Сонцето од „Кутлеш“ ќе се отстранува од јавниот простор

Грижливо одбран датум или само коинциденција.

На денот кога собранието за прво државно знаме во независна Македонија го избира знамето со ѕвездата од Вергина, 27 години подоцна државава треба да го тргне од јавните институции , ако е некаде истакнато како национален симбол, ако е дел од натписите  или доколку го има на некој од спомениците. Ова го пропишува динамиката за реализација на обврските од договорот од преспа. Според неа, јасно е наведено дека по шест месеци од стапувањето во сила на договорот , кој рок е точно денеска, сонцето од Кутлеш треба да биде тргнато. Друга обврска која коинцидира со оваа е на спомениците што упатуваат на хеленската античка историја и цивилизација, да бидат ставени плочки со информации дека се од тој период. Во членот осум од договорот стои:

- Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба. Е наведено во членот осум став три од Преспанскиот договор.

Инаку во однос на симболот на поранешното знаме со сонцето од Кутлеш, државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба која обврска значи дека нема да го употребува симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции, потсетуваат од владата.

Во Преспанскиот договор, со членот 8 став 2 се вели дека:

„Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката хеленската историја и цивилизација , што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.“

Во дописот до Канал 5 од владата се наведува дека сите обврски од Преспанскиот договор се преземаат согласно договорот и утврдената динамика и дека за цело време имало комуникација со грчката страна со потсетување дека договорот иако не создава обврски за приватни лица или  приватни ентитети сепак владата и нив ги поттикнува доследно да го почитуваат  применувањето на  договорот.

Така меѓу првите кои треба да преземат  чекори е Општина  Македонска Каменица чиј грб го содржи сонцето од Кутлеш , исто како и Општина Могила. Не е јасно дали според овие одредби ќе треба да се преправи  и плоштадот во Виница , или како би се менувале  шахтите и што со сувенирниците каде се продаваат сувенири со овој симбол. 

Димитров и Османи утре во работна посета на Данска

Во рамки на посетата, како што е најавено, предвидени се одделни средби со министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, со главниот советник за европски прашања во Канцеларијата на данскиот премиер Вибеке Пастернак Јоргенсен.

 Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, утре ќе престојуваат во работна посета на Данска, во чиј фокус ќе биде донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија во октомври годинава.

Во рамки на посетата, како што е најавено, предвидени се одделни средби со министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, со главниот советник за европски прашања во Канцеларијата на данскиот премиер Вибеке Пастернак Јоргенсен, како и со други релевантни соговорници.

На средбите, како што се наведува во соопштението владиниот Сектор за односи со јавноста, вицепремиерот Османи и министерот Димитров ќе го истакнат значењето од донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија во октомври оваа година.

Детално ќе брифираат за постигнатото во реформските активности од европската агенда, за внатрешно политичките случувања, добрососедските односи, како и за состојбите во регионот, а воедно ќе бидат разменети мислења и за билатералните односи меѓу двете земји, се вели во соопштението. 

Голем интерес за Купи куќа – купи стан, изготвен и нов прирачник

Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан", што е поставен на веб-страницата на Министерството.

За неполни три месеци откако стапија во сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, соопшти денеска Министерството за финансии.

– Намалените каматни стапки, новиот модел Купи стан за млади, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете, е причината за големиот интерес, стои во соопштението.

Согласно новите услови, каматната стапка за моделот „субвенција на рата" за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот „субвенција на учество" и таа сега изнесува четири проценти за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за шестмесечен еурибор.

За младите до и со наполнети 35 години, потсетуваат, е воведен нов модел „Купи стан за млади". Притоа, корисниците што ќе го одберат моделот „субвенција на рата", од државата ќе добијат субвенции во висина од 70 проценти од ратата во првите пет години од отплатата на станбениот кредит.

– Така на пример, за кредит од 50.000 евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра. Оние, пак, што ќе го одберат моделот за помош при отплата на учеството, од државата ќе добијат субвенција во висина од 70 проценти од учеството за станот. За кредит од 50 илјади евра, државата ќе субвенционира 8.750 евра. Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти, појаснува Министерството.

Новина има и кај моделот „Купи куќа за возраст над 35 години". Сега оние што ќе аплицираат за овој модел ќе добијат поголема субвенција. Лицата над 35 години ќе добијат субвенции од 80 отсто од месечната рата во првите пет години за изградба или купување нова куќа, или 80 проценти од учеството при купување или изградба на куќа. 

Алкалоид инвестира 11 милиони евра во проширување на производните капацитети

Новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 м² и ќе создадат услови за реализирање на околу 200 нови вработувања.

Посветеноста на перманентниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата, се главните причини поради кои во изминативе дваесет години „Алкалоид АД Скопје“ се задржа на курсот за континуирано инвестирање вложувајќи преку 200 милиони евра, алоцирани воглавно во сегментот Фармација. Инвестициските потфати во производствени капацитети и опрема, лаборатории, институт за истражување и развој, центар за контрола на квалитетот, модерен SAP софтвер, технологија и добро обучен персонал – менаџментот на „Алкалоид“ ги смета за неопходни предуслови за зголемување на пласманите и интензивирано глобално позиционирање на производите на брендот „Алкалоид“. Во таа насока, се инвестициите во новите производни одделенија чиј износ ќе достигне 11 милиони евра и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).

Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000м². За потребите на одделението, нарачана е техничко-технолошка опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. 2,3 милиони евра ќе бидат инвестирани за изградба на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 м².

Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

„Согласно стратегијата за развој и долгорочниот план за капитални вложувања, ‘Алкалоид’ иницира нова фаза во инвестициските активности која има за цел зголемување на производните капацитети на компанијата. Планираната инвестиција е во склад со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран раст“ – изјави г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на компанијата.

Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

притисни ентер