Османи бил во увид, а не во инспекција, ќе си ја плати казната за зборување на мобилен во возило

Вицепремиерот Бујар Османи денеска изјави дека во саботата бил во јавен увид за употреба на Законот за употреба на јазиците и оти не се работи за инспекција. 

Исто така, рече дека ќе ја плати казната што му била изречена од МВР за зборување на мобилен телефон додека вози, посочувајќи дека тој би можел да ги предводи двете кампањи – првата, за употреба на албанскиот јазик и втората, за почитување на забраната за зборување на мобилен телефон додека се управува моторно возило.

-Не се работи за инспекција бидејќи инспекција прават службите со записници и казни. Ова беше јавен увид за имплементација на закон во којшто сум учествувал и на кој работам за да се имплементира и такви јавни увиди прават политичарите, градоначалниците, министрите секој ден за реализација на проекти на градење на патишта… Тоа е најнормална процедура. Ги охрабрувам министрите повеќе да излегуваат од канцелариите бидејќи само на терен ќе ги добијат вистинските информации за тоа што го работат, рече Османи.

Вториот аспект, според него, е дека членот 21 од Законот за јазиците предвидува дека Владата ќе преземе мерки за промоција на имплементацијата на Законот.

– Сметам дека моето саботно возење беше најевтината форма за промоција на имплементација на јазикот и тоа делумно дава резултати бидејќи еве денеска читав по портали дека таа и таа табла е веќе сменета и е согласно Законот, изјави Османи.

Вицепремиерот додаде дека на секоја седница на Влада како предточка поставува прашања или укажувал за Законот за јазиците.

Османи запрашан дали на 11 октомври или 19 октомври кога е ослободувањето на Тетово ќе направи јавен увид во овој град дали се поставени државните знамиња, рече дека со задоволство би направил јавен увид за кое било прашање кое што е поврзано во врска со законите. Државно знаме има

-Немајте дилема дека ќе бидам најголемиот промотор на употребата на албанскиот јазик и на македонскиот јазик, рече вицепремиерот додавајќи дека увидел оти во СЕП немало лектор по македонски јазик и оти се работи на негово ангажирање.

Османи не знае дали е казнет од МВР за зборување на мобилен телефон додека вози, но изрази задоволство од, како што кажа, брзата реакција и недискриминација по основ на позиција од страна на сообраќајната полиција.

– Тие се експертите, бидејќи е високо експониран овој случај можеме да го користиме како кампања за почитување на сообраќајните правила. Еве јас со задоволство ќе се вклучам и во оваа кампања. И се разбира би платил секаква казна што ја пишале институциите иако јасно се гледа во видеото дека возилото е застанато во целиот период додека трае разговорот, рече Османи.

Реакцијата на овој негов потег, според него, во еден момент била хистерична и разочарувачка во сегментот на меѓуетничките односи, бидејќи тие, како што тврди, кај нас се само заспани и укажува дека е потребен некаков тригер.

-Начинот на оваа реакција укажува дека ние уште треба да работиме на меѓуетничките односи во државата и јас се разбира ќе бидам дел од таа кампања за да ги смирам сите коишто сметаат дека албанскиот јазик е закана, рече Османи. /МИА

Гир: Да се исполнат препораките од ОЛАФ, нема да се намалат средствата за Еразмус+

Евроамбасадорот вели дека согласно стандардните процедури не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи како што рече, тоа е тело на Европската унија за истражување измами.

Амбасадорот на Европската унија во државава Дејвид Гир изјави дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската унија за Националната агенција за Еразмус+, како и дека програмата од која придобивки имаат младите, ќе продолжи понатаму да се имплементира.

Во одговор на новинарско прашање откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара поврат на 2,2 милиони евра од Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ Гир денеска рече дека очекува државава да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ.

Евроамбасадорот вели дека согласно стандардните процедури не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи како што рече, тоа е тело на Европската унија за истражување измами.

– Очекуваме од страна на Националната агенција за Еразмус+ тука во Република Македонија да продолжи да ги испорачува и да ги исполнува сите препораки коишто се дадени од страна на ОЛАФ. Се разбира дека ние продолжуваме да имаме доверба во работата на самата Агенција за Еразмус+ што значи дека остануваме убедени дека количеството на финансиски средства кои што се определени за Еразмус+ нема да се намалува, напротив ние сме среќни да споделуваме со вас дека Еразмус+ ќе остане да се имплементира и од неа ќе имаат придобивки младите, учениците, студентите и универзитетите во вашата земја, рече Гир, на новинарско прашање по учеството на панел-дискусијата „Разобличување на антиродовите дезинформации“.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски вчера на прес-конференција соопшти дека биле информирани дека постојат неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Ѓорѓиевски рече дека не може да соопшти повеќе детали, бидејќи предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и е во предистражната постапка. Агенцијата,, како што рече, е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година.

„Туркиш ерлајнс“ по 10 години ги обнови летовите за Триполи

Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ги обнови своите летови за Триполи по 10-годишен прекин, означувајќи ново поглавје во односите меѓу Турција и Либија, пишува турскиот весник „Туркије“.

Авионот на авиокомпанијата слета на меѓународниот аеродром „Митига“ во либиската престолнина и беше пречекан со церемонија на која присуствуваа министерот за транспорт на Либија, Мохамад Салем Аш Шахуби, турскиот амбасадор во Триполи, Кенан Јилмаз, генералниот директор на турската цивилна авијација проф. Кемал Јуксек, генералниот директор на цивилното воздухопловство на Либија, Абдурахман бин Јусуф и генералниот директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екши.

Министерот за транспорт на Либија, Мохамад Аш Шахуби, изрази благодарност до турската влада за нејзините напори да ги обнови летовите на авиокомпанијата. Според него, тој чекор ќе ги поттикне и другите меѓународни авиокомпании да преземат слични чекори.

Турскиот пратеник Јилмаз рече дека Турција и Либија се решени да ги зајакнат своите односи на полето на транспортот, како и на сите други полиња. Тој подвлече дека обновувањето на летовите претставува историски пресврт во односите меѓу двете земји. /МИА

Мицотакис: Од 1 април минималната плата се зголемува на 830 евра

Зголемување на минималната плата во Грција за 50 евра соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешната владина седница истакнувајќи дека од 1 април ќе изнесува 830 евра, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчкиот премиер посочи дека ова е четврто зголемување во изминатите пет години откако Нова демократија дојде на власт, потсети дека во 2019 година, изнесуваше 650 евра и сега „во суштина има пораст од 27 отсто“.

-По покачувањата во државниот сектор, по покачувањето на пензиите, се спроведува во пракса уште еден чекор во реализацијата на нашите заложби. Воведуваме трајни мерки, го нагласувам ова, трајни мерки, кои се однесуваат на милиони домаќинства и кои очигледно ќе важат и откако ќе поминат меѓународните зголемувања на цените, за да можеме да ја постигнеме поставената цел: во 2027 година просечната плата во нашата земја да биде1.500 евра, а минималната плата 950 евра, рече Мицотакис.

Објасни дека зголемувањето на минималната плата ќе значи и зголемување на уште 18 додатоци и бонуси. /МИА

притисни ентер