Во Кавадарци дел од учениците примени на првиот училишен ден, дел вратени поради штрајк на наставниците

Во Кавадарци дел од учениците беа примени на првиот училишен ден во основните училишта, дел пак беа вратени поради штрајк на наставниците.

И покрај најавата на интернет дека денеска ќе започне наставата, Штрајкувачкиот одбор при ООУ „Тошо Велков Пепето" одлучи да се штрајкува. Присутни беа околу половина од 74 првоодделенци со родители. Директорот Блаже Велков и наставниците ги пречекаа и им кажаа дека наставата почнува утре.

Директорката на ООУ „Гоце Делчев", Весна Ангеловска прими околу 66 првоодделенци во холот на училиштето, им посака среќен почеток и ги повика утре на настава. Штрајкувачкиот одбор одлучи да нема настава.

-Педесет и пет првоодделенци денеска беа примени во ООУ „Страшо Пинџур", дел од наставниците штрајкуваа, но сепак учениците беа прифатени од други наставници. Учениците ги добија потребните информации како за прв училишен ден, информираше в.д. директорката Илинка Бакева.

Весна Шошева, директор на ООУ „Димката Ангелов-Габерот" во Кавадарци, рече дека штрајкувачкиот одбор одлучил да се штрајкува, но сепак првоодделенците кои дошле биле примени во холот на училиштето и им било објаснето дека наставата официјално почнува од утре. Овде се запишани 51 ученик во прво одделение.

Како што соопшти директорот на ООУ „Димката Ангелов-Габерот" од село Ваташа, Марјанчо Јанкулов денеска 29 првачиња беа свечено со приредба примени во училиште, а другите наставници го поддржуваат штрајкот.

Наместо во училишна клупа, многу мајки денеска кога треба да започне првиот училишен ден, ги фотографираа своите деца на клупа во парк.

-Многу се радуваше што ќе оди на училиште. Сега не можам да му објаснам зошто не го примија во училиште. Само му реков, утре пак ќе дојдеме. На интернет прочитавме ќе се примаат децата, сега велат не, а губиме од работа, утре пак ќе губиме, изјави еден родител.

Без проблем почна учебната година во ООУ „Тоде Хаџи Тефов", директорката Марија Трајкова нагласи дека сите ученици се примени во училиштето, а за 73 првоодделенци имаше и свечена програма. Дел од наставниците штрајкувале, но и учениците од класовите кои тие ги водат биле примени од други наставници. /МИА

Германски суд поднесе обвиненија против трoјца тинејџери поради планирање терористички напад

Суд во германската провинција Северна Рајна-Вестфалија поднесе обвиненија против тројца тинејџери за планирање на терористички напад, пренесува ДПА.

Осомничените, на возраст од 15 и 16 години, беа уапсени во април за време на велигденските празници. Тие планирале напад во согласност со целите на терористичката група „Исламска држава“.

Обвинителството тврди дека тинејџерите ги разменувале плановите преку апликацијата „Телеграм“ и разговарале за напади во цркви и полициски станици./МИА

Рекорден број мигранти го преминаа Ламанш за време на викендот

Рекорден број од 973 мигранти го преминаа Ламанш вчера за да стигнат нелегално до Велика Британија на импровизирани гумени чамци, додека истовремено четири лица загинаа на море, соопшти денеска британското Министерство за внатрешни работи.

Претходниот рекорд датира од јуни минатата година, кога беа регистрирани 882 премини. Со овие 973 мигранти, вкупната бројка за оваа година изнесува 26.612 лица кои пристигнале на британските брегови, најчесто од Франција.

Серијата бродоломи ја направија 2024 година најсмртоносна од 2018 година, кога започна овој феномен на прекуокеански преминувања.

Владата на Велика Британија под водство на лабуристичкиот лидер Киер Стармер вети дека ќе се справи со илегалната имиграција преку зголемување на депортациите и зајакнување на борбата против шверцерите.

Според британските власти, импровизираните чамци сега носат во просек по 52 патници, што е значителен пораст во споредба со 2020 година, кога просекот бил 13 лица.

Во периодот од јуни 2023 до јуни 2024 година, 18 отсто од пристигнатите мигранти биле од Авганистан, 13 отсто од Иран, а 10 отсто од Виетнам. /МИА

Изгаснат пожар во подрумските простории од зградата на Општина Тетово

Неколку часа траеше гаснењето на пожар што избувна денес во подрумските простории на зградата на Општина Тетово. 

Пожарот почнал околу 15 часот и 15 минути, а е изгаснат за неколку часа од страна на пожарникари.

-Интервенирано беше со четири возила и 12 пожарникари, информираше Авни Амети, командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.

Од огнот изгорел складиран изборен материјал од изминатите изборни процеси.

притисни ентер