Мастерклас со лауреатот Ед Лакман на ИФФК „Браќа Манаки"

Првата половина од јубилејното издание на ИФФК „Браќа Манаки" се заокружува со мастерклас на добитникот на наградата „Златна камера 300" за животен опус, која годинава му припадна на Ед Лакман.

На денешниот мастерклас во Битола се очекува Лакман да зборува за својот студентски живот на универзитетите во Харвард, Тур – Франција и Охајо, каде во 1969 година дипломирал сликарство и, секако, за бројните филмови во кои се потпишал како кинематографер.

Иако физички хендикепиран, Ед Лакман, деновиве во Битола импресионира со својата креативна енергија и токму затоа со нетрпение се очекува пладневниот мастерклас посветен на неговите кинематограферски почетоци од 1970-тите, за најновите три целовечерни играни филма за оваа и следната година, односно филмот „ Гледачи" најавен за продукција, потоа филмот „Човекот од Рим" кој е во претпродукција и „Ненасловениот проект на режисерот од Хејнс" во постпродукција, со што Лакман се приближува до бројката од 100 снимени филмови.

– Работејќи со многу режисери во САД и Европа, неговиот креативен израз го красат разновидни стилови кои се во зависност од играната или документарната форма, прилагодувајќи се и на креативниот процес и сензибилитет на конкретниот режисер. Дека Лакман секогаш е врзан за камерата зад која со љубов застанува, доказ се и соработките како снимател со уште други познати колеги кинематографери, посочува во описот на опусот на Лакман, уметничкиот директор на ИФФК „Браќа Манаки", Благоја Куновски-Доре.

Мастер класот со Ед Лакман ќе се одржи во големата сала на НУ Центар за култура-Битола во која вечер ќе бидат прикажани филмовите во конкуренција – „Ајка" во кој кинематографер е Јоланта Дилевска од Полска и филмот „Пирани" во кој кинематографер е Даниеле Ципри од Италија. /МИА

Видео: Алек Болдвин вознемируван од пропалестинска активистка

Глумецот Алек Болдвин се соочи со вознемирување од пропалестинска активистка, а видеото од тој настан на „Х“ е прегледано над три милиони пати.

На снимката направена во некое кафуле, додека Болдвин плаќа за својата нарачка и го држи мобилниот телефон на увото, жената со својот телефон го снима и неколкупати настојчиво бара од него да каже „Слобода за Палестина“ и да го опцуе Израел и ционизмот. Кога активистката сфаќа дека глумецот ја игнорира, таа ја менува темата. Следното прашање е: „Зошто ја уби таа жена? Ја уби жената и не доби затворска казна? Нема затвор, Алек!“

Активистката тука ја има предвид смртта на кинематограферката Халина Хачинс на снимањето на каубојскиот филм „’Рѓа“. За потсетување, Болдвин се соочува со обвиненија за ненамерното убиство на Хачинс во 2021 година. Продолжението на судењето за убиство од небрежност е закажано за 10 јули.

На видеоснимката, натаму глумецот почнува да се заканува со полиција, но девојката е упорна во своето вознемирување и на крајот, Болдвин ѝ го исфрла мобилниот телефон од рака.

Алек Болдвин ја отфрли одговорноста за ненамерното убиство на Хачинс. /МИА

Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

-Во изминатите седум дена имаше шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот успеал во намерата. Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме разоткривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Станче Стефанов, техничко лице во водостопанскта подружница „Брегалница“.

Во тек се активности за санирање на оштетувањето на гумената преграда, но постапката е отежната поради зголемената количина вода. Вработените во подружницата очекуваат до крајот на денот да ја нормализираат состојбата со наводнувањето, за да се избегне прекин на сеидбената сезона во овој регион, но и да не дојде до исушување на нивите кои веќе се посеани со ориз.

Инаугурацијата на Путин ќе се одржи на 7 мај

Претседател на Комитетот за уставно законодавство и државност во Горниот дом на Советот на Руската Федерација, Андреј Клишас денеска изјави дека инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи на 7 мај.

Согласно руските закони, новоизбраниот претседател ја презема функцијата со мандат од шест години.

Инаугурацијата на Путин и во 2018 година се одржа на 7 мај. /МИА

притисни ентер