Јанева се појави на прес конференција во СЈО, не одговори на новинарски прашања

Не сум вмешана во рекет и не сум ја злоупотребилa својата позиција, изјави денеска на прес конференција специјалната обвинителка во оставка. 

Катица Јанева го прекинала боледувањето. Неофицијално, имала кратка средба со колегите, но на прес конференцијата се појави сама. Рече дека жали што деновиве се одлучила да молчи, за како што изјави да не ја попречува истрагата, иако вели била изложена на јавен линч.

Со Боки 13 се познавала како што со него се знаеле и други државни функционери, не криела дека син и работи во телевизијата на Боки 13, 1ТВ, но тоа како што рече не било оправдание за некој да врши рекет.

Јанева рече и дека не сака да биде кочничар на евроинтеграциите, оставката ја депонирала за да им овозможи на партиските лидери да се договорат околу иднината на обвинителството со кое раководи.

Откако го прочита подготвениот говор си замина без да одговори на новинарските прашања.

Додека Русковска се уште го одмотува клопчето за аферата рекет, во јавноста остана дилемата кој е јавниот обвинител кој преку интерфон бил вклучен додека Боки 13 изнудувал пари од бизнисменот Орце Камчев при што ветил дека ќе ја сопре истрагата против него како осомничен за перење пари во случајот „Империја“. Во меѓувреме Обвинителството за организиран криминал и корупција потврди дека вториот мобилен телефон на Јанева за кој претходно се тврдеше дека бил изгубен, всушност бил подарен. Синот Лазар тврдел дека телефонот на Јанева бил изгубен во Белград, но неофицијално телефонот бил пронајден кај сестрата на неговата девојка. Од обвинителството засега нема потврда за оваа информација.

Инаку, вештачењето на едниот телефон на Јанева е веќе завршено, но обвинителството засега не открива до какви сознанија дошло.

За сексуално вознемирување на социјалните мрежи девојките повеќе се доверуваат на семејството

Семејството е најдоверливата и најсигурната адреса каде што анкетираните девојки ги пријавуваат сексуалните вознемирувања на социјалните мрежи.

Тоа го покажува истражувањето „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми", спроведено од Центарот за еднакви можности „Бубамара" од Тетово. Анкетата според нив имала за цел да открие колку овие возрасни девојки се жртви на сексуално вознемирување, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа.

–Поголем дел од нив (29.3%) претпочитуваат да му се обратат на семејството кога се вознемирувани од такви вознемирувачки пораки или содржини. На второ место е полицијата (25%). Голем број на девојки одговориле дека не знаат каде да се обратат (21.6%). Мал број одбрале (или би одбрале) да им се обратат на новинарите (0.9%) или на невладините организации (1.4%) за да пријават вознемирување. Кога станува збор за евентуално пријавување,10% од девојките ја одбрале опцијата „друго" каде што доминираат одговори од типот „на никого", се наведува во истражувањето.

Во заклучокот од истражувањето од „Бубамара" велат дека жртвите на сексуално вознемирување, воглавно се добро информирани дека овој феномен подразбира повреда на нивната слобода и мешање во нивниот живот и нивните избори. Според нив, овие дејствија имаат последици кои кај некои од жртвите се манифестираат во поголема мера.

–Последиците се главно психолошки и жртвата често е сама и претпочитува да не го сподели искуството со некој друг. Фактот што некои од сексуално малтретираните девојки на социјалните мрежи не сакаат да го споделат своето искуство ниту со својот партнер, велејќи дека голема е веројатноста да дојде до некакво недоразбирање, покажува дека момчињата и мажите се многу малку информирани за размерите на овој реален проблем. Игнорирањето подразбира одобрување и охрабрување за сторителот, насилникот и престапникот за тој да ја прошири својата мрежа на малтретирање и да го храни тоа чувство на надмоќност врз своите жртви. Повторната виктимизација на жртвата на сексуално вознемирување од околината додава уште една по нераскинлива алка во синџирот на сексуално вознемирување, како злосторство кое го олеснија и „релативизираа" социјалните мрежи поради природата на нивните платформи, неможноста за целосна контрола и начелата на слободата на изразување, велат од „Бубамара".

Центарот за истражувањето има контактирано 208 девојки на возраст од 18 до 25 години кои одговориле на анкетата по електронски пат. Од нив 150 девојки се од Тетово, 51 од Гостивар и од другите општини во регионот. 45,1 отсто се од рурални, а 54.8 отсто од урбани средини. /МИА

Средба на министерот Бесими со Матуела и Худолин од ЕУ

Дизајнирањето на макроекономските политики и мерките за поддршка на стопанството клучни за остварување забрзан раст.

Дизајнирањето на макроекономските политики, јавните финансии, структурните реформи, како и поддршката што ја дава Владата на стопанството за справување со пандемијата, како и зелената и дигиталната трансформација, беше тема на дискусија помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и Мишела Матуела, директор на Директоратот за проширување и соседска политика и Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ.

„Македонија е посветена на остварување економски раст и опоравување од пандемијата, со фокус на остварување подобар раст што би значело – зелен, дигитален, паметен, забрзан, инклузивен и одржлив раст. Планот за финансирање забрзан раст на којшто работиме има за цел да овозможи забрзан одржлив раст притоа одржувајќи финансиска стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор како дополнување на средствата од Буџетот", потенцира министерот.

На состанокот се дискутираше и за Законот за буџети, за реформата за унапредување на фискалната децентрализација којшто се подготвува во рамки на Министерството за финансии, како и за реализацијата на проектите што се финансирани од инструментот ИПА.

Во однос на преземените мерки за справување со пандемијата, Бесими истакна дека се имплементирани 6 пакети во вкупен износ од 1 милијарда и 180 милиони евра.

„Македонија се водеше од пристапот „сѐ што е потребно" – првично, финансирањето беше предизвик, но подоцна ни беа доделени меѓународни средства. Во 2021 година, беа имплементирани 2 дополнителни пакета во вкупен износ од околу 180 милиони евра, во кои беа вклучени не само интервентни мерки, туку и мерки за поддршка на закрепнувањето и растот, со потаргетиран пристап, воедно фокусирајќи се и на компаниите со добри перформанси со цел поддршка на инвестициите. Во моментов, сите показатели (раст на БДП, буџетски приходи, трговска размена, итн.) укажуваат на заздравување на економијата", потенцира Бесими.

Притоа тој нагласи дека и понатаму внимателно се следат случувањата.

„Свесни за предизвиците, продолжуваме со поддршка преку потаргетирани мерки, што се поориентирани кон пазарот, притоа фокусирајќи се на фискалната консолидација на среден рок. Политиките на Македонија ги следат овие насоки", рече Бесими.

Во пожар кај Струмица гореа стари гуми

Пожар денеска околу 14:15 часот избувна во атарот на село Костурино, каде биле запалени стари гуми и стрниште.

Според информациите од ТППЕ Струмица во гаснењето на пожарот учествувале 20 пожарникари и шест против пожарни возила, како и помош од Валандово.

Пожарот е локализиран, а црниот чад кој се издигнуваше над местото на пожарот е предизвикан од запалени стари гуми.

притисни ентер