Советот на јавни обвинители ќе расправа за Јанева од понеделник

Седницата на Советот на јавни обвинители на која треба да започне постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе биде закажана од понеделник бидејќи не се доставени комплет списите кои се побарани.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев во изјава за МИА вели дека до нив е доставен извештајот, но оти не се комплетирани списите што треба да ги достави Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за активностите што се преземени во предистрагата и истрагата за случајот „Рекет" во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка Јанева.

Штом ги добијат комплет списите, како што изјави Штерјев, ќе биде закажана седницата на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева.

По приведувањето на Јанева, СЈО е обезглавено, неговата судбина е нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус.

Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител во разумен рок треба да достави до Парламентот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување. Извештајот би бил достапен на јавноста преку комисиите во Собранието, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење.

Врз основа на доставниот извештај, а на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Денеска пак обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја" во врска со тоа дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, рече дека Законот за ЈО, кој важи доколку некои одредби не се веќе определени со Законот за СЈО, има повеќе решенија.

– Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител. Сепак, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинители и да го оставиме да си донесе одлука. Како што разбрав, веќе се во процедура и ќе видиме што ќе донесат, изјави Стефанова.

Таа себе си не се гледа како иден шеф на СЈО и нема намера да конкурира.

Стефанова изјави дека СЈО во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби од своето основање и упати апел до политичарите и сите чинители во државата да седнат и да го донесат законот за Јавно обвинителство за да немаме прекини на постапките./МИА

Тела на 19 мигранти пронајдени кај брегот на Тунис

Телата на 19 лица се пронајдени во близина на брегот на Тунис, еднo од главните влезни места за мигранти кои сакаат да го преминат Средоземното Море во Европа, а полицијата уапси петмина шверцери на луѓе.

Крајбрежната стража на Тунис соопшти дека ги пронашла телата во вторникот во близина на пристанишните градови Махдија и Сфакс, вториот по големина град во земјата каде што мигрантите се судрија со полицијата во последните недели.

И покрај ризиците, мигрантите продолжуваат да се обидуваат да преминат од Северна Африка во Европа, патувајќи со брод преку Средоземното Море од Мароко, Алжир, Тунис и Либија до Италија, Грција, Малта и шпанските Канарски Острови. Повеќе од 49.000 луѓе дојдоа во Европа по море оваа година, вклучително и повеќе од 7.000 од Тунис до Италија.

Многу повеќе се обиделе да ја поминат оваа рута, вклучително и илјадници кои биле пресретнати од северноафриканските власти, а се проценува дека 473 лица се мртви или исчезнати, според Меѓународната организација за миграција на ОН. /МИА

Челниците на НБА: Лејкерси оштетени против Денвер

Судиите грешат и во НБА, а тоа најдобро го почувствуваа играчите на Л.А.Лејкерс. Ако им е некаква утеха, потврда добија и од челниците на НБА лигата.

Кошаркарите на Денвер Нагетс го совладаа Лос Анџелес Лејкерс (101:99) во вториот меч од плејоф серијата со кошот на Џамал ​​Мареј со звукот на сирената. Сепак, натпреварот не помина без драма. Гостите се жалеа на судењето на овој меч, а сега од НБА потврдија дека Леброн и тимот се оштетени.

Судиите направија две големи грешки кои се одразија на крајниот исход на натпреварот, велат челниците на НБА.

Дополнителните анализи утврдија дека Лејкерси ја загубија можноста за нов напад кога на Никола Јокиќ не му се судеа три секунди во одбранбениот рекет, додека вториот голем пропуст беше несудениот фаул над Леброн на крајот, кога беше сопрен од Кентавиус Колдвел-Поуп. /МИА

Утре нова рунда од дијалогот Белград-Приштина

Во Брисел утре ќе продолжат разговорите во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, каде се очекува повторно главна тема да биде одлуката на Централната банка на Косово за забрана на употреба на динари во Косово.

Делегацијата од Белград, во која има бројни експерти, повторно ќе ја предводи директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, а од приштинската страна се очекува учество на нејзиниот главен преговарач Бесник Бисљими.

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, потврди дека утре ќе се одржи средба на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина за прашањето за динарот и изјави дека средбата се планира да се одвива по вообичаениот формат на дијалог. Како што појасни, со двете страни ќе се одржат билатерални средби, прво со претставници на Белград, а потоа ќе се одржи трилатерална средба.

Ова е шеста рунда од дијалогот на кој треба да се разговара за едностраната одлука на Приштина да го укине динарскиот платен промет во Косово.

Претходно оваа недела, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак изрази очекување дека претстојните разговори меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина во Брисел ќе се засноваат на „многу конкретни идеи“, оценувајќи дека за време на претходната рунда од дијалогот се намалил јазот меѓу страните.

- Во исто време, некои разлики остануваат и затоа повторно ќе бидам домаќин на двајцата главни преговарачи во Брисел и очекувам нашите разговори да се засноваат на многу конкретни идеи, кои би ни овозможиле да продолжиме напред во интерес на народите, напиша Лајчак на Фејсбук.

Претходната средба на ниво на главни преговарачи се одржа на 18 април во Брисел, а Петковиќ тогаш изјави дека Белград направил апсолутно се за да се најде решение во врска со едностраната одлука на Приштина за укинување на српскиот динар и платниот промет на Србија на Косово, но дека Приштина не сака да најде решение.

- Излеговме со конструктивен предлог, а тој предлог беше оценет од Брисел, односно од господинот Лајчак и неговиот тим, како многу добра основа, односно солидна основа за продолжување на разговорите, со што уште еднаш покажавме дека сме страна која се грижи за изнаоѓање решение, истакна тогаш Петковиќ.

Од друга страна, главниот преговарач на Приштина, Бесник Бисљими, изјави дека средбата била „бескорисна“ и оти Белград дошол со сосема нов предлог, сакајќи, како што тврди, да ја врати ситуацијата на почетната точка. /МИА

притисни ентер