Наскоро закон за целосни субвенции за инвертор клими во Скопје, Тетово, Битола и Кичево

На самиот праг од новата грејна сезона власта им објави војна на нееколошките печки на дрва и нафтените деривати. 

Владата целосно ќе ги покрива средствата за купување инвертор клими во Скопје, Тетово, Битола и Кичево.

Опцијата прв дојден прв услужен нема да биде во игра туку ќе им се помага на семејствата со ниски примања и сите кои се во „црните“ зони на енормно загадување, кажа денеска заменик министерот за животна средина Макрадули. Наскоро ќе се донесе и законско решение со кое ќе се спроведува оваа мерка.

„Приоритет ќе имаат зоните со највисоки емисии на загаден воздух и ранливите потрошувачи. Во овој момент најцелисходна варијанта на имплементација е да се донесе законско решение во вид на ваучери,“ вели Јани Макрадули .

Фокусот оваа есен, како што рече Макрадули, ќе биде на изворите на загадувањето. Ќе се ставаат филтри на помали фабрики во Полог, а одвоени се околу 750.000 евра за промена на системот на греење – од нафта во гас со која ќе се служат здравствени установи, градинки и училишта во 19 општини.

„Оваа грејна сезона ќе ја пречекаме со 70-тина објекти кои лани загадувале а оваа година нема – и покрупни објекти како студентскиот дом „Кузман Јосифовски“, градинки, болницата во Струмица. Покрај тоа што загадувале, вредноста на средствата кои тие ги трошат за набавка на нафта се околу 8 милиони денари,“ истакна Јани Макрадули .

Анализите на владата покажале дека една куќа или стан со површина од 60 метри квадратни која се грее на дрва годишно троши 18.500 денари, за нафта се издвојуваат 43.000 денари додека, пак, загревањето со инвертор климата чини помалку од 12.000 денари.

ГРЕЕЊЕ НА ПОВРШИНА ОД 60 МЕТРИ КВАДРАТНИ

Инвертор клима – 11.743 денари годишно

Дрва – 18.586 денари годишно

Нафта – 43.038 денари годишно

Автобус удрил во брдо, 22 загинати

Најмалку 22 лица загинале, а 15 се повредени во сообраќајна несреќа на автобус во Пакистан. 

Автобусот на кого му откажале сопирачките додека се движел по планински пат на северозападот на Пакистан удрил во брдо, соопштила полицијата.

Според полицискиот извештај несреќата се случила во областа Чилас на патот меѓу градовите Скарду и Равалпиниди.

Непристапниот терен и недостатокот на опрема ги отежнуваат напорите на спасувачките екипи при извлекување на повредените.

Со автомобил се забил во џамија

Француската полиција уапсила маж кој со својот автомобил удрил во џамија во местото Колмар на североистокот на Франција, пренесе локалната управа на префектурата О-Ран.

Уапсениот возач на себе имал повредни нанесени со нож, но не е познато дали самиот се повредил или го нападнало друго лице.

Според изјавите на очевидци на несреќата , на кои се повикуваат локалните медиуми , возачот на автомобилот  извикувал „Алах акбар“.

Веднаш по инцидентот полицијата го затворила целиот реон околу џамијата.

Засега не е познато дали нападот е дело на терорист или е обид за самоубиство, наведува „Спутник“.

Зајакнати капацитетите на Работниот комитет за интеграција во НАТО

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал" во Гармишпартенкирхен.

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал" во Гармишпартенкирхен каде членовите на комитетот детално се запознаа со начинот на кој функционира НАТО во однос на внатрешните постапки и процедури на земјите членки.

Членовите на комитетот добија информации и искуства и од некои од поновите земји членки на Алијансата како што се Словенија, Словачка и Хрватска во однос на нивниот процес на интегрирање во НАТОи функционирањето како полноправна членка на НАТО.

– Оваа размена на искуства и добри практики ќе биде корисна бидејќи доаѓа во финалната фаза на интеграција во НАТО на нашата земја. Република Северна Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО и тоа е неповратен процес. Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО веќе е завршен во 22 земји членки на НАТО. Преостанатите седум земји членки ќе ја завршат ратификацијата согласно нивните домашни политички процеси, велат од владината прес- служба од каде вечерва информираа за овој треминг семинар.

Оттаму велат дека прашањето на полноправно членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која била од земјите, единствено е прашање на време кога тоа ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите.

Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе се заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки, и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот Парламент. Процесите на интеграција на последните земји членки траеле од година до година ипол.

Работниот комитет за НАТО интеграција е интер-институционална работна група која е задолжена за изработка и имплементација на Програмата за континуирани реформи за членство во НАТО. Тоа е оперативното работно тело што ги има обврските за подготвува на Република Северна Македонија за членство во НАТО. /МИА

притисни ентер