност се кријат вистинските сопственици на Диамед Македонија?

Инаку, сопственичката структура на Диамед Македонија од нивниот почеток до април 2016 е Вера Иванова 50 посто и Метромед ДОО 50 насто.Сопственици на Метромед ДОО се повторно Вера Иванова со 50 посто и извесен Оливер Тодоров со 50 насто. Значи, во почетокот Диамед е 100 посто македонска фирма.

Интересно, во април 2016, кога започнува Вистината за Македонија или таканаречените бомби, следи промена на сопственичката структура при што Вера Иванова префрлува 25% од нејзиниот удел за симболичен износ на компанијата Смарт Холдинг Дубаи. Сопственик на Смарт Холдинг Дубаи се појавува Генерал Солушонс Лимитед, Panama Trustee фирма која беше во скандалот Panama papers. До денеска не се знае кој е конечен сопственик на панамската фирма.

Пред МЗ и ФЗО да имат шанса формално да започнат со истрагата за Диамед, во јануари 2018, Диаверум, компанија за дијализни услуги од Шведска, остваруваат средба со ФЗО и МЗ и не известуваат во нивната намера ја купат Диамед. Им препорачуваме и вербално и писмено преку Амбасадата на Шведска, дека МЗ и ФЗО имат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој еприватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража.

По ова, Диаверум Шведска се повлекуваат од намерата за купување на Диамед.

Диамед Македонија продолжува да функционира нормално, но на 2ри јули 2018, Метромед ДОО го префрлува својот удел од 50% на Вера Иванова. Така, таа станува 75-постотен сопственик на Диамед, а Смарт Холдинг Дубаи останува со 25% сопственост. Конечно, на 18 август 2018 се врши уште едно префрлување на удел при што Смарт Холдинг Дубаи се стекнува со 75% сопственост во Диамед, додека Вера Иванова останува со 25%.

Од денешен аспект, знаејќи дека за неполни 7 недели по последниот трансфер на удел, 100% од уделот на Диамед се продава на Диаверум Шведска за околу 12 милиони евра, се поставува прашањето зошто Вера Иванова ги има правено сите овие трансакции при промена на сопственоста?

Дали намерата била да се избегне данок на капитална добивка имајќи предвид номиналните цени по кои се префрелни сите овие удели во споредба со конечната цена која Диаверум ја има платено?

Дали намреата била да се прикрие трагата на парите?

Дали ова е направено со цел вистинските сопственици на Смарт Холдинг (Панамската фирма) да можат да дојдат до парите без да се остави трага во Македонија на кој точно припаѓат тие пари?

Истрагата од Основното Јавно Обвенителство секако ќе треба да утврди вистинските мотиви за овие трансфери на удели.

При крај на октомври 2018, Диаверум повторно доаѓаат во Македонија и го известуваат Министерството за здравство и Премиеротдека имаат намера да ја купат Диамед Македонија и дека таа одлука е веќе донесена.

На 31 октомври 2018, МЗ писмено и детално директно го известува Диаверум дека под нормални околности, државата не би имала никаква инволвираност при трансакција помеѓу две приватни компании.

Но, случајот со Диамед Македонија е вонреден поради тоа што имаме разумен основ за сомнеж дека постојат криминални дејствија околу Диамед Македонија. Клучни два момента се: сомнежите за наместен и криминален тендерски процес при што е издадена 20 годишна ексклузивна концесија на Диамед и злоупотреба на службената положба и овластувањa на лица кои беа во врвот на власта. Се сомневаме дека некои од овие лица се вистински сопственици на Диамед, сокривајќи се зад други лица и офшор фирми. Писмото истовремено ги предупредува Диаверум за можните правни последици доколку истражните органи и судот ги потврдат овие наши сомнежи.

И покрај ова писмо, Диаверум го купува Диамед Македонија. Во ноември 2018та, Централен регистер уредно врши трансфер на сопственоста на Диамед од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум Шведска. Овде сакам да потенцирам дека Државата не правиникакви пречки при превземањето.

Диаверум префрлува 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако. Државата добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако.

Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и 9те милиони на сметката во Монако се замрзнати бидејќи се води предистражна постапка.

Сега дозволете ми визуелно да ви презентирам во кратки црти дел од законската документација која го потврдува горе изнесеното, бидејќи случајот е премногу сложен за да го презентираме со клишето и жаргоните во стилот на КИКИ и ФРИКИ од новинарски текст. Материјалот секако ќе ви биде доставен.

Да резимираме: Од сето изнесено, ФЗО и Министерството за здравство се обидоа да го предупредат Диаверум Шведска за потенцијалните правни последици по истрагата која следи.

- Немаше никаков обид од Државата да се блокира влезот на Диаверум Шведска во Диамед. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со Диамед Македонија.

- Тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон Државата или буџетот е небулоза. Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и 9те милиони евра во Монако.

- Секако дека сите странски инвеститори се добредојдени во Република Северна Македонија. Но треба да сме свесни дека во овој случај станува збор за трансфер на сопственост од македонски до странски сопственици. Притоа претходните сопственици на Диамед се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности на лица кои директно или индиректно беа во врвот на самата власт. Доколку судски се утврди ова, претставува злоупотреба на службена положба и овластување на некои од највисоките носители на тогашната власт.

- Претходните сопственици на Диамед при продажба на концесија се стекнуваат со 12 милиони евра. За иронијата да биде поголема, 9 милиони евра ги префрлаат во странство со комплексна мрежа на трансакции криејќи се зад панамски фирми под изговор дека, цитирам: “Сакаат да инвестираат во странство!”.

На крај да потсетиме: единствена финансиска вредност што државата доби се исплата на 7 500 денари месечен надоместок кој за воља на вистината Диамед Македонија уредно ги плаќаше.

Поплави во Кина

 Околу 127 милиони луѓе во Кина се во состојба на готовност по поплавите во кои загинаа најмалку четири лица, а десетици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови.

Силно невреме ја опустоши јужна Кина од четвртокот, а 11 лица се исчезнати во поројните дождови кои поплавија градовите и однесоа автомобили.

Во јужната провинција Гуангдонг во последните неколку дена врне силен дожд. Нивото на реките се зголеми и до седум метри, а зголемен е стравот од големи поплави, кои според локалните медиуми се случуваат еднаш во 100 години, пренесува Дејли мејл.

Пријавени се три смртни случаи во градот Жаокинг, а еден спасител починал во градот Шаокуан. Уште десет лица се водат како исчезнати, а потрагата и спасувањето продолжува.

Во провинцијата се урнаа 36 куќи, а 48 беа сериозно оштетени, што резултираше со директна економска загуба од речиси 140,6 милиони јуани, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Повеќе од 110.000 луѓе беа раселени низ Гуангдонг. Од нив, повеќе од 45.000 се евакуирани од северниот град Кингјуан.

Надлежните најавија дека се очекува реката да достигне ниво невидено во последните 50 години.

На интернет се објавени застрашувачките снимки на кои се гледаат големи површини поплавени во матна вода и спасувачи кои ги превезуваат луѓето со чамци за спасување додека водата достигнува до половината./МИА

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

притисни ентер