Што предвидува ребалансот на буџетот?

Повисоки плати и подобри услуги за граѓаните, ова според Владата се клучните насоки со кои се креираше ребалансот на буџетот за годинава.

Прекројувањето на државната каса по катастрофалната реализација на капиталните проекти е очекуван чекор, но инвестициите мора да бидат приоритет, сметаат познавачите на проблематиката. Претседателката на ССК Данела Арсовска смета дека скратените пари од капиталните проекти кои се пренасочуваат за поддршка на растот на платите во приватниот сектор ќе дадат резултат, но сепак мора да се почека нивниот ефект.    

„Значајно е дека ќе се субвенционираат делот којшто до овој момент компаниите го плаќаат на пензиското и на здравственото осигурување, а тие ќе бидат обврзани да го платат само персоналниот данок, меѓутоа апелиравме оваа мерка во ниту еден случај да не се поврзува и да не доведува оправдание за вештачко зголемување на минималната плата со измени во легислативата бидејќи слушнавме некои најави дека истото зголемување ќе биде 15, 16 илјади денари до крајот на годината.“

Од невладината Фајненс Тинк пак, излегоа со препораки. Сметаат дека субвенционирањето треба да се ограничи само на платите до 24 илјади денари, а износот на субвенциите постепено да се намалува.

 “Фајненс Тинк препорачува да имаме ограничување на субвенционирањето на плати само до 24 илјади денари. Субвенционирањето со тек на време да се намалува, на пример следна година да биде 50%, годината после тоа да имаме 25% субвенционирање од плата, како и да се оневозможи оние субвенционирања и повисоки плати да се намалат после истекот на оваа мерка.“

Презентираната мерка од владата нема ограничувања. Државата ќе ги покрива трошоците за пензиско и здравствено за оние работодавачи кои ќе ја зголемат платата на вработените од 600  до 6 000 денари. Пресметките на власта покажуваат дека буџетот може да го издржи товарот.

„Благодарение на добрите перформанси на буџетот, неговата ликвидност и финансиска стабилност, владата утврди дека може да се алоцираат предвидените 400 милиони денари за субституирање на придонесите за да се овозможи пораст на платите.“

Фајненс тинк пресметале дека според нивните препораки на државата ќе и требаат само 28 милиони евра на годишно ниво.

Власта со ребалансот за оваа мерка пренасочи 400 милиони денари или 6,7 милиони евра. Пресметките велат дека на годишно ниво ќе го чинат буџетот 40 милиони евра.

Ангеловска и Деспотовски со предлог да се формира регионален ФИТР со седиште во Скопје

Деспотовски ја истакна успешноста на ФИТР, нагласувајќи дека дале предлог седиштетот на регионалниот Фонд да биде во Скопје.

Основање регионален фонд што ќе работи по примерот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е предлог што министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски го дадоа на денешниот Самит на раководители на акцелераторот за конкурентност и иновации, а седиштето на фондот би бил во Скопје.

Ангеловска за МИА посочи дека ова е прва иницијативата на Светскиот економски форум за земјите од Западен Балкан, што има за цел да се развие конкурентноста на регионот преку воспоставување акцелелатор, платформа, што ќе биде во соработка со јавниот и приватниот сектор за да се помогне на домашните комапнии да се прошират на глобалниот пазар.

Таа, како што јави известувачот на МИА од Тирана, наведе дека иницијативата има идентификувано четири приоритети.

– Тоа се трансформативното претприемништво, кое е навистина многу важно за развој на регионот, вториот приоритет е трпеливо инвестирање, односно да не се чекаат брзи резултати, туку оти дека треба да се инвестира и во истражувањето, во развој со цел понатаму да се комерцијализираат идеите и да се има солиден план за развој. Друг приоритет е освојување на нови пазари и последното е предвидување или соработка на приватниот сектор со академиите, со цел да се основаат нови иницијативи кои ќе бидат кокреирани и од академијата и од приватниот сектор, појасни министерката за финансии.

Ангеловска, како дел од лидерската група на акцелераторот, посочи дека ќе работи на акцискиот план што треба да биде подготвен до септември, за, како што рече, понатаму да се продолжи со следните чекори, односно реализацијата.

– Оваа иницијатива е навистина многу важна за целиот наш регион, за да се развива и да може полесно да соработува, заклучи Нина.

Деспотовски ја истакна успешноста на ФИТР, нагласувајќи дека дале предлог седиштетот на регионалниот Фонд да биде во Скопје.

– Ние имаме инвестициско портфолио од околу 65 милиони евра. Над 340 компании веќе користат средства за иновации и технолошки развој. Сите овие бројки и резултати се препознаени и од меѓународните партнери. Целта е моделот што веќе функционира во Северна Македонија, кој, исто така постои и во Србија, да се подигне на едно повисоко ниво, да се овозможи не само фрагментирани пазари од по неколку милиони луѓе, туку да се искористи целиот потенцијал на регионалниот пазар од 17 милиони луѓе, наведе Деспотовски.

Инаку, по иницијатива на Светскиот економски форум, денеска почнува со работа акцелераторот за конкурентност и иновации на земјите од Западен Балкан. /МИА

КСС: Ќе се спротиставиме на селективната реформа во јавниот сектор

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најавува дека ќе се спротистави на, како што соопшти денеска, нетранспаретната и селективна реформа на јавната администрација.

По вчерашната изјава на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за транферот на вработени од јавен во приватен сектор КСС во реакција ја прашува Владата зошто е потребно да се прави тоа кога во изминатите неколку години, како што наведуваат, се вработени над 40 илјади административци.

Според КСС, ваквата идеја на „мала врата" ќе се реализира и преку неодамна потпишаниот Колективен договор за јавен сектор каде има одредби во кое е пропишано како ќе се изврши трансферот од јавен во приватен сектор.

Од КСС велат дека не е точно оти ги немаат доставено и предлозите за предвремено пензионирање на дел од администрацијата, со што би се пренасочиле парите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и со што би се намалил бројот на администрацијата. /МИА

Во притвор дилери на дрога

Основниот суд Кавадарци со решенија определи притвор за секоe од лицата во траење од по 30 дена. 

Наредби за спроведување истражна постапка донесе Основното јавно обвинителство Кавадарци  во два одделни предмети против две лица,  43-годишен неготинец и 30-годишен жител на село Корешница, Демир Капија, поради основано сомнение дека го извршиле кривичното дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Како што соопшти Обвинителството, при извршен претрес на дом и други простории, на 20 февруари, во домот на осомничениот неготинец биле пронајдени тринаесет најлонски пакувања  наротична дрога кокаин во вкупна количина од 16,19 грама и шест најлонски пакувања наркотична дрога хероин во количина од 36,58 грама, кои осомниениот ги држел неовластено заради продажба.

Истиот ден во одделна акција при личен претрес кај жителот на Корешница биле пронајдени импровизирана-цилиндер епрувета со 5,82 грама амфeтамин и 42,1 грам наркотична дрога марихуана спакувана во пет најлонски пакувања.

Јавните обвинители кои постапуваат во предметите  доставија предлози за определување на мерката притвор за осомничените, по кои судија на претходна постапка во Основниот суд Кавадарци со решенија определи притвор за секоe од лицата во траење од по 30 дена. /МИА

притисни ентер