Филип Рикер неделава во Атина и Скопје

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, неделава ќе ги посети Грција и Македонија, каде што ќе има средби со претставници на власта, на граѓанското општество и на бизнис заедницата, соопшти Стејт департментот. 

Во Атина, Рикер ќе се состане со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и со други владини претставници. Ќе се разговара за клучните прашања во билатералните односи како што се трговската, инвестициската, безбедносната и одбранбената соработка, регионалната стабилност и енергетиката. Тој ќе учествува и на тркалезна маса со претприемачи и бизнис лидери. Рикер ќе го посети и Солун, каде што ќе се сретне со локалните власти, со верски и со бизнис лидери, информираат од Стејт департментот.

Во Скопје, пак, Филип Рикер ќе се има средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Македонија кон членство во НАТО и ЕУ. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Рикер неодамна во изјава за МИА во Вашингтон оцени дека Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер./МИА

Без вода денеска дел од село Батинци

 Без вода денеска од 09:00 часот до завршување на работните активности ќе бидат дел од корисниците од село Батинци.

Прекинот, како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, е поради уличен дефект ф-100мм на улица 7/ Батинци.

Русија го укина задолжителниот карантин за патниците од странство

Патниците кои влегуваат во Русија од 15 јули повеќе нема да мора да одат во 14-дневна изолација, одлучи Федералната служба за здравствена заштита.

Странските државјани кои доаѓаат во Русија ќе мора да имаат негативен тест за коронавирус, или да се тестираат во рок од три дена по влегувањето во земјата.

За од руските граѓани исто така важи обврската да се тестираат во рок од три дена од пристигнувањето во земјата.

Работодавачите се обврзани да ги известат вработените за задолжителното тестирање и да проверат дали ја исполниле таа обврска.

МЗ:Неделава почнува поставувањето на монтажен амбулантско-поликлинички оддел

Во тек се подготвителни активности за новиот монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија, кој ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ.

Веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел. Кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средина на август, објектот да биде целосно подготвен.

Во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично. Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите.

Во меѓувреме се работи на изготвување план за потребното ентериерно уредување и обезбедување медицинска и немедицинска опрема.

Од Клиниката за пулмологија појаснуваат дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа.

притисни ентер