Изложба на ДЛУМ „Цртеж-Експериментален цртеж"

 Изложбата насловена „Цртеж-Експериментален цртеж" во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе биде отворена вечер во 20:30 часот во Галеријата на НЛБ Банка во Скопје.

Поставката се реализира во соработка со Дирекцијата за култура и уметност Скопско лето, а под покровителство на Град Скопје.

Како што наведуваат од ДЛУМ; проектот „Цртеж-Експериментален цртеж", тежнее кон разработен процес на крајно радикални отстапувања од институционалните вредности на самиот цртеж и неговото „ограничување" и поврзаност со медиумот хартија како негов фундамент т.е. поддржувачки материјал.

-Иако цртежот е во целост независен медиум, основниот акцент за овој концепт е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини. Почнувајќи од неговите традиционални форми, вметнати како дел од современите концепти, па сé до критичкото претставување и проширување на дефиницијата за медиумот во релација со гестикулацијата и формата, современиот цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи ги и соодветните радикални трансформации, се посочува за изложбата.

Изложбата е селективна и на неа ќе земат учество 25 автори членови на Друштвото. Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, ставајќи го акцентот на нивната интердисциплинарна, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

Сите селектирани дела ги прикажуваат основните на современиот цртеж почнувајќи од развој на линијата на пикторијален план, па сé до неговите дигитални модификации, со што се потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.

На изложбата учествуваат Глигор Стефанов, Кирил Гегоски, Славица Јанашлиева, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Дијана Томиќ Радевска, Жанета Гелевска Вељановска, Симонида Филипова Китановска, Марија Светиева, Слободан Живковски, Марина Цветановска Мартиновска, Агорн Абдули, Тања Таневска, Силвана Атанасовска, Љупчо Бојаров, Жаклина Глигориевска Кочоска, Иво Пецов, Игор Таневски, Марија Мицова Гацова, Златко Глигоров, Емилија Божиновска, Перо Кованцалев, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Ацо Таневски, Миливој Симеонов и еден автор од Република Србија, Владимир Лалиќ.

Друштвото на ликовни уметници на Македонија наградата за најдобар цртеж ќе му ја додели на авторот Кирил Гегоски, за делото со наслов „Цртеж-2019"./МИА

Жерновски во Токио на церемониите за интронизација на јапонскиот цар Нарухито

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски присуствува на церемониите за интронизација на јапонскиот цар Нарухито што се одржуваат денеска и утре во Токио. 

Жерновски учествува во својство на личен претставник на претседателот на државата и официјален претставник на Владата на Република  Македонија.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, во рамки на церемониите се одржуваат два свечени настана, односно официјална церемонија на интронизација на императорот, проследена со свечен прием во Империјалната палата, како и официјален прием приреден од јапонскиот премиер Шинзо Абе.

На церемониите за интронизација учествуваат претставници на повеќе од 170 држави и меѓународни организизации, меѓу кои и претставници на сите светски кралски семејства, голем број шефови на држави, министри и останати високи претставници од целиот свет.

 – Церемониите на интронизација се најважниот настан во Јапонија и настан што се случува еднаш во 30 години. Претходната ваква церемонија, односно интронизациајта на императорот Акихито, се случи во 1990 година. Заменик министерот Жерновски ги пренесе пораките на претседателот Пендаровски за добро здравје и долго и просперитетно владеење на императорот Нарухито, а во името на македонските граѓани посака ерата Реива да биде долга и просперитетна за јапонскиот народ, соопшти МНР.

Република Македонија и Јапонија оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи кои, наведува МНР,  се карактеризираат со традиционално добри и пријателски билатерални односи.

– Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на нашата држава, а техничката помош се реализира преку проекти во различни области. Континуираната јапонска поддршка и развојна помош овозможија во изминатите дваесет и пет години во Република Македонија да бидат направени значајни подобрувања во многу витални области, информира Министерството за надворешни работи./МИА

Бекеши: Владата забрзано ќе работи на реализација на проектите, изборите може да влијаат на економијата

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека предвремените избори ќе влијаат на економијата, но најавува дека Влада ќе почне активно да работи на забрзување на реализацијата на проектите.

-Македонија се покажа дека речиси ги исполнила сите услови на ЕК и дека  во економијата имавме големо унапредување и очекуваме така да продолжи. И ММФ предвиде поголем раст, предвремените избори секако ќе имаат влијание, имајќи го предвид и изборниот закон во текот на кампања, но како сериозна Влада од следната недела, односно од денеска ќе ги забрзаме сите постапки за да не бидат оставени нереализирани проектите, изјави Бектеши. /МИА

Хелсиншки комитет: Развлекувањето на случајот „Тамара" создава сомнеж за несовесно водење на постапката

Во февруари 2015 година, Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик. 

По пристигнување на веста за поднесеното барање за изземање на јавниот обвинител кој постапува во случајот на малата Тамара, во кој обвинети се 12 доктори и членови на комисии кои донесоа и потврдија негативно решение за лекување во странство на Тамара, Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на правецот во кој оваа постапка се движи.

На вчерашната главна расправа по овој предмет, надлежната јавна обвинителка поднесе барање за изземање, притоа не наведувајќи кои се причините за таквото барање. Основното јавно обвинителство изјави дека предметното барање е поднесено поради постоење на законски пречки за понатамошно постапување на јавната обвинителка во предметот, поради нови околности кои настапиле во периодот од претходната до вчерашната главна расправа.

Во февруари 2015 година, Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик. Од поднесувањето на кривичната пријава поминати се речиси 5 години, а предметот се уште не е завршен. До закажувањето на првото рочиште, Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати реагираше до Основното јавно обвинителство за долгото водење на предистражната постапка. Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Од тогаш закажани се 19 рочишта, од кои дури 8 се одложени поради различни причини. Дополнително одолговлекување во текот на постапката настапи и поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта, во кој случај, согласно закон, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат.

По вчерашното повторно одложување на рочиштето, овој пат поради поднесено барање за изземање на јавната обвинителка, како и поради неговото целокупно развлекување, се јавува сомнеж за несовесно водење на постапката која досега требаше да биде завршена. Затоа, го повикуваме Основното јавно обвинителство да ги образложи причините за изземање на обвинителката, за што Хелсиншкиот комитет ќе поднесе и официјално барање. Воедно напоменуваме дека правната сигурност може да се обезбеди само со утврдување на одговорност на сите чинители со цел задоволување на кривичната правда.

Хелсиншки комитет за човекови права

притисни ентер