Костадинов: Мицкоски да каже дали се гледал со Груевски, со новинарот од Италија, со други луѓе од Словенија?

Христијан Мицковски одбегнува да одговори на прашањата што му ги поставуваме, се крие зад статуси на социјалните мрежи, се крие и зад својот генерален секретар, патем осомничен во предметот „Дизајн".

На ВМРО-ДПМНЕ не му било јасно зошто јавноста се прашува дали Мицкоски се гледал со Никола Груевски, со новинарот од Италија, со други луѓе од Словенија, зошто прашуваме за неговите линкови…

Важно е граѓаните да ја знаат вистината. Важно е граѓаните да знаат за поведението на Христијан Мицкоски и неговите вистински намери.

Ако Мицкоски се фали кога се гледа со Орбан, редно е да се пофали и за средбите со останатите со кои се гледа. Зошто не ги кажува?

Редно е да каже со кого се видел? Кога и каде?

Ако се видел? Што му дале? Дали тој нешто им дал и што е тоа?

Граѓаните, јавноста, очекуваат одговори на овие прашања.

Особено откако лично призна дека се сретнал со еден од осомничените во случајот „Рекет", споменатиот Зоки Кичеец кој патем се појавува и во објавените снимки.

ВМРО-ДПМНЕ не излегува од филмовите на конфликт. Кога велат ќе блокираат институции дали мислат на блокирање како на 27-ми април?

Агендата Христијан Мицкоски останува иста: одбрана на криминалот на режимот, обид да се загрози правдата и тајкуните на режимот да се претстават како жртви, обид да се блокира земјата, да се спречи напредокот кон НАТО и ЕУ.

Мицкоски нема да успее. Напредкот ќе продолжи, застанување нема. Одговорност од прв до последен за сите што ги прекршиле законите мора да има, вклучително и за тајкнуите на режимот./МИА

Стапуваат во сила дополнителните обврски од ДСА за „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Интернет сајтовите со содржини за забава на возрасни „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“ ќе мора да се усогласат со дополнителни обврски што произлегуваат од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), откако изминуваат четири месеци од нивното назначување за „многу големи онлајн платформи“.

Дополнителните обврски, кои мора да ги почитуваат сите „многу големи онлајн платформи“, односно социјални мрежи, пребарувачи, страници за е-трговија и сајтови кои месечно имаат над 45 милиони корисници од ЕУ, се однесуваат на поднесување извештаи за проценка на ризик до Европската комисијата, воспоставување мерки за справување со системските ризици поврзани со услуги што ги нудат, усогласување со правилата за транспарентност и за емитување рекламите, како и за обезбедување пристап на истражувачите до нивните податоци.

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Целта на Законот за дигитални услуги на ЕУ е да ги натера онлајн платформи да преземат поголема одговорност за обезбедување побезбеден и потранспарентен интернет простор, со тоа што, меѓу останатото, ќе спречат ширење на илегални содржани и ќе ги намалат ризиците по малолетниците.

Општите одредби од Законот за дигитални услуги, покрај за „многу големите онлајн платформи“, од 17 февруари годинава почнаа да важат за сите интернет страници независно од нивната големи. Меѓу овие одредби се и обврските за упатување на известување за соодветност на одредена содржина на возраста на корисниците, забрана за целно таргетирани реклами, пред се насочени кон деца и зголемена транспарентност. /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

притисни ентер