„Секоја една е вредна" – кампања против родови стереотипи и предрасуди за жените

 Родовата еднаквост и борбата против гласините, стереотипите и предрасудите кои ги поттикнуваат и ги зајакнуваат родовите нееднаквости не се прашања кои ги засегаат само жените, туку се однесуваат на општеството како целина. 

„Секоја една е вредна" е слоганот под којшто се одвива националната кампања „Гласно против гласини" поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје којашто има цел да ја подигне свеста за штетното влијание од ширењето „гласини" што доведуваат до родови стереотипи и предрасуди за жените во општеството.

Кампањата „Гласно против гласини", што стартуваше официјално синоќа, е поттикната од потребата да се стави крај на стигматизацијата на жените во општеството врз основа на приказни и верувања полни со непроверени информации, сомнежи и невистини.

– Родовата еднаквост и борбата против гласините, стереотипите и предрасудите кои ги поттикнуваат и ги зајакнуваат родовите нееднаквости не се прашања кои ги засегаат само жените, туку се однесуваат на општеството како целина. Затоа ги повикувам сите мажи и момчиња целосно да се вклучат и да преземат заедничка одговорност за постигнување родова еднаквост, истакна на стартот на кампањата амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

На настанот биле промовирани инспиративните приказни на жените кои претставуваат позитивен пример за справување со оваа негативна општествена појава – Мартина Димоска, Гзиме Фејзи, Искра Донева и Фатма Бајрам Аземовска. Нивната храброст и лични искуства биле прикажани преку четири кратки видеа во кои ги споделиле своите соочувања со гласините, но и нивните успешни начини на справување со истите и одлучноста да го реализираат својот интелектуален потенцијал.

Кампањата, којашто ја спроведува маркетинг агенцијата Футура 2/2, продолжува со различни активности кои ќе бидат реализирани на национално ниво и ќе опфатат различни канали на комуникација: социјални и дигитални медиуми, настани и дебати од јавен карактер, сè со цел да се допре до засегнатите страни и едукативно да се влијае врз директните учесници во ваквата негативна општествена појава, се наведува во соопштението од Медиаплан.

Тела на 19 мигранти пронајдени кај брегот на Тунис

Телата на 19 лица се пронајдени во близина на брегот на Тунис, еднo од главните влезни места за мигранти кои сакаат да го преминат Средоземното Море во Европа, а полицијата уапси петмина шверцери на луѓе.

Крајбрежната стража на Тунис соопшти дека ги пронашла телата во вторникот во близина на пристанишните градови Махдија и Сфакс, вториот по големина град во земјата каде што мигрантите се судрија со полицијата во последните недели.

И покрај ризиците, мигрантите продолжуваат да се обидуваат да преминат од Северна Африка во Европа, патувајќи со брод преку Средоземното Море од Мароко, Алжир, Тунис и Либија до Италија, Грција, Малта и шпанските Канарски Острови. Повеќе од 49.000 луѓе дојдоа во Европа по море оваа година, вклучително и повеќе од 7.000 од Тунис до Италија.

Многу повеќе се обиделе да ја поминат оваа рута, вклучително и илјадници кои биле пресретнати од северноафриканските власти, а се проценува дека 473 лица се мртви или исчезнати, според Меѓународната организација за миграција на ОН. /МИА

Челниците на НБА: Лејкерси оштетени против Денвер

Судиите грешат и во НБА, а тоа најдобро го почувствуваа играчите на Л.А.Лејкерс. Ако им е некаква утеха, потврда добија и од челниците на НБА лигата.

Кошаркарите на Денвер Нагетс го совладаа Лос Анџелес Лејкерс (101:99) во вториот меч од плејоф серијата со кошот на Џамал ​​Мареј со звукот на сирената. Сепак, натпреварот не помина без драма. Гостите се жалеа на судењето на овој меч, а сега од НБА потврдија дека Леброн и тимот се оштетени.

Судиите направија две големи грешки кои се одразија на крајниот исход на натпреварот, велат челниците на НБА.

Дополнителните анализи утврдија дека Лејкерси ја загубија можноста за нов напад кога на Никола Јокиќ не му се судеа три секунди во одбранбениот рекет, додека вториот голем пропуст беше несудениот фаул над Леброн на крајот, кога беше сопрен од Кентавиус Колдвел-Поуп. /МИА

Утре нова рунда од дијалогот Белград-Приштина

Во Брисел утре ќе продолжат разговорите во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, каде се очекува повторно главна тема да биде одлуката на Централната банка на Косово за забрана на употреба на динари во Косово.

Делегацијата од Белград, во која има бројни експерти, повторно ќе ја предводи директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, а од приштинската страна се очекува учество на нејзиниот главен преговарач Бесник Бисљими.

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, потврди дека утре ќе се одржи средба на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина за прашањето за динарот и изјави дека средбата се планира да се одвива по вообичаениот формат на дијалог. Како што појасни, со двете страни ќе се одржат билатерални средби, прво со претставници на Белград, а потоа ќе се одржи трилатерална средба.

Ова е шеста рунда од дијалогот на кој треба да се разговара за едностраната одлука на Приштина да го укине динарскиот платен промет во Косово.

Претходно оваа недела, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак изрази очекување дека претстојните разговори меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина во Брисел ќе се засноваат на „многу конкретни идеи“, оценувајќи дека за време на претходната рунда од дијалогот се намалил јазот меѓу страните.

- Во исто време, некои разлики остануваат и затоа повторно ќе бидам домаќин на двајцата главни преговарачи во Брисел и очекувам нашите разговори да се засноваат на многу конкретни идеи, кои би ни овозможиле да продолжиме напред во интерес на народите, напиша Лајчак на Фејсбук.

Претходната средба на ниво на главни преговарачи се одржа на 18 април во Брисел, а Петковиќ тогаш изјави дека Белград направил апсолутно се за да се најде решение во врска со едностраната одлука на Приштина за укинување на српскиот динар и платниот промет на Србија на Косово, но дека Приштина не сака да најде решение.

- Излеговме со конструктивен предлог, а тој предлог беше оценет од Брисел, односно од господинот Лајчак и неговиот тим, како многу добра основа, односно солидна основа за продолжување на разговорите, со што уште еднаш покажавме дека сме страна која се грижи за изнаоѓање решение, истакна тогаш Петковиќ.

Од друга страна, главниот преговарач на Приштина, Бесник Бисљими, изјави дека средбата била „бескорисна“ и оти Белград дошол со сосема нов предлог, сакајќи, како што тврди, да ја врати ситуацијата на почетната точка. /МИА

притисни ентер