Ова се дел од надлежностите од кои вчера се откажа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и и’ ги отстапи на централната власт, веројатно неможејќи да ги исполни препораките на УНЕСКО за Охрид.
Иако се уште непристигнато до Владата, ова веројатно нема да биде последната адреса на писмото на Мерко. Неофицијално, Владата не би ги поставила барањата на Мерко на дневен ред, без претходна препорака од Комитетот за градежно земјиште. Токму овој Комитет, во кој членуваат претставници од министерства, ЗЕЛС и други институции, треба да одлучува дали може или не општината да се откаже од ваквите надлежности. И во случај Комитетот да одлучи во полза на Мерко, максимум 6 месеци централната власт би можела да ја врши работата на струшкиот градоначалник.
Инаку се поставува прашањето дали одлуката на Мерко и отвореното писмо е испровоцирано од вчерашниот настан кога лице упаднало во општината и вербално им се заканило на вработените. Од МВР велат случајот е расчистен и против лицето ќе следел соодветен поднесок.
Не се знае дали за својата безбедност стравува и охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, кој, како што јавуваат локалните медиуми, започнал да користи засилено обезбедување. Токму во Охрид неодамна општинскиот советник од ДУИ, Нефи Усеини, свечено отвори пицерија – објект за кој властите потврдија дека е дивоградба. Одговарајќи на новинарско прашање и премиерот Зоран Заев упати апел дивоградбите да се рушат доколку тоа не го стори Охрид, тоа би го направила Владата.
Канал 5 денеска побара одговор дали локалните власти ќе постапат по барањето на Заев или пак дали евентуално охридскиот градоначалник Георгиевски планира да го следи примерот на својот струшки колега, но досега одговор не добивме.
1 февруари е рокот кој го постави УНЕСКО за рушење на дивоградбите, пак во меѓувреме потсети евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој вели дека до овој момент нема никаков резултат на ова поле.