Адеми: Дијалогот со СОНК е коректен, нема причина за штрајк

Со СОНК имаме коректен и конструктивен  социјален дијалог и ќе го продолжиме. 

Ќе ги разгледаме сите податоци и аргументи и во партнерски однос со Синдикатот ќе одлучиме како Влада за идното покачување на платите на наставниците, изјави министерот Арбер Адеми при посетата на ОУ „Лазо Ангеловски" во Ново Лисиче.

Го почитува синдикалното организирање и одлуките на СОНК, но како министер за образование и директно вклучен во политиките за креирање подобар национален образовен систем обврска му е, како што рече, да ги повикува учениците и наставниците да дојдат на првиот училишен ден и притоа им посака успех во претстојната учебна година.

За медиумите Адеми изјави дека не знае во колку училишта се штрајкува, но оти во добар дел новата учебна година почнала нормално и со организирање приредби за првачињата.

– Немам информација во колку училишта се штрајкува зашто уште е рано, но знам дека во добар дел првиот училишен ден се одвива на нормален начин, се организираат приредби и очекувам така и да продолжи, изјави Адеми во ОУ „Лазо Ангеловски" кое го избрал за посета на првиот училишен ден бидејќи МОН таму за реконструкција има инвестирано речиси 10 милиони денари.

Како и на вчерашната прес-конференција, повтори дека нема причина за штрајк зашто Владата, како што рече, е силно ангажирана да го подобри статусот на наставниците и дека од август 2018 до овој септември платите на наставниците се зголемени над 10 отсто со двете покачувања од по пет проценти.

– Оваа година почнува поинаку, имаме нов закон за основно образование, кој третпат по осамостојувањето на земјата е целосно нов и донесен без ниту еден глас против. Имаме нов Закон за наставници и стручни соработници кои недостигаше во државата. Имаме второ покачување на платите за една година за дополнителни 5 проценти и септемвриската плата споредувајќи со августовската плата во 2018 е покачена за 10,8 проценти. Повеќе пари за 1,3 милијарди денари за основното и средното образование во 2019 споредено со 2017 година. Целосно реформирано средно стручно образование, нови наставни програми по одделни предмети и нови капитални инвестиции во училиштата, истакна Адеми.

На најавите од СОНК дека денешниот предупредувачки штрајк од октомври може да стане генерален ако нема заемно прифатливо решение на нивното барање за плати повисоки до 25 проценти, Адеми одговори дека не очекува дека ќе дојде до тоа зашто, рече, се движат во добра насока.

-Очекувам да не дојде до тоа. Сумите што ги соопштуваме се добар показател како се движиме. Не е малку над 1,3 милијарди денари повеќе за основното и средното образование за две години. Затоа нема причина за организирање штѕрајк. Тој се организира кога нема решение, ние имаме и нудиме решенија. Се движиме во добар правец, така ќе продолжиме и во слкедниот период, нагласи Адеми.

Покрај „Лазо Ангеловски", тој денеска е во посета и на ОУ „Бајрам Шабани" во село Кондово во Сарај, каде што исто така, како што рече, МОН има значителна капитална инвестиција.

Според директорот на „Лазо Ангеловски" Перо Арсеновски, во нивното училиште работата денеска почнала во 7.30 и имале настава со вишите одделенија од петто до деветто. На новинарско прашање одговори дека имаат обезбедено просторија за штрајк, но дека не гледа, како што рече, некој што е заинтересиран за штрајкот.

-Има многу, многу мал број. Јас не се инволвирам, ниту сакам. Според мене, покачувањето никогаш не е доста, меѓутоа во моментов тоа е тоа, други го кажуваат тоа, рече директорот на ОУ „Лазо Ангеловски" во кое настава следат 1490 ученици, а 198 оваа година се првачиња. /МИА

„Волстрит Џурнал“: Кинески хакери упаднале во мрежи на американски интернет провајдери

Кинески хакери упаднале во супербрзите мрежи на американски интернет провајдери и собрале информации од системите што американската федерална влада ги користи за прислушување со судски одобренија, пренесе денеска „Волстрит Џурнал“.

Компаниите „Verizon Communications“, „AT&T“ и „Lumen Technologies“ се меѓу телекомуникациските фирми чии мрежи биле пробиени при неодамна откриениот хакерски напад, соопшти њујоршкиот весник, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Кинеското министерство за надворешни работи денеска се огласи по повод оваа вест, соопштувајќи дека не е запознаено со хакерскиот упад кој е опишан во извештајот.

Во соопштението се истакнува дека САД и во минатото „измислувале лажни наративи за да ја обвинат Кина“.

„Во време кога кибер безбедноста стана заеднички предизвик за сите земји во светот, ваквиот погрешен пристап на САД само ќе ги попречи напорите на меѓународната заедница да најде заедничко решение преку дијалог и соработка“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Пекинг претходно ги негираше обвинувањата на американската влада и други субјекти дека користи хакери за упади во странски компјутерски системи. /МИА

Германски суд поднесе обвиненија против трoјца тинејџери поради планирање терористички напад

Суд во германската провинција Северна Рајна-Вестфалија поднесе обвиненија против тројца тинејџери за планирање на терористички напад, пренесува ДПА.

Осомничените, на возраст од 15 и 16 години, беа уапсени во април за време на велигденските празници. Тие планирале напад во согласност со целите на терористичката група „Исламска држава“.

Обвинителството тврди дека тинејџерите ги разменувале плановите преку апликацијата „Телеграм“ и разговарале за напади во цркви и полициски станици./МИА

Рекорден број мигранти го преминаа Ламанш за време на викендот

Рекорден број од 973 мигранти го преминаа Ламанш вчера за да стигнат нелегално до Велика Британија на импровизирани гумени чамци, додека истовремено четири лица загинаа на море, соопшти денеска британското Министерство за внатрешни работи.

Претходниот рекорд датира од јуни минатата година, кога беа регистрирани 882 премини. Со овие 973 мигранти, вкупната бројка за оваа година изнесува 26.612 лица кои пристигнале на британските брегови, најчесто од Франција.

Серијата бродоломи ја направија 2024 година најсмртоносна од 2018 година, кога започна овој феномен на прекуокеански преминувања.

Владата на Велика Британија под водство на лабуристичкиот лидер Киер Стармер вети дека ќе се справи со илегалната имиграција преку зголемување на депортациите и зајакнување на борбата против шверцерите.

Според британските власти, импровизираните чамци сега носат во просек по 52 патници, што е значителен пораст во споредба со 2020 година, кога просекот бил 13 лица.

Во периодот од јуни 2023 до јуни 2024 година, 18 отсто од пристигнатите мигранти биле од Авганистан, 13 отсто од Иран, а 10 отсто од Виетнам. /МИА

притисни ентер