Експресно продолжен притворот на Јанева за уште 30 дена

Експресно, на барањето на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, Кривичниот суд и одреди нови 30 дена притвор на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Барањето на одбраната за замена со поблаги мерки за обезбедување, Судот воопшто не го разгледувал, а тоа ќе го направи откако ќе добие мислење од обвинителот. Одбраната на Јанева во замена за притворот понуди гаранција во недвижен имот.

Токму информациите за имотот на поранешната специјална обвинителка отворија прашања во јавноста колку таа ја чинела државата и граѓаните изминативе четири години. Дилемата која се отвора од етички аспект е зошто Јанева одлучила да живее под кирија на државен трошок во луксузната вила во скопско Козле иако поседувала имот во Скопје пријавен на име на своите деца.

,,Извори од Антикорупциската комисија за Канал 5 велат дека во овој случај постојат елементи за отворање на предмет, но од понеделник ќе започнат да ги истражуваат сите податоци поврзани со имотот на Јанева за да утврдат дали постојат спорни моменти и дали ќе отворат постапка.

Одговори ќе се бараат и колкава била вкупната сума на киријата која ја плаќала за живот во вилата, ако се земат во предвид информациите од СЈО кои претходно ги објави Канал 5 дека согласно закон Јанева како обвинител кој е надвор од Скопје во изминатиот период имала право на 300 евра кирија и 100 евра трошоци за комуналии. Но од СЈО велат дека не се информирани колку пари доплаќала Јанева на свој трошок, со оглед што закупнината на вилата, според проценките на познавачите на пазарот на недвижности, е најмалку 1.000 евра. Побаравме увид во барањето за закуп на куќата, но оттаму велат дека само Јанева имала пристап до овие податоци, а моментално нема кој да ни дозволи разгледување на документацијата, бидејќи нема надлежни обвинители.

Полска тврди дека НАТО прави планови за соборување на руски проектили

НАТО ги разгледува плановите за соборување руски ракети доколку се приближат до границите на алијансата, тврди Полска, откако проектил залутал во нејзиниот воздушен простор.

Анджеј Шејна, заменик-министер за надворешни работи на Полска, изјави за локална радио станица дека „различни концепти се анализираат во рамките на НАТО... вклучително и соборување на такви проектили кога тие се многу блиску до границата на Алијансата“,пишува Телеграф.

„Но, тоа би морало да се случи со согласност на украинската страна и земајќи ги предвид меѓународните последици“, додаде тој.

Во неделата вечерта, Варшава соопшти дека руската крстосувачка ракета истрелана на цел во западна Украина поминала околу 1,6 километри во полскиот воздушен простор, поминувајќи 39 секунди.

Полското Министерство за одбрана ги активираше системите за противвоздушна одбрана и борбените авиони на НАТО, Ф-16 откако објектот залута преку границата на Алијансата во близина на Осердово, село во земјоделски регион во близина на границата со Украина.

Крстосувачките проектили можат да ја променат својата траекторија во воздух за да избегнат одбранбени системи.

Владислав Косинијак-Камис, полскиот министер за одбрана, подоцна им изјави на новинарите дека проектилот би бил соборен доколку имало знаци дека се движи кон цел во Полска.

Една од опциите за одбрана е да се соборат ракетите пред да преминат од Украина во воздушниот простор на НАТО. Сепак, ова може да го искористи Москва како оправдување за ескалација во поширок конфликт надвор од границите на Украина.

Претходните лансирања на руски ракети и беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО останаа без одговор, и покрај сугестиите дека членот 5 на алијансата за взаемна одбрана може да биде активиран како одговор на таков инцидент.

Во вторникот САД објавија дека се подготвени да ги исполнат обврските кон НАТО и да ја бранат Алијансата во случај на напад.

Запрашана за изјавите на Полска, Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон, рече: „Она што го зборуваше администрацијата е дека ќе ја браниме секоја педа од НАТО“.

Хјундаи во наредните три години ќе инвестира 47 милијарди евра, пред сѐ за електрични возила

Компанијата Хјундаи денеска објави дека ќе инвестира 68 трилиони вони (околу 47 милијарди евра) во текот на три години во Јужна Кореја, главно за да го зголеми производството на електрични возила (ЕВ) и да вработи 80.000 нови работници во секторот.

Јужнокорејската компанија наведува дека повеќе од половина од таа инвестиција ќе биде наменета за електрични возила, односно за нова истражувачка и развојна инфраструктура, како и производствени линии, пренесе Ројтерс.

Агенцијата забележува дека зголемувањето на инвестициите се случува во време кога другите етаблирани производители на автомобили го намалуваат производството.

Главниот оперативен директор на Hyundai, Хозе Муњоз, на саемот за автомобили во Њујорк најави дека бројот на електрични возила ќе се удвои.

„Многу сме посветени на пазарот на Соединетите Американски Држави“, истакна тој.

Hyundai во ноември објави дека инвестира 11,6 милијарди евра во нови посебни капацитети за производство на електрични возила и батерии во Грузија, што е најголема инвестиција надвор од Јужна Кореја.

Додека јужнокорејската компанија ги зголемува инвестициите во електрични возила, конкурентските производители на автомобили планираат да го намалат производството на ЕВ и да го префрлат капиталот главно на хибридни модели.

Руски воен авион се урна во близина на Крим

Руски воен авион денеска се урна во морето во близина на кримското пристаниште Севастопол, изјави гувернерот на регионот назначен од Русија.

„Пилотот безбедно се катапултирал и бил спасен. Цивилни објекти не се оштетени“, изјави гувернерот на Севастопол, Михаил Развозаев, пренесува Ројтерс.

Претходно руските канали Телеграм објавија дека руски борбен авион Су-35 се урнал во близина на Севастопол.

Не е јасно како дошло до инцидентот.

притисни ентер