Дивите платформи паднаа во сенка на обвинувањата на Беџети за владин притисок

Наместо одговори за преземени активности за дивите платформи на Матка, Беџети денеска со обвинувања кон премиерот Заев - тврди дека во иницијативата на Антикорупциска против него се крие валкана политичка заднина.

Беџети рече дека минатиот месец Заев побарал од него да лобира кај неколку членови во Судскиот совет да гласаат за да се разреши претседател на суд. Барањето го одбил, а по две недели Антикорупциска одлучи да достави барање до Обвинителство за кривично гонење што, според Беџети, има одредена поврзаност меѓу двата настани.

Притисоците, како што вели, досега не ги пријавил во МВР и Обвинителство, бидејќи веднаш по барањето за влијание во Судскиот совет заминал на одмор, но вели дека е отворен за сите институции. Сепак, револтот кон Антикорупциска не е стивнат – Беџети ги скроил кривичните пријави за претседателката и сите други членови на комисијата.

Oбвинувања упати и кон градскиот татко Шилегов кој од Беџети барал да се урне само една од трите платфори. Градскиот татко потврди дека се разговарало за платформата која никна годинава, но вели дека тоа било резултат на силните реакции во јавноста.

Иницијативата од Антикорупциска за непостапувањето со дивите платформи се уште патува кон Обвинителство. За обвинувањата од Беџети Канал 5 побара став од Владата, но поради одржувањето на владината седница до овој момент одговор не добивме.

Беџети најави и можен локален рефрендум на кој жителите на Сарај ќе ја кројат судбината за Матка.

ОДИХР: Се следи изборниот процес, кампањата и медиумите

ОДИХР ден по изборите на 16 јули ќе илезе со прелиминарни наоди и заклучоци во врска со изборниот процес, а конечниот извештај ќе го објави околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки

Специјалната мисија за проценка на предвремените парламентарни избори во нашата земја на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ, ден по изборите на 16 јули ќе илезе со прелиминарни наоди и заклучоци во врска со изборниот процес, а конечниот извештај ќе го објави околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки, најави во интервју за МИА Лаима Андрикиене – шеф на Специјалната мисија на ОДИХР во земјава.

-Набљудувачките мисии на ОДИХР се посветени на принципот на немешање и затоа не издаваме проценка пред денот на изборите, но на 16 јули ќе издадеме изјава за прелиминарните наоди и заклучоци во врска со изборниот процес. Истиот ден ќе одржиме прес-конференција на која ќе ги презентираме овие наоди. Нашиот Конечен извештај ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки, исткнува Андрикиене.

Таа појаснува дека Мисијата внимателно и длабоко ги следи сите аспекти на изборниот процес. Основниот тим се состои од девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ. За тековниот формат на Специјалната мисија за проценка на изборите, распоредена во Северна Македонија, имаат акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.

Нивните аналитичари опфаќаат теми кои вклучуваат: изборна администрација, регистрација на избирачите, политичка кампања и финансирање на кампањата, медиумско покривање на изборите, поплаки / жалби и механизми за решавање спорови и целокупната правна рамка за изборниот процес. Мисијата, посочува Андрикиене, вклучува и сеопфатен мониторинг на медиуми во текот на периодот на кампањата, што ќе придонесе за проценка на кампањата.

-Ние сме тука да ја процениме усогласеноста на изборниот процес со меѓународните обврски и стандарди, како и со националното законодавство. Ние сме многу заинтересирани да ги следиме мерките што се применуваат во различни фази на изборниот процес заради пандемијата на КОВИД-19, така што внимателно ги следиме и прилагодувањата на постапката на денот на гласање. Во исто време, би сакала да истакнам, дека ние самите живееме и работиме строго според дадените препораки, истакнува шефицата на Мисијата на ОДИХР.

Активностите за набљудување ќе бидат прилагодени во услови на пандемијата со КОВИД.

-Сите ние живееме и работиме во оваа земја во едно исто опкружување, на нашите активности за набљудување влијаат и пандемијата КОВИД и нашата мисија треба да се прилагоди на моменталната состојба. Нашата мисија треба да ги ограничи своите патувања на минимум со цел да го минимизираме нашиот епидемиолошки отпечаток во оваа земја, нашите патувања во текот на денот на изборите ќе бидат ограничени и затоа што ние им даваме приоритет на безбедноста на набљудувачите и на граѓаните на земјата домаќин, посочува Андрикиене.

Специјална мисија за проценка на изборите ја започна својата работа во Скопје на 22 јуни, т.е. пред официјалниот почеток на изборната кампања, а ќе биде распоредена до 23 јули. /МИА

ЕУ подготвува мерки против Турција и Кина

Министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија да одговорат на координиран начин на контроверзниот закон за национална безбедност наметнат од Кина на Хонг Конг, но исто така разгледуваат и мерки против Турција.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Јосеп Борел, исто така, се закани со акција против Турција, која го раздвојува европскиот блок по низа прашања, од човековите права до оф-шор дупчењето гас кај Кипар и трансформацијата на скапоцениот споменик Аја Софија од музеј во џамија.

„Денес се договоривме да развиеме координиран европски одговор за да покажеме поддршка за автономијата и граѓанското општество на Хонг Конг“, рече европскиот министер за надворешни работи по првата физичка средба на министрите по неколку месеци.

„Ова ќе се состои од мерки на ниво на Европската унија, но и од оние што се во надлежност на земјите-членки“, рече тој за кинескиот закон за Хонг Конг, кој стапи во сила минатиот месец.

Можните нови мерки може да вклучуваат поголема контрола на извозот на „специфични и чувствителни“ технологии до Хонг Конг, откри Борел, како и можност за визи за граѓаните во Хонг Конг и стипендии за студентите од автономниот регион.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас истакна дека одлуката на Кина за новиот закон „треба да има влијание“ врз европскиот извоз на оружје.

Тој истакна дека германско-францускиот предлог за нови мерки вклучувал и поедноставен визен режим за уметници, научници, истражувачи и новинари од Хонг Конг, кои се изложени на ризик заради нивната работа.

Актот за национална безбедност е донесен кон крајот на јуни и е насочен против сепаратизмот, субверзијата, тероризмот и дослух со странски сили на територијата на Хонг Конг.

Властите во автономниот регион сега можат да ги следат и прислушуваат луѓето за кои постои сомневање дека ја загрозуваат националната безбедност, а законот предвидува доживотен затвор за субверзивни активности.

Друго големо прашање на агендата е односот меѓу Европската унија и Турција.

Во врска со дупчењето за експлоатација на гас од страна на Турција во водите во близина на Кипар, Борел рече дека Унијата може да преземе нови активности доколку операцијата продолжи.

„Ние ќе подготвиме опции за воведување соодветни мерки како одговор на предизвиците од Турција“, рече тој.

Турција осуди четворица активисти од невладини организации за човекови права Амнести Интернешнл на неколку години затвор, сметајќи ги за виновни за тероризам, како што предупреди министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, на состанокот.

По состанокот, Борел рече дека ЕУ исто така ќе одговори на новите прекршувања на ембаргото за вооружување на Либија.

„Имаме намера да ги зајакнеме санкциите против режимот со цел да придонесеме за подобро спроведување на резолуциите на Советот за безбедност на ООН“, рече тој.

Откажан е Егзит 2020 поради состојбата со коронавирусот

На официјалната Фејсбук страница на фестивалот „Егзит“е објавено дека нема да се одржи оваа година.

„Бидејќи здравствената состојба во нашата земја не се подобри од нашето последно обраќање, а имајќи предвид дека здравјето и безбедноста на сите учесници на фестивалот се наш приоритет број еден, ве информираме дека прославата на 20 години од Егзит фестивалот дефинитивно нема да се одвива од 13 до 16. август годинава на тврдината Петроварадин “, пишуваат организаторите.

Тие понатаму објаснија дека ќе ги објават датумите за фестивалот за 2021 година до крајот на месецот.

„Новото менување на датумот на фестивалот е обемен и сеопфатен процес, за кој е потребно време, затоа ве молиме да бидете трпеливи. Датумите за Егзит 2021 ќе ги објавиме до крајот на месецот, а известување за апликациите и опциите за наплата ќе пристигнат наскоро. Да се грижиме едни за други “, напишаа тие.

На прашањето на следбеник дали луѓето кои веќе купиле билети за оваа година ќе можат да добијат билети за следната година, одговорија потврдно.

„Така ќе биде. Повеќе информации наскоро“, одговориле тие.

притисни ентер