Русковска: Новото обвинителство може да го отвори од почеток „Империја"

Новото обвинителство најавено со Предлог законот што го објави вчера премиерот Зоран Заев може да го отвори од почеток предметот „Империја".

Новото обвинителство најавено со Предлог законот што го објави вчера премиерот Зоран Заев може да го отвори од почеток предметот „Империја", рече шефицата на Обвинителството за гонење  организиран криминал и корупција Вилма Русковска во денешното гостување во емисијата „Стадион" на радио Канал 77.

– Не, мислам дека не. Откако Врховниот суд го донесе тоа несреќно мислење, сметам дека и да остане така сега новото обвинителство може да го почне од почеток, да ги собира доказите, апсолутно сметам дека кој било од предметите ако има доволно докази и ако не застари, нема да пропадне, посочи Русковска, прашана дали отворањето на случајот „Рекет" може да го поништи предметот „Империја".

Русковска, според предлогот од премиерот Зоран Заев, ќе раководи со обвинителството во кое со новиот закон за јавно обвинителство се предлага Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Давањето поткуп или рекет, наведе обвинителката, е кривично дело, но, има едно големо но, ако тој го пријавил кривичното дело, тогаш се ослободува од одговорност. Сведокот додека беше во куќен притвор, добив информација дека сака да се види со мене. Јас реков – не, кога ќе излезе, ако излезе од домашен притвор, кога сака може да дојде, посочи, меѓу останатото Русковска.

Долго време ја работеле предистрагата за „Рекет", бидејќи, посочи, имало сомнежи дека можеби сведокот сака да им се одмазди на колегите од СЈО.

Како што објасни, сведокот отишол кај премиерот, му предочил мал дел од доказите што ги има по што премиерот ги информирал неа и јавниот обвинител Љубомир Јовевски дека има сознанија за сторено кривично дело и дека сака да дојде да поднесе кривична пријава. Со Јовевски го советувале дека е најдобро да дојде сведокот сам да пријави затоа што во секој случај знае многу повеќе и има поголеми детали од она што го знае премиерот.

Појаснувајќи ја причината зошто сведокот првин се пожалил кај премиерот, Русковска рече дека се работи за специфичен случај, затоа што првоосмничениот постојано бил во друштво со министри, обвинители, судии и, нагласи, едноставно луѓето немаат доверба.

Иако немаат, како што појасни, снимки од снимени комуникации, туку аудио и визуелни снимки од домот на сведокот,  тие ќе може да се користат затоа што, како што потенцираше, и Венецијанската комисија се има изјаснето дека кога е во прашање јавниот интерес снимки кои се прибавени на нелегален начин можат да се користат како доказ во постапката.

Русковска вели дека од страна на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не е побарана посебна истражна мерка за Катица Јанева. – Ние не ја следиме, а дали некој друг ја следи тоа не знам, рече Русковска, дополнувајќи дека не се виделе со Јанева, освен истражителите кога биле во нејзиниот дом со наредба за одземање мобилни телефони. Вториот телефон не е најден се уште, а за одземениот има наредба за вештачење кое очекува да биде готово задутре.

Покрај од сведокот, имало и други пријави поврзани со случајот и во тек на предистрагата која траела 2,5 месеци. Има, како што рече, и нови пријави за суми од над 500 илјади евра. Сепак за се што ќе се пријави треба да се обезбедат докази, потенцираше Русковска.

Како што рече, не била консултирана за новиот закон за јавно обвинителство и била изненадена од објавата за него. Веројатно ќе има некои забелешки за законот кој се уште не го видела детално. Сметам дека Вишото обвинителство треба да ги застапува предметите на новото обвинителство пред Апелацискиот суд, рече, меѓу останатото, Русковска./МИА

ССК бара поддршка за приватниот сектор со системско решение

Мицкоски истакна дека на бизнисмените од ССК ќе им го презентираат она што веќе го вклучиле во изборната програма и ќе слушнат што би можело да се вметне од неа од предлозите од оваа комора.

Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска денеска на средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски порача дека сите работи што ќе се прават за доброто на економијата во иднина треба да бидат поддржани со системско решение.

-Единствената работа којашто му е потребна на приватниот сектор во овој момент е системско решение. Потребно ни е сите работи што ќе се прават, а кои се за доброто на економијата да бидат поддржани со системско решение, со решенија кои ќе бидат квалитетни, функционални, долгорочни и ќе немаат проблеми во имплементацијата, рече Арсовска на средбата на која стопанственици од ССК ги претставуваат очекувањата за бизнисот по изборите.

На сите во државата,  нагласи, им е потребен систем, владеење на правото и функционални институции.

Според Арсовска, ветувањата на партиите за инфраструктурните проекти треба да бидат реални и остварливи. Таквите прокети, потенцираше, се значајни за инфраструктурното поврзување  и протокот на стоки и услуги во рамки и на државата и со регионот.

– Важно е реализацијата да биде реално остварлива и да се потрудат  чинителите во власта откако ќе го донесат Буџетот да ја остварат максимално, односно да биде реална и остварлива. Она што ќе се предвиди да се оствари за да немаме ситуации со ребаланс на Буџетот како што имавме во минатото. Важно е да се прават добри и квалитетни анализи. Инфраструктурното поврзување секогаш е добро, ја движи економијата и градежништвото и уште 20-ина други гранки, рече Арсовска.

Мицкоски истакна дека на бизнисмените од ССК ќе им го презентираат она што веќе го вклучиле во изборната програма и ќе слушнат што би можело да се вметне од неа од предлозите од оваа комора.

– Она што Сојузот на Стопански Комори практично ќе ни го предложи, она што е важно за нив, па да видиме дали дел од тие проекти, политики можеме веднаш да ги вклопиме во програмата. Дел понатаму откако ќе направиме детална анализа на состојбите во буџетот на државата кои што според наша информација, според она навигација со која ние располагаме е во една многу лоша состојба и кондиција. Таквата состојба исто како и за економијата предвидуваме дека ќе биде се полошо од периодот кој што следи, рече Мицкоски. /МИА

Јанушев од Крива Паланка: Стопанствениците очекуваат значителна помош и придонес од новата влада која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ

​Продолжуваме со посетите низ Република Македонија. 

Денес сме во Крива Паланка, остваривме средба со неколку стопанственици, ги посетивме нивните фабрики односно производствени капацитети. Имаме средби со неколку целни групи и секако денот ќе заврши со внатре партиски состаноци.

Она што е видливо и она што го гледаме веќе неколку месеци низ целата држава е видливо овде во Крива Паланка. Луѓето се иселуваат со надеж за подобар живот, луѓето кои што ги среќаваме на улица се жалат за буквално лошото секојдневието кое што го имаат и не квалитетот на живот.

Во фирмите со коишто ги посетивме и со луѓето со коишто разговаравме очекуваат од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кое што ќе следува после изборите на 12-ти април значителна помош и значителен придонес за стопанството.

Знаете веќе дека излеговме со повеќе конкретни мерки во однос на стопанството и економијата, преку враќање на рамниот данок и негово намалување, намалување на невработеноста на помалку од 10% во четири годишниот мандат но и она што секако е од особена важност за Крива Паланка и за целиот овој регион е најавата за изградба на новиот експресен пат Куманово-Паланка.

Продолжуваме во следниот период со промоција на следните мерки од нашата програма кои што секако ќе бидат насочени кон граѓаните и ќе значат конечно ставање на крај на разнебитувањето на нашата држава од страна на оваа криминално рекетарска влада предводена од Заев.

12-ти е блиску 12-ти доаѓа за 50-тина дена и конечно почнува обновата на Република Македонија.

Игор Јанушев – Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Нападнати цариници за време на акција во Тетово, запленети 113 килограми режан тутун и 415 кутии цигари

 Царинската управа на Република Македонија во соработка со Државниот пазарен инспекторат, денеска спроведоа две акции во Скопје и во Тетово, против нелегална продажба на цигари, режан тутун и други тутунски производи.

Целта на акцијата, соопштија од Царинската управа, била контрола и заплена на производи кои нелегално се продаваат и претставуваат акцизни добра.

– Двете акции паралелно се спроведоа во Скопје и Тетово, при што на територијата на Општина Тетово службените лица при вршење на претресот беа брутално нападнати од страна на поголема толпа луѓе кои и се познати на полицијата и против нив ќе биде покрената соодветна пријава. Оттука Царинската Управа и Државниот пазарен инспекторат порачуваат дека и покрај сите опструкции ќе продолжат да се борат против сивата економија и нелегалната продажба на тутунските производи ширум државата, се посочува во соопштението.

Инаку, во двете акции се запленети 113 килограми режан тутун и 415 кутии цигари.

Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, подвлекуваат во соопштението од Царинската управа, а кога ќе се најдат во малопродажба, мора да бидат обележани со контролни марки.

– Акцизите учествуваат со околу 22 проценти во вкупните даноци што ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13 проценти, од кои над пет проценти се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата, стои во соопштението. /МИА

притисни ентер