Триста до четиристотини повици дневно во Брзата помош, зголемен број на случаи со мозочни удари

Од 300 до 400 повици дневно има во Службата за Итна медицинска помош (ИМП) во Скопје, како и 100 до 120 интервенции на нивни екипи.

Дневно има и десеттина колапси на јавно место и зголемен број на случаи со мозочни удари, изјави за МИА раководителот на смена во ИМП, Маргарита Трипуновска.

Таа појасни дека граѓаните кои не се чувствуваат добро поради топлото време имаат кардиоваскуларни промени, главоболки, висок притисок, низок притисок, вртоглавица, повраќање, малаксаност, поспаност...

Посочи дека интервенираат и при сообраќајни незгоди, физички напади, кои се зачестени изминатите денови.

– Граѓаните треба подолго време да престојуваат во разладени простории, да носат лесна облека, да внимаат на исхраната која треба да биде свежо подготвена, да пијат повеќе течности, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 10 до 17 часот. Хронично болните навреме треба да ја земаат терапијата, додаде д-р Трипуновска. /МИА

Вучиќ: Со кампањата во Македонија, Курти ја поткопува регионалната стабилност

Предизборната кампања во Македонија најде место и на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, каде синоќа се расправаше за извештајот за работата на УМНИК на Косово.

Српскиот претседател Вучиќ во своето обраќање рече дека косовскиот премиер Курти се мешал во внатрешните работи на Македонија и дека бил вклучен во предизборната кампања во земјава. Косовската претсеателка Вјоса Османи, пак, обвини дека Белград со терористички тактики го поткопувал уставниот поредок во Косово.

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди франци

 Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди швајцарски франци или 5,95 милијарди евра, соопшти денеска Државниот секретаријат за економски прашања на земјата (СЕКО).

Оваа бројка се однесува на вкупната вредност на руските средства замрзнати од Швајцарија од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година.

Вредноста на замрзнатите руски средства во Швајцарија е помала отколку на крајот на 2022 година, кога изнесуваше 7,5 милијарди швајцарски франци.

„Вредноста на финансиските средства замрзнати во врска со санкциите против Русија изнесуваше 5,8 милијарди швајцарски франци на 31 декември 2023 година. Ова е за 1,7 милијарди швајцарски франци помалку од бројката пријавена за декември 2022 година. Покрај тоа, сега се блокирани 17 имоти во 7 кантони“ се вели во соопштението на СЕКО. /МИА

Првите шест авиони „Рафал“ во Хрватска пристигнуваат оваа недела

Хрватскиот министер за одбрана, Иван Анушиќ, денеска соопшти дека неделава во Хрватска ќе пристигнат првите шест од вкупно 12-те купени борбени авиони „Рафал“.

„Со историски прелет од Бордо до Загреб, пилотите на хрватското воено воздухопловство, кои беа обучени Франција, в четврток ќе ги донесат моќните ловци и нови заштитници на хрватскиот воздушен простор“, напиша Анушиќ на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека модернизацијата на воздушната флота е најголемата инвестиција на Владата и Министерството за одбрана во безбедноста на државата.

Во 2021 година Хрватска потпиша договор со Франција за купување на 12 половни француски борбени авиони „Рафал“ во вредност од 999 милиони евра.

Првиот авион беше преземен во октомври минатата година во француската воена база во Мон де Марсан.

Во Франција на обука беа испратени околу 90 членови на техничкиот и летечкиот персонал. /МИА

притисни ентер