Реновиран пунктот за вакцинација во Поликлиниката Чаир, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот

 Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Виктор Исјановски денеска ја посетија Поликлиниката Чаир, каде е реновиран пунктот за вакцинација.

Покрај реновираниот делот за вакцинација, има една просторија која е опремена со играчки, а целосно се реновирани просториите каде се врши апликацијата на вакцините, лекарските ординации и собата каде работат медицинските сестри.

– Ова е почеток на реновирање на сите вакцинални пунктови во рамки на Здравствениот дом во Скопје. Следат поликлиниките во „Јане Сандански", во Бит-пазар и во Ѓорче Петров. Дополнително на реновирањето на овие делови – вакцинални пунктови ќе се реновираат и сите други амбуланти таму каде што е најкритично. Една од најруинираните згради е амбулантата во Ѓорче Петров и направивме наша стратегија и договор од таму да почнеме со целосно реновирање на амбулантата, најави Филипче.

Според него, Здравствениот дом – Скопје врши многу значајна работа во делот на здравствениот систем. Тука се наоѓа и апаратот за магнетна резонанција.

– Новина е тоа што веќе од минатата недела пуштени се термини и за трета смена, наместо до 20 часот, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот што значи дека ќе се намали времето на чекање за изведување на магнетна резонација на територијата на Град Скопје. Одлично е искористен и апаратот за компјутеризирана томографија што се наоѓа во поликлиниката „Јане Сандански", овде во Чаир се наоѓа и дигиталниот томограф од каде што доаѓаат за снимање жени по програмата за превенција од територијата на цела држава, рече Филипче.

Министерот за здравство информира дека прават планови за набавка на мали возила кои ќе ја промовираат патронажната служба. Најави дека во следните денови ќе се потпишат договорите на повеќе од 20 доктори кои ќе работат во патронажните сервиси.

– Тоа беа невработени доктори. Со нашиот повик за вработување на доктори и медицински сестри практично сите имаа можност да се пријават на овој оглас. Тоа е програма која за почеток трае шест месеци, меѓутоа работиме на тоа да се обезбедат средства за следната година да биде и на повеќе месеци, рече Филипче.

Министерството за здравство, како што рече, распиша уште една набавка за амбулантни возила.

– Последната анализа покажа дека возилата што ги набавивме за Здравствениот дом – Скопје сега се сосема доволни, може да одговорат на барањата на граѓаните и тие ќе бидат наменети за здравствените домови ширум државата. Продолжуваме со зајакнување на примарната поликлиничка дејност не само во рамки на Здравствениот дом – Скопје, туку и ширум државата со новите вработувања, патронажните сервиси и тоа што ги интересира концесионерите и примарните доктори зголемување на капитацијата која што ќе почне од 1 октомври оваа година, рече Филипче.

Директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Виктор Исјановски изјави дека е големо побарувањето за магнетната резонанција и затоа се решиле да воведат, како што рече, трета полусмена, со отворање на шест до седум термини.

– За да се направи едно такво снимање потребно е самиот техничар којшто е таму да го подготви пациентот, а тоа трае од 30 до 40 минути. Времето е малку поголемо, но имаме голема побарувачка не само од Скопје, туку и од целата држава. Се надеваме дека и понатаму доколку дозволат условите, ако треба да отвориме и до 00:00 часот да имаме термини за магнетна резонанса, но засега ќе биде до 22:30 часот, рече Исјановски.

Најави дека размислуваат и за компјутерот што е во Поликлиниката „Јане Сандански".- Таму веќе пуштивме доктор затоа што таму имавме мал проблем со препокривање на колегата од Поликлиниката Драчево, но веќе имаме готов специјалист којшто работеше во Итната медицинска помош и тој отиде постојано да биде на тоа работно место, рече Исјановски. Додаде дека оваа поликлиника опфаќа некаде околу четири општини, каде живеат над 130.000 граѓани, но се дозволува и пациенти од другите градови да можат да ја искористат здравствената заштита.

Израел му возврати на Иран – одмазда или најава за нова војна?

Неполна недела по иранскиот напад со дронови и ракети, Израел го возврати ударот.

Експлозии утринава одекнале во Исфахан и Табриз, градови кои се дом на неколку воени и нуклеарни бази на иранската армија. Израелските власти за сега ниту потврдуваат,ниту демантираат дека стојат зад нападот, но американските медиуми пренесуваат дека официјален Вашингтон добил претходно предупредување за можен израелски напад. Техеран пак тврди дека нападот бил минимален и не предизвикал никаква штета. Дел од безбедносните експерти во ова гледаат начин на двете страни да ја де ескалираат ситуацијата.

-Двете страни тука, се обидуваат да си го обелат образот. Можете да видите дека израелците се обидуваат да си го обелат образот со тоа што ќе направат нешто, но не премногу за да ги вознемири сојузниците претерано. А иранците, се доста внимателни да не го преувеличат ова во моментот, и да покажат дека како што ќе реагираат, може да реагираат на начин кој нема да го погоди Израел директно. - Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Иранските медиуми пак, дополнително ја минимизираат ситуацијата и обемот на нападот, прикажувајќи мирни сцени од Исфахан.

-Го гледате Исфахан кој е во целосен мир, луѓето си живеат нормално. Мислам дека два или три часа по полноќ се слушаа звуци на небото над Исфахан. Врз основа на информациите кои ги имаме, неколку мали дронови летале над небото, и врз нив било пукано, вели еден ирански новинар.

Иранската армија тврди дека нападот бил извршен со дронови, а звуците над Исфахан биле од воздушната одбрана која ги уништила сите летала. Воените бази според нив, немале никаква штета во нападот.

-Во Зардањан областа на Исфахан, постројката за нуклеарна енергија помеѓу 4.30 до 5.30 часот наутро се слушаше пукање, но тоа не беше ништо, само звукот на воздушната одбрана. Војниците кои ги гледате тука се сигурни и безбедни, барем во оваа област каде што сме. Ништо не беше погодено или уништено било каде. - Иранска републиканска гарда

-Иранците тврдат дека пресретнале неколку дронови и никој од нив не се пробил, тоа е малку веројатно, бидејќи Исфахан е илјада милји од Израел и никој при здрав разум не би испратил дронови илјада милји.- Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Тензиите меѓу Израел и Иран се зголемија по експлозијата во иранскиот конзулат во Дамаск во која неколку ирански државјани го загубија животот, а Техеран прстот за тоа го впери кон израелските власти. Токму тоа беше и причината минатата недела Иран со над 300 беспилотни летала и проектили да го нападне Израел, чин за кој израелските власти најавија дека ќе се одмаздат.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Првичните најави се сменија, изгубените часови поради претстојните избори и самитот на ОБСЕ сепак ќе мора да се одработат. 

Основците во мај и јуни, три саботи ќе одат на училиште за да ги исполнат законски утврдените 180 работни денови, велат од МОН, бидејќи во спротивно би се прекршил законот за образование.

18 мај, 1 јуни и 15 јуни, односно секоја втора сабота тој период, основците ќе треба да го одработат загубеното, одлука која предизвика несогласување од страна на СОНК. Тие веќе испратиле и реакција за промена на истата до министерството вели првиот човек на синдикатот Неделков. Тој не гледа ништо спорно во тоа министерот крајот на учебната година да го верифицира со 3 работни дена помалку, наместо да се дискриминираат наставниците... Згора на тоа, вели искуствата покажале дека продуктивноста на учениците би била минимална.

-Под МОН се и средно и високо образование, тие не работат, само основно образование, колегите вработени во основното образование навистина се чувстуваат и дискриминирани од 700.000 работници во државата, само овие 20тина илјади ќе работат. Одејќи во сабота нема да има никаков квалитет, ниту квантитет, ниту учениците ќе дојдат во бројот кој го поседува образованието, апсолутно тоа искуството го кажува и сметаме дека е не продуктивно да се работи во сабота.

Учениците од училиштата каде ќе се спроведува гласање, еден ден пред изборите на 24 април и 8 мај ќе имаат скратени часови кои ќе траат најдоцна до 11 часот. Од сојузот на средношколци кои не се опфатени со законот за работни денови, исто така сметаат дека саботите се бесполезни, а во нивниот случај, веруваат дека професорите имаат начин да се надокнади наставата..

-Саботите не треба да се работат, не се ефективни, сме виделе доста пати дека не се ефективни и дека не се држи настава како што треба да се држи во работните денови кога ја имаме. Среќни сме што средношколците нема да ги работат саботите, но една работа е дека професорите ќе треба да ја стегнат програмата и да ја поврзат повеќе за да можеме и ние да ги имаме ефективни деновите и часовите.- Берин Мухамед – Сојуз на средношколци

Инаку 24 и 8 мај се прогласени за неработни за сите работници на територјата на Македонија. Владата во Информацијата која ја усвои им препорача на приватните работодавци да ги почитуваат заклучоците, за секој граѓанин да може да си го оствари демократското право на глас во избирачката единица во која е регистриран.

Видео: Слоница избега од циркус и се прошета низ град во САД

Слоница избега од циркус во Бјут, Монтана,САД, при што ја пробила оградата и 10 минути се движела низ улиците на градот.

На видеоснимките од безбедносните камери и од очевидци, се гледа како слоницата Виола со доста голема брзина се движи по градот, додека циркускиот тренер оди и трча по неа и се обидува да ја смири и скроти. Дополнителен проблем бил звуците од возилата во близина што го исплашиле големото животно.

Откако малку се смирила, Виола продолжила кон блискиот тревник, каде што нејзините сопственици ја пресретнале со приколка каде што имало уште еден, помал слон - за да ја намамат. Виола потоа мирно влегла во приколката.

Истата вечер, според планираното, слоницата имала точка во циркусот.

Групите за заштита на животните, по повод овие настани, ги критикуваа сопствениците на слоницата, тврдејќи дека „очигледно принудено да настапува во циркусот“, животното сакало да избега од натамошно тормозење. /МИА

притисни ентер