Заев за Беџети : Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети

Јас разговарам со сите градоначалници кога се работи за проблеми на општините и посебно проблеми кои ги загрижуваат граѓаните, а за кои може да помогне владата, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

,,Со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети разговарав за проблемот за експанзија на дивоградби на Матка. Барав да се постапува по закон и низ институциите на системот. Тоа го бараат и граѓаните и тоа ќе го обезбедиме затоа што тоа е работа на јавните институции. Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А, за работата на ДКСК судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети.

Вистината за тоа што јас сум разговарал со Беџети како координатор на правниот тим на ДУИ е следна:

Сум зборувал за многу прашања кои се значајни за добивање датум на преговори со ЕУ. Сме зборувале за сѐ уште неизгласаниот Закон за јавно обвинителство, за донесените закони за судови и судски совет, но и како да придонесеме донесените закони да се имплементираат, да профункционираат. Со него сум зборувал дека сите учесници во правосудните институции, а избрани во Парламентот, треба да бидат пример за другите учесници во правосудството и да носат одлуки, а не поради било какви изговори постојано да ги одложуваат одлуките.

И денеска го повторувам ставот дека правната држава можеме да ја добиеме онаква каква што сите ја посакуваме единствено ако овозможиме слободно и независно да одлучуваат сите учесници во правосудството, без да им се прави притисок за суштината на нивните одлуки, но секако и без да им се дозволи или да им се прави притисок за одложување на одлуките. Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата.

Дополнително, со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно." , напиша премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук профил.

Десничарскиот сојуз на Мелони победи на регионалните избори во јужна Италија

Десничарскиот сојуз на италијанската премиерка Џорџа Мелони победи на регионалните избори, се сметаа за тест на јавното мислење пред европските избори во јуни.

Во Базиликата, јужна Италија, кандидатот на десниот центар Вито Барди беше реизбран за регионален претседател со 56,6 отсто од гласовите, наспроти неговиот противкандидат од левиот центар Пјеро Марезе, кој освои 42,1 проценти од гласовите.

Барди, кој е на власт во Базиликата од 2019 година, рече дека „ќе продолжи да биде претседател на сите“.

Во Базиликата живеат околу 540.000 луѓе, а излезноста на гласачите беше 49,8 отсто, излезноста.

Од октомври 2022 година, ултрадесничарската партија Браќата на Италија на Мелони владеат на национално ниво заедно со десничарската популистичка Лига на Матео Салвини и конзервативната партија Форца Италија. Четиринаесет од 20 региони во Италија имаат централнодесничарски влади. /МИА

Најмалку десетмина загинати во судир на воени хеликоптери над малезиска поморска база

Два воени хеликоптери утрово се урнаа за време на тренинг над поморска база на западниот брег на Малезија, при што загинаа десет лица, јавија локалните медиуми повикувајќи се на морнарицата на земјата.

Сингапурскиот информативен канал ЦНА ја цитира Кралската малезиска морнарица (РМН) која во соопштение информира дека морнарички хеликоптер со седум членови на екипажот и уште еден со тројца патници се урнале во поморската база во Лумут, околу 200 километри северозападно од Куала Лумпур.

CNA јави дека хеликоптерите тренирале прелетување за прославата на 90-тиот Ден на морнарицата, што треба да се одржи за неколку дена.

Причината за несреќата првично е нејасна и РМН ќе „формира истражен одбор за да ја утврди причината за инцидентот“. /МИА

Фон дер Лајен: Европа ќе остане глобално срце на индустријата и иновациите

Обраќањето пред Европарламентот на Урсула фон дер Лајен. 

Од последните европски избори во 2019 година, ЕУ се соочи со две кризи од историски размери - Ковид-кризата и војната во Украина, проследена со енергетска криза „произведена во Русија“, кои можеа да се претворат во драматична економска и социјална криза, но тоа не се случи поради големата отпорност на Европа, но и поради тоа што ги поставивме вистинските политики, изјави денеска претседателката на Европската комисија во обраќањето пред Европарламентот, Урсула фон дер Лајен.

- Последните пет години не научија нешто. Одново и одново ги изненадивме скептиците и им пркосевме на „пророците“. Затоа што за силна Европа, ако има волја, има и начин и нашиот континент ќе продолжи да биде глобалното срце на индустријата и иновациите, истакна Фон дер Лајен во дебатата за заклучоците од минатонеделниот Специјален самит на Унијата посветен на економските перспективи на ЕУ.

Таа нагласи дека иако на почетокот на оваа деценија се предвидуваше масовна невработеност и долга рецесија, денес стапката на невработеноста е на историски најниско ниво од под шест отсто, вработеноста е над 75 проценти, а инфлацијата се приближува до целта од две отсто.

Сепак, според неа, овие кризи го земаа данокот на конкурентноста на Европа, бидејќи до пред нивната појава бизнис модел на многу европски индустрии се засноваше на евтина енергија од Русија и зголемена трговија со Кина, а продуктивноста на трудот се зголемуваше за само 0,8 отсто годишно.

- Ова може да се реши само со заеднички напори и на европско и на национално ниво. Затоа, враќањето на нашата конкурентска мора да биде во сржта на економската агенда на Европа во иднина. И јас сум апсолутно убедена дека можеме да поттикнеме нов наплив на европска конкурентност, додаде Фон дер Лајен.

Според неа, тоа ќе се постигне, прво, со поттикнување на приватниот капитал кон инвестиции , за што од суштинско значење е создавање на единствен европски на пазар на капитал, што ќе овозможи предвидливост, заштеди за инвеститорите и зајакнат надзорот на европско ниво на најважните играчи на пазарот.

- Вториот приоритет е намалување на трошоците за енергија. Трошоците за енергија продолжуваат да влијаат на нашата конкурентност. Минатата година за време на енергетската криза беа направени многу инвестиции и наскоро можеби од глобален недостиг да добиеме вишок на ЛНГ. Како резултат на тоа, очекуваме да паднат цените на бензините. Ова ни дава простор за понатамошен развој на обновливите извори на енергија, рече Фон дер Лајен.

Потсетувајќи дека лани првпат во ЕУ е произведена повеќе струја од ветер отколку од гас, претседателката на ЕК апелираше за продолжување на реформите на пазарот на електрична енергија со цел да се добива поевтина и чиста енергија во Европа.

Според неа, третиот приоритет мора да биде насочен на намалување на недостигот на работна сила и стручно оспособени работници и за таа цел да се обучуваат младите преку образованието, да се овозможи професионална преориентација на повозрасните работници и да се привлекува легална миграција на работна сила од странство. /МИА

притисни ентер