Честитка од Мицкоски по повод Денот на Армијата

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, почитувани граѓани, дозволете ми од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам денот на Армијата на Република Македонија.

Денес се одбележува и формирањето на првата регуларна воена единица на НОВ, батаљонот „Мирче Ацев", формиран во далечната 1943 година на 18 август, во месноста Славеј на планината Караорман, во Дебарца, од партизанските одреди „Даме Груев", „Ѓорче Петров" и „Димитар Влахов".

Нивната борба беше за слобода на Македонија, а АРМ како наследник на таа пркосна и слободарска идеја е и мора да остане нејзин најверен чувар.

Преку учеството во антифашистичката борба, кога македонскиот народ заедно со сојузниците се избори за слобода и победа на фашизмот, преку учеството во мировните мисии предводени од сојузниците во НАТО, македонската армија покажа и докажа дека има капацитет да се сноси со сите предизвици. Бевте и ќе бидете секогаш на вистинската страна на историјата.

Имајќи ги во предвид жртвите кои ги давате во вашето служење за татковината, и како човек кој поминал низ нејзините структури ја заслужувате нашата највисока почит, но и третман од државата.

А, условите во кои дејствувате се несразмерни со трудот и интензивниот ангажман кој го давате. Затоа мора да се работи на подобри услови и подобар стандард.

Доаѓа ново време, време за обнова на Македонија, кога секој ќе биде вреднуван.

Дозволете ми уште еднаш да го честитам денот на АРМ. Нека е за многу години./МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

Фестивалот „Коачела“ казнет со 28.000 долари поради Лана Дел Реј

Популарниот музички фестивал, на којшто настапија светски ѕвезди како Шакира, Доџа Кет и „Ноу даут“, „Коачела“ (Coachella) заврши, но една од изведувачките ги прекрши правилата.

Се работи за американската поп-пејачка Лана Дел Реј, поради која организаторите на фестивалот ќе треба да платат казна од 28.000 долари... Имено, пејачката настапила 13 минути подолго од предвиденото и со тоа го прекршила договорот што организаторите го имаат со Градот Индио, каде што се одржува фестивалот, пишува „Ти-ем-зи“ (TMZ).

На фестивалот, имено, му се наплаќа дневна казна од 20.000 долари за првите пет минути од пречекорувањето на времето и дополнителни 1.000 долари за секоја минута потоа. /МИА

Прв круг претседателски избори, Канал 5 на избирачките места во Кисела Вода

Утринава Канал 5  беше на  отворањето на гласачките места во скопските Општини Карпош, Центар и Шуто Оризари.

Таму гласањето течеше мирно, без поголеми проблеми. Во моментов нашата екипа е во Кисела Вода во средното училште Васил Антески Дрен. Таму е Дејан Трајковски.

притисни ентер