Извештајот за притворот на Катица Јанева стигна во Советот на јавни обвинители

Советот на јавни обвинители го доби извештајот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата за „Рекет".

Меѓу нив за мерката притвор што и беше одредена на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е третоосомничена во случајот.

Обвинителството, кое го предводи Вилма Русковска во извештајот направи преглед на настаните и преземените дејствија во врска со досегашните мерки за „Рекет", за кој осомничени се и Бојан Јовановски и Зоран Милески.

Претседателот на Советот Коле Штерјев откако ќе го добие известувањето треба да закаже седница, на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од прв човек на СЈО.

По приведувањето на Јанева СЈО е обезглавено, неговата судбина нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власти и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус.

Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.

Претходно денеска обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја" во врска со тоа дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, рече дека Законот за ЈО, кој важи доколку некои одредби не се веќе определени со Законот за СЈО, има повеќе решенија.

– Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител. Сепак, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинители и да го оставиме да си донесе одлука. Како што разбрав, веќе се во процедура и ќе видиме што ќе донесат, изјави Стефанова.

Таа себе си не се гледа како иден шеф на СЈО и нема намера да конкурира.

Стефанова изјави дека СЈО во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби од своето основање и упати апел до политичарите и сите чинители во државата да седнат и да го донесат законот за Јавно обвинителство за да немаме прекини на постапките.

Олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз

Од Акропол, преку Атина кон централна Грција – олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз.

Од Санторини на Акропол, од Акропол низ атинските улици, преку Министерството за одбрана, Грчкиот олимписки комитет и Олимпискиот стадион - олимпискиот оган откако во вторникот беше запален во античка Олимпија го продолжува штафетното патување низ Грција, за во петок и официјално да им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа, огнот од островот Санторини со траект пристигна на атинското пристаниште, а оттаму беше пренесен на Акропол, каде што остана во текот на ноќта.

Утрово, кусо по 7.30 часот на петтиот ден од штафетното пренесување, олимпискиот оган од Акропол, со повеќе попатни станици низ Атина се упати кон античкиот град Делфи, а оттаму и кон Волос и Ламиа.

Лошите временски услови и дождот што речиси континуирано врнеше на целата рута низ Атина, не претставуваше проблем за учесниците во штафетното предавање, а на Акропол беа поздравени и од туристите кои случајно се најдоа таму.

- Каква коинциденција! Ние дојдовме за да го видиме Акропол и воопшто не знаевме дека има вакво нешто. Убаво искуство во секој случај да се види и Олимпискиот пламен, рекоа во разговор со дописничката на МИА од Атина три девојки од САД кои чекаа да дојде осум часот за да се отвори Акропол, но имаа можност одблиску да го видат и огнот за ЛОИ.

Со сличен став беа и други туристи од различни земји од светот, кои не го криеја нивното позитивно изненадување и задоволство.

Олимпискиот оган, продолжи до Музејот на Акропол, оттаму низ атинските улици, помина пред античкиот олимписки стадион Панатенаик и со повеќе попатни станици стигна до Министерството за одбрана на Грција каде што се одржа и мала манифестација.

Денешното патување низ Атина, огнот го продолжи до Грчкиот олимписки комитет, Олимпискиот музеј, Олимпискиот стадион и се упати кон античкиот град Делфи, Ламиа и Волос каде што ќе ја помине ноќта.

Во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Солун за да ја помине цела северна Грција и западна Грција, за во петок повторно да се врати во Атина.

Олимпискиот оган за 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји, а во петок, на 26 април во Атина на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.

Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. /МИА

Вуќиќ: Тоа ни е фала за се што направивме за Скопје

Тоа е германска идеја, поддржана од НАТО и од сите останати.

„Тоа е благодарност за сето она што го направивме за Скопје“,изјавил српскиот претседател александар Вучиќ коментирајќи го коспонзорството на Македонија за резолуцијата за геноцидот во Сребреница во ОН, како лична одлука на шефот на дипломатијата Османи.

Тоа е германска идеја, поддржана од НАТО и од сите останати. Ја најдоа и Руанда, ги најдоа и Нов Зеланд и Чиле. Пронајдоа и неколку земји кои отсекогаш биле спонзори на вакви проекти, како Малезија и Јордан. Кон нив им се придодава и Македонија, така што таму нема голема филозофија. Им благодарам за тоа, претпоставувам дека тоа е благодарност за она што го направивме за Скопје. Ја видов и Австрија тука, ништо чудно со оглед на сето она што Шаленберг го прави против нашата земја, изјавил Вучиќ во гостувањето во дневникот на ТВ Пинк.

Тој додал дека нешто што е во надлежност на Советот за безбедност е преместено во генералното собрание на ОН.

-Знаеја дека русите и кинезите ќе стават вето и затоа сега одат на генералното собрание на ОН, бидејќи очекуваат сигурно мнозинство и сакаат да им зададат удар на Србите и Србија.

Две жртви во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани

Тешка сообраќајна несреќа се случи на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на ТИР зоната во Штип. Според првичните информации во несреќата животите ги загубиле две лица.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова потврди дека на овој експресен пат има тешка сообраќајна несреќа.

Таа за МИА изјави дека во тек е увидот и обезбедувањето на местото на несреќата од страна на полицијата.

Несреќата се случила околу 14.25 часот, помеѓу две патнички возила.

притисни ентер