Во вторник законот за обвинителство влегува во собраниска процедура

Од владата за Канал 5 потврдуваат дека предлог законот за Јавно обвинителство во вторник влегува во собраниска процедура.

Очекуваме своите ставови пратениците да ги кажат во собранието, а ако имаат забелешки да поднесат амандмани. Градењето на дво-третинско мнозинство ќе биде во Собрание. Очекуваме поддршка од сите, особено што од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи  кога поднесоа до министерството амандмани за претходниот текст на законот, предложија СЈО да биде дел од Јавното обвинителство за организиран криминал и не прелагаа никакви кадровски промени, што значи дека во новиот текст е прифатен нивниот предлог, Јавното обвинителство на чело со Рускоска да ги води предметите на СЈО, велат од владата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак Христијан Мицкоски, во интервју кажа дека владата практично ги прифатила нивниот предлог за интегрирање на СЈО во редовното обвинителство.

Бекеши: Владата забрзано ќе работи на реализација на проектите, изборите може да влијаат на економијата

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека предвремените избори ќе влијаат на економијата, но најавува дека Влада ќе почне активно да работи на забрзување на реализацијата на проектите.

-Македонија се покажа дека речиси ги исполнила сите услови на ЕК и дека  во економијата имавме големо унапредување и очекуваме така да продолжи. И ММФ предвиде поголем раст, предвремените избори секако ќе имаат влијание, имајќи го предвид и изборниот закон во текот на кампања, но како сериозна Влада од следната недела, односно од денеска ќе ги забрзаме сите постапки за да не бидат оставени нереализирани проектите, изјави Бектеши. /МИА

Хелсиншки комитет: Развлекувањето на случајот „Тамара" создава сомнеж за несовесно водење на постапката

Во февруари 2015 година, Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик. 

По пристигнување на веста за поднесеното барање за изземање на јавниот обвинител кој постапува во случајот на малата Тамара, во кој обвинети се 12 доктори и членови на комисии кои донесоа и потврдија негативно решение за лекување во странство на Тамара, Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на правецот во кој оваа постапка се движи.

На вчерашната главна расправа по овој предмет, надлежната јавна обвинителка поднесе барање за изземање, притоа не наведувајќи кои се причините за таквото барање. Основното јавно обвинителство изјави дека предметното барање е поднесено поради постоење на законски пречки за понатамошно постапување на јавната обвинителка во предметот, поради нови околности кои настапиле во периодот од претходната до вчерашната главна расправа.

Во февруари 2015 година, Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик. Од поднесувањето на кривичната пријава поминати се речиси 5 години, а предметот се уште не е завршен. До закажувањето на првото рочиште, Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати реагираше до Основното јавно обвинителство за долгото водење на предистражната постапка. Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Од тогаш закажани се 19 рочишта, од кои дури 8 се одложени поради различни причини. Дополнително одолговлекување во текот на постапката настапи и поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта, во кој случај, согласно закон, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат.

По вчерашното повторно одложување на рочиштето, овој пат поради поднесено барање за изземање на јавната обвинителка, како и поради неговото целокупно развлекување, се јавува сомнеж за несовесно водење на постапката која досега требаше да биде завршена. Затоа, го повикуваме Основното јавно обвинителство да ги образложи причините за изземање на обвинителката, за што Хелсиншкиот комитет ќе поднесе и официјално барање. Воедно напоменуваме дека правната сигурност може да се обезбеди само со утврдување на одговорност на сите чинители со цел задоволување на кривичната правда.

Хелсиншки комитет за човекови права

Еден милион евра од ЕБОР за инвестиции во зелена енергија

 Европската банка за обнова и развој со кредит од еден милион евра ќе поттикува инвестиции во зелена енергија во земјава.

Средствата, како што информираат од ЕБОР, ќе се пласираат во Прокредит банка Македонија, а ќе се користат за подобрување на енергетската ефикасност на станбените објекти, ќе помогнат во намалување на емисијата на гасови што создаваат ефект на стаклена градина и ќе го подобрат квалитетот на живеење на сопствениците на домаќинствата.

Корисници ќе бидат домаќинставата, здруженијата за домување и компаниите за сервисни услуги кои планираат да инвестираат во проекти на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Финансирањето на ЕБОР е под Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ).

Средствата можат да се користат за зелени технологии како бојлери, прозорци и осветлување.

Прокредит банка Македонија е третата македонска банка што се приклучува на оваа програма.

Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) во Северна Македонија е дел од Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) за Балканот во износ од 85 милиони евра, лансирана во 2017 година.

Програмата е заедничка инцијатива на Европската Унија (ЕУ), Федералното Министерство за финансии на Австрија и земјите кориснички на фондовите од Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).

притисни ентер