Од денеска на настава сите, заврши еднодневниот штрајк

Во основните и средните училишта денеска на настава се сите вработени откако вчера заврши предупредувачкиот штрајк на наставници членови на СОНК и тие што солидаризираа со нив.

Штрајкувачите вчера беа на работа без работни обврски, а оние што не пристапија имаа часови. Во училиштата кои не истакнаа известувања дали ќе организираат настава, учениците и нивните родители самите ја решаваа дилема дали да го слушаат повикот од МОН да се дојде на училиште или на СОНК да не се доаѓа. Некои родители на помали деца избраа наставата да ја почнат денеска за да бидат сигурни дека тие ќе бидат згрижени. Првачињата, главно, секаде беа прифаќани, а во повеќе училишта беа организирани и приредби за почетокот на нивното основно образование.

Предупредувачкиот ден помина со исти позиции на МОН и СОНК околу платите на наставниците – министерот Арбер Адеми со аргументот дека за 10,8 отсто им се зголемени платите од август 2018 до септември 2019, а лидерот на СОНК Јаким Неделков со укажување дека државата им должи уште онолку проценти за колку што е зголемена минималната плата во државата, или до 25 отсто.

– Не се штрајкува кога имаме одлука за повисока плата за нови 5 проценти од септември. Со СОНК имаме коректен и конструктивен социјален дијалог и ќе го продолжиме. Ќе ги разгледаме сите податоци и аргументи и во партнерски однос со Синдикатот ќе одлучиме како Влада за идното покачување на платите на наставниците, изјави Адеми.

Лидерот на СОНК, пак, задоволен од одѕивот на наставници вклучени во штрајкот во сите општини, порача дека „веќе е време да се отворат картите зашто песочниот часовник одбројува". Очекува преговори со МОН во текот на септември од кои ќе зависат нивните следни чекори наредниот месец.

– Месеци наназад немаме конкретна понуда колку и од кога. Мислам дека во септември веќе картите ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува. До крајот на септември ние мора да изнајдеме заемно прифатливо решение во однос на прашањето за зголемување на платите за во октомври да знаеме што понатаму, изјави Неделков.

И додека МОН и СОНК ќе преговараат за да договорат проценти за платите, за околу 260 илјади средношколци и основци почна нова учебна година. Според податоците на МОН, околу 20 000 од нив се првоодделенци. /МИА

„Волстрит Џурнал“: Кинески хакери упаднале во мрежи на американски интернет провајдери

Кинески хакери упаднале во супербрзите мрежи на американски интернет провајдери и собрале информации од системите што американската федерална влада ги користи за прислушување со судски одобренија, пренесе денеска „Волстрит Џурнал“.

Компаниите „Verizon Communications“, „AT&T“ и „Lumen Technologies“ се меѓу телекомуникациските фирми чии мрежи биле пробиени при неодамна откриениот хакерски напад, соопшти њујоршкиот весник, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Кинеското министерство за надворешни работи денеска се огласи по повод оваа вест, соопштувајќи дека не е запознаено со хакерскиот упад кој е опишан во извештајот.

Во соопштението се истакнува дека САД и во минатото „измислувале лажни наративи за да ја обвинат Кина“.

„Во време кога кибер безбедноста стана заеднички предизвик за сите земји во светот, ваквиот погрешен пристап на САД само ќе ги попречи напорите на меѓународната заедница да најде заедничко решение преку дијалог и соработка“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Пекинг претходно ги негираше обвинувањата на американската влада и други субјекти дека користи хакери за упади во странски компјутерски системи. /МИА

Германски суд поднесе обвиненија против трoјца тинејџери поради планирање терористички напад

Суд во германската провинција Северна Рајна-Вестфалија поднесе обвиненија против тројца тинејџери за планирање на терористички напад, пренесува ДПА.

Осомничените, на возраст од 15 и 16 години, беа уапсени во април за време на велигденските празници. Тие планирале напад во согласност со целите на терористичката група „Исламска држава“.

Обвинителството тврди дека тинејџерите ги разменувале плановите преку апликацијата „Телеграм“ и разговарале за напади во цркви и полициски станици./МИА

Рекорден број мигранти го преминаа Ламанш за време на викендот

Рекорден број од 973 мигранти го преминаа Ламанш вчера за да стигнат нелегално до Велика Британија на импровизирани гумени чамци, додека истовремено четири лица загинаа на море, соопшти денеска британското Министерство за внатрешни работи.

Претходниот рекорд датира од јуни минатата година, кога беа регистрирани 882 премини. Со овие 973 мигранти, вкупната бројка за оваа година изнесува 26.612 лица кои пристигнале на британските брегови, најчесто од Франција.

Серијата бродоломи ја направија 2024 година најсмртоносна од 2018 година, кога започна овој феномен на прекуокеански преминувања.

Владата на Велика Британија под водство на лабуристичкиот лидер Киер Стармер вети дека ќе се справи со илегалната имиграција преку зголемување на депортациите и зајакнување на борбата против шверцерите.

Според британските власти, импровизираните чамци сега носат во просек по 52 патници, што е значителен пораст во споредба со 2020 година, кога просекот бил 13 лица.

Во периодот од јуни 2023 до јуни 2024 година, 18 отсто од пристигнатите мигранти биле од Авганистан, 13 отсто од Иран, а 10 отсто од Виетнам. /МИА

притисни ентер