Шекеринска од Галичица: Погледот кон двете езера симболично ги отсликува нашите две стратешки цели – членството во ЕУ и НАТО

Погледот од врвот на Галичица кон двете езера симболички кажува дека тој ни е насочен кон двете стратешки цели – кон членството во ЕУ и кон членството во НАТО, изјави денеска на врвот Лако Сигној на Галичица министерката Радмила Шекеринска

Таа ја предводеше планинарската тура „Две езера – две стратешки цели – ЕУ и НАТО", што повод Денот на независноста ја организираше Министерството за одбрана.

– Пред две години кога прв пат Министерството за одбрана организираше ваков марш во Крушево, целта ни беше да порачаме дека доколку знаеш која е заедничката цел, ако знаеш како да се организираш, ако си доволно трпелив и упорен без откажување од патот, дури и високите врвови не се недостижни. Пред две години членството во НАТО навистина изгледаше недостижно, но еве една од нашите главни стратешки цели е на дофат, не делат практично неколку недели, месеци. Со истата сила, истата енергија, упорност и знаење сега се свртуваме кон другата цел, почеток на преговори во ЕУ, рече Шекеринска.

Таа ја искористи можноста да истакне дека остварувањето и на двете цели не е лесно, како впрочем и искачувањето на самата Галичица, но погледот на двете езера остава без здив, така е големо и задоволството, сатисфакцијата кога ќе се постигнат резултати.

– По повод Денот на независноста сакаме оттука да ја испратиме пораката до целата таковина, дека трудот се исплаќа. Вложувањето, енергијата, упорноста возвраќаат со резултати. Убедена сум дека членството во НАТО ќе биде дополнителен ветар во едрата на нашите ЕУ планови, рече министерката Шекеринска.

Дел од празничната планинарска тура беа припадници на Армијата, како и градоначалниците на Охрид и Ресен, амбасадори во земјата, одбранбени аташеа во дипломатско-козуларните преставништва, планинари, граѓани.

Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Северна Македонија, Зоран Јанковиќ од своја страна потсети дека државата од прогласувањето на независноста во 1991 година минала тежок пат.

–Симболиката на оваа искачување говори дека тој пат воопшто не беше лесен. Имавте конфликт во 2001 година решен со Охридскиот рамковен договор, а во 2017 година од другата страна на езерото го потпишавте Договорот од Преспа со Грција и на тој начин ги отворивте вратите кон НАТО и ЕУ. Алијансата е блиску со вас и се надеваме дека наскоро ќе бидете 30-тата членка на НАТО, и затоа би ја искористил можноста да им го честитам празникот на граѓаните на земјата со желби за напредок во иднина, рече Јанковиќ.

Амбасадорката на САД, Кејти Мери Брнс изрази задоволство што е дел од овој марш, како начин на прославување на Денот на независноста во природа.

– Ова е извонредна можност претставници на заедниците на НАТО и на ЕУ да бидеме сите тука заедно, и со своето присуство да ја изразиме нашата поддршка на Македонија, како и да го прославиме празникот, рече Брнс.

Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние во кусата изјава ја поздрави ваквата идеја за прославување на празникот, за која оцени дека ги отсликува заложбите за мир, за надеж и заедничка подобра иднина за сите.

Средба на претседателот Пендаровски со бугарскиот премиер Петков

Претседателот Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков, кој престојува во официјална посета на Македонија, се наведува во соопштението на кабинетот на претседателот. 

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните.

Во однос на отворените прашања меѓу двете земји, претседателот посочи дека е потребно враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.

Претседателот Пендаровски истакна дека Македонија во духот на добрососедството и почитување на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање на компромисно решение за отворените прашања.

Тој додаде дека отпочнувањето на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.

Вториот човек на Ватикан позитивен на коронавирусот

Италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, државен секретар и втор човек на Ватикан, како и неговиот заменик, се позитивни на коронавирусот, соопшти денеска ватиканската медиумска служба.

„Паролин (67) е позитивен на Ковид, но со благи симптоми и сега е во изолација", изјави Матео Бруни, директор на медиумската служба.

Позитивен е и неговиот заменик Едгар Пења Пара, венецуелски надбискуп, и нема симптоми, додаде тој.

И двајцата биле вакцинирани против вирусот.

Папата Франциск (85), кој исто така е вакциниран, често се среќава со Паролин, кој му е десна рака и добар познавач на дипломатските прашања.

Проди: Час поскоро да продолжи проширувањето на ЕУ со сите земји од Западен Балкан

Обраќањето тој го искористи токму да го посвети на Македонија.

Поранешниот претседател на Европската комисија, Романо Проди, денеска во обраќање пред учесниците на онлајн-церемонијата на доделување на Светската награда за хуманизам ја повтори неопходноста од продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан.

Обраќањето тој го искористи токму да го посвети на Македонија и потешкотиите со кои се соочува земјата на нејзиниот евроинтеграциски пат, особено неговото изненадување од одлуката на Франција да не даде зелено светло за отпочнување на преговорите со Македонија за членство.

– Сметам дека процесот на проширување на ЕУ мора да се заокружи. Европа е мешавина на германска, саксонска, словенска култура и сите ние сме едно, токму поради нашето мултикултурното наследство. Сакам оттука да дадам силна порака, час поскоро да почне процесот на евроинтеградција на сите земји од Балканот во ЕУ, во спротивно Европа нема да биде целосна. Знам дека многубројното членство во ЕУ значи мултициплирање на проблемите и остава повеќе простор за отворени прашања, но има позитивни промени во политиката. Токму во име на хуманизмот, велам дека тој е единствен, универзален начин за наше сплотување заедно со сите наши различности во потеклото и културата, рече Проди.

Проди кој и самиот е лауреат на Светската награда за хуманизам за 2019 година и на свеченоста на примопредавањето на наградата во Охрид пред три години посочи на потребата од неизоставно забрзување на процесот на присоединување на државите од Балканот кон Европската унија, притоа предупредувајќи дека нема да има целосен и траен мир во Европа се додека сите земји од континентот не станат дел од големото европско семејство. /МИА

притисни ентер