Народна банка очекува раст на БДП од 3,5 отсто согласно со проекциите

Според објавените проценети податоци за БДП, економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1 отсто (4,1 процент во првиот квартал).

Растот на економијата се очекува да достигне 3,5 отсто согласно со проекциите, оценува  Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, кој смета дека и монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и оти економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата.

-Според објавените проценети податоци за БДП, економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1 отсто (4,1 процент во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6 отсто и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината. Високофреквентните показатели за економската активност во јули упатуваат на натамошен раст, но бројот на расположливи показатели засега е ограничен за извлекување посигурни констатации за растот во третиот квартал. Согласно со априлскиот циклус проекции, се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5 отсто, информираат од Народната банка.

Во соопштението се додава дека отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, контекст што придонесува за постојани интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1 отсто, при што растот на цените е помал од очекуваниот. Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 отсто засега се оценуваат како претежно надолни.

Во соопштението стои дека податоците за менувачкиот пазар заклучно со првата декада на август укажуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи од приватни трансфери во однос на проектираните за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на август се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат натамошен раст на годишна основа, при што нема поголеми отстапувања во однос на  очекувањата.

Ликвидноста на банките и натаму се зголемува, главно како одраз на интервенциите со откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. – Во август Народната банка откупи околу 88 милиони евра, во услови кога банките втор месец по ред имаа нето-откуп на девизи од нивните клиенти. Најголем придонес за ваквите движења има натамошната сезонски повисока понуда на девизи од страна на менувачниците, но и умереното намалување на нето-побарувачката за девизна ликвидност од страна на корпоративниот сектор. Покрај овие движења, врз високиот месечен износ на интервенции на Народната банка придонес имаше и активниот пристап на управување со девизната актива од страна на банките, со оглед на негативните приноси на меѓународните финансиски пазари. Поволните движења на девизниот пазар продолжија и во првата седмица од септември, наведуваат од Народната банка.

Во услови на натамошно зголемување на денарската ликвидност, стои во соопштението, банките имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Банките го насочуваа вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Автобус удрил во брдо, 22 загинати

Најмалку 22 лица загинале, а 15 се повредени во сообраќајна несреќа на автобус во Пакистан. 

Автобусот на кого му откажале сопирачките додека се движел по планински пат на северозападот на Пакистан удрил во брдо, соопштила полицијата.

Според полицискиот извештај несреќата се случила во областа Чилас на патот меѓу градовите Скарду и Равалпиниди.

Непристапниот терен и недостатокот на опрема ги отежнуваат напорите на спасувачките екипи при извлекување на повредените.

Со автомобил се забил во џамија

Француската полиција уапсила маж кој со својот автомобил удрил во џамија во местото Колмар на североистокот на Франција, пренесе локалната управа на префектурата О-Ран.

Уапсениот возач на себе имал повредни нанесени со нож, но не е познато дали самиот се повредил или го нападнало друго лице.

Според изјавите на очевидци на несреќата , на кои се повикуваат локалните медиуми , возачот на автомобилот  извикувал „Алах акбар“.

Веднаш по инцидентот полицијата го затворила целиот реон околу џамијата.

Засега не е познато дали нападот е дело на терорист или е обид за самоубиство, наведува „Спутник“.

Зајакнати капацитетите на Работниот комитет за интеграција во НАТО

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал" во Гармишпартенкирхен.

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал" во Гармишпартенкирхен каде членовите на комитетот детално се запознаа со начинот на кој функционира НАТО во однос на внатрешните постапки и процедури на земјите членки.

Членовите на комитетот добија информации и искуства и од некои од поновите земји членки на Алијансата како што се Словенија, Словачка и Хрватска во однос на нивниот процес на интегрирање во НАТОи функционирањето како полноправна членка на НАТО.

– Оваа размена на искуства и добри практики ќе биде корисна бидејќи доаѓа во финалната фаза на интеграција во НАТО на нашата земја. Република Северна Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО и тоа е неповратен процес. Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО веќе е завршен во 22 земји членки на НАТО. Преостанатите седум земји членки ќе ја завршат ратификацијата согласно нивните домашни политички процеси, велат од владината прес- служба од каде вечерва информираа за овој треминг семинар.

Оттаму велат дека прашањето на полноправно членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која била од земјите, единствено е прашање на време кога тоа ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите.

Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе се заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки, и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот Парламент. Процесите на интеграција на последните земји членки траеле од година до година ипол.

Работниот комитет за НАТО интеграција е интер-институционална работна група која е задолжена за изработка и имплементација на Програмата за континуирани реформи за членство во НАТО. Тоа е оперативното работно тело што ги има обврските за подготвува на Република Северна Македонија за членство во НАТО. /МИА

притисни ентер