Тоа го издаде министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас по средбата во Софија со неговата бугарска колешка Екатерина Захариев, jави дописничката на МИА од Атина.
-Како столб на стабилност и соработка на Балканот, Грција отсекогаш беше топол поддржувач на политиката за проширување на ЕУ. Ја охрабруваме и поддржуваме европската перспектива на земјите од Западен Балкан, под услов да бидат исполнети одредените соодветни критериуми и условеноста. Во овој контекст и во однос на Република Северна Македонија, придаваме особено значење на целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа, рече Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија рече дека Бугарија и Грција се „блиски партнери и сојузници" и играат голема улога за стабилноста и развојот на регионот и вложуваат максимални напори за да придонесат во европската перспектива на соседите.
Билатералната и регионалната соработка, предизвиците со кои што се соочува ЕУ, енергетските прашања, инвестициите, како и четвртиот највисок совет на соработка меѓу двете земји што ќе се одржи во Грција, биле темите за кои разговарале Захариева и Дендиас.
Министерот за надворешни работи на Грција, ја известил неговата бугарска колешка и за „нелегалното однесување на Турција во поширокиот регион".
Никос Дендиас денеска е во еднодневна посета на Бугарија, а освен со Екатерина Захариева беше примен и оствари средби и со бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот премиер Бојко Борисов./МИА