Едно е сигурно - Британија ја живее најголемата политичка криза по поновата историја, а по вечерашното гласање ќе биде појасно дали противниците на Џонсон ќе спречат Брегзит без договор на 31-ви октомври и ќе успеат да добијат ново три месечно пролонгирање за напуштањето на унијата.
Доколку успеат, тоа практично значи дека токму најголемиот поборник за брз развод со ЕУ, Џонсон, ќе биде тој што ќе отпатува во Брисел за да побара ново одложување. Но, тој вели нема да се понижи. Доколку и вечерва го загуби гласањето, ќе побара предвремени избори.
-Јас не сакам избори, но доколку пратениците гласаат за запирање на преговорите и наметнат уште едно бесмислено одложување на Брегзитот, кое ќе трае со години, тогаш тоа би бил единствениот начин ова да биде разрешено, изјави Борис Џонсон, премиер на В.Британија
За да се распишат избори, на Џонсон му треба двотретинско мнозинство во Парламентот. Според најавите тој би ги закажал изборите околу 15 октомври, две недели пред формалното напуштање на Унијата и сето тоа по вчерашната драма во Парламентот. Вчерашниот Почеток на крајот за Џонсон, го означи долгогодишниот сопартиец Филип Ли, кој среде говорот на својот лидер, прејде од другата страна и седна меѓу опозициските пратеници, со што Џонсон го загуби мнозинството. Следуваше вториот удар, кога 20-ина конзервативци му откажаа лојалност и гласаа против тврдиот Брегзит. Меѓу нив неколку екс министри и внукот на Винстон Черчил.
-Нема согласност во овој Парламент за напуштање на ЕУ без договор. Нема мнозинство за Брегзит без договор во земјата, изјави Џереми Корбин, лидер на опозициската Лабуристичка партија
Во последната студија на Обединетите Нации се проценува дека доколку се случи Брегзит без договор, Британија ќе претрпи загуби од најмалку 16 милијарди долари од извозот во Европската Унија.