На три дена до изборите, Трамп ја поддржа кандидатурата на Нетанјаху

Американскиот претседател Трамп денеска ја поддржа изборната кампања на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и откри дека со него разговарал за можен договор за заедничка одбрана.

На три дена пред изборите во Израел, Трамп на Твитер напиша дека со Нетанјаху разговарал за договор со кој би се ставил печат на одличниот сојуз меѓу двете држави.

„Очекувам да ги продолжам разговорите по изборите во Израел, кога ќе се сретнеме во Генералното собрание на ООН следната недела“, напиша Трамп, пренесува Франс Прес.

Двете држави веќе заедно работат на размена на информации, заеднички воени вежби и воена соработка, а договорот ќе создаде нови обврски, особено автоматската интервенција на Соединетите држави во случај на напад на Израел.

Десничарот Нетанјаху е во мртва трка со центристите и сега има цел да добие поддршка од Трамп, но и од рускиот претседател Владимир Путин, кого го посети оваа недела.

Лидерот на ционистите, главниот противкандидат на Нетанјаху, Бени Ганц, ја отфрли идејата за алијанса како „тешка грешка“, бидејќи Израел со тоа ќе ја загуби воената автономија.

„Никогаш не сме барале некој да загине за нас. И никогаш не побаравме туѓа дозвола да ја браниме израелската држава“, рече Ганц, пренесе Ројтерс.

Нетанјаху, кој победи на изборите во април, но не беше во можност да формира коалиција и распиша нови избори, во вторникот објави план за анексија на долината на Јордан и поголемиот дел од Западен Брег, доколку победи на изборите следната недела.

притисни ентер