Исчезнат е дедо Мирослав

Исчезнат е Мирослав Видовски.

Го нема седум дена. Дедото има 73 години и живее во Центар, на улицата „11-ти октомври“, од каде му се губи трагата.

Неговото семејство се јави во Канал 5 порачувајќи доколку некој има било какви информации да се јави на бројот 077-626-145 и да ја информира госпоѓа Милка.

Ќе има ли проширување на истрага за „Рекет“

Истрагата „Рекет” може да трае шест месеци, а ако е потребно и подолго. 

Обвинителката Вилма Русковска смета дека за успешна истрага, треба после три месеци да се покрене обвинение, па така не се исклучува можноста од проширување на истрагата. Исто како и Бојан Јовановски и Зоран Милевски, поради опасност од бегство, повторување на делото или опасност од влијание врз сведоци, и Катица Јанева стана осомничена.

Но, токму тоа беше прашањето што струеше во јавноста, дали на специјалната јавна обвинителка и е дадено премногу време, а од почеток на истрагата се споменува како главен актер во Рекет. На прашањето зошто се чекало 40 дена за распит, Русковска вели дека немале доволно докази.

Русковска не открива, дали постојат и други снимки во обвинителството како доказ за притворот на Јанева, или се работи само за телефонските разговори каде што се слуша како му ветува на Орце Камчев дека се ќе биде во ред.

Во истите аудио снимки се споменува и премиерот Заев кој пријави во обвинителството дека бизнисмен се жали кај него за рекетирање. Сослушани се уште неколкумина по барање на обвинителството.

Освен компјутерите, телефоните и предметите поврзани со случајот, во истрагата се вклучи и УЈП. Ќе прават проверки во документацијата на Меѓународниот сојуз, 1ТВ и БМЈ Медиа груп за да се открие дали има даночно затајување од сметките со кои располагаат фирмите на Боки 13.

Јанева не е сместена во хашкото одделение за да се избегне контакт со Боки 13

Катица Јанева ноќта ја помина во истражниот затвор во Шуто Оризари, од управата велат дека таа не е сместена во хашкото одделение, туку во посебен оддел, за да нема контакт со другите осомничени лица од случајот „Рекет“. 

Директорот на затворот Есад Рахиќ вели дека тоа е стандардна процедура и додава дека Јанева била и на преглед, а здравствената состојба и е добра.

Јанева утринава со полициска придружба беше превезена до Гевгелија, на погребот на нејзината мајка која почина во текот на вчерашниот ден. По 20 минути поминати во капела во Гевгелија, повторно е вратена во затворот во Шуто Оризари.

Адвокатот Стеван Павлевски кој ја застапува Јанева за Канал 5 вели дека до крајот на денешниот ден ќе поднесат жалба на одредениот притвор.

Од СЈО пак прва со официјален став за притворот на Јанева излезе Фатиме Фетаи, која минатата недела за Канал 5 потврди дека се конфронтирала со неа во врска со претресите на обвинителите при влезот во институцијата.

Фетаи кажа дека ќе продолжат со застапување на предметите во судница, а кривичната одговорност на Јанева, не смее да биде изговор за тие да престанат со работа.

Притворот на Јанева за случајот “Рекет” и беше одреден на барање на ЈО за злоупотреба на службената положба и овластување.

Таа вчера во 13 часот беше спроведена од нејзиниот дом со полициска придружба кон просториите на СЈО, каде при претресот беше одземен нејзиниот личен компјутер, за потоа повторно да биде вратена дома каде беше одземен мебелот во вредност од 5.000 евра за кој од ЈО велат дека  го примила како награда за да му ја олесни позицијата на Камчев во случајот “Империја”.

Во Кривичниот суд влезе преку судската гаража, од каде по повеќе 4 часа замина за затворот во Шуто Оризари. 

Ловечката федерација се противи на вклучувањето на Армијата во отстрелот на диви свињи

 Ловечката федерација на Македонија се противи на влучувањето на Армијата во отстрелот на диви свињи и на рокот од 10 дена за застрел на 50 отсто од годишниот план.

Ловечката федерација на Македонија ги поздравува и поддржува биосигурносните мерки што ги воведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) како превентива од африканската свинска чума, но се противи на влучувањето на Армијата во отстрелот на диви свињи и на рокот од 10 дена за застрел на 50 отсто од годишниот план.

Ова денеска го порача претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексоски, на прес-конференцијата во МЗШВ што се одржа по средбата на ресорниот министер Трајан Димковски со претставници на Ловечката федерација и Национални шуми.

– Предложивме и поддржуваме биозаштитни мерки, но се противиме на можноста за вклучување на Армијата во спроведување на отстрелот на дивата свиња и поставување временски ултиматум од 10 дена за реализација на 50 отсто од планираниот годишен застрел, бидејќи реално таа бројка за 10 дена не може да се постигне, рече Алексоски.

Тој посочи дека заедно со концесионерите наскоро ќе излезат со конкретни мерки до ресорното Министерство и до Владата.

– Како концесионери и ловци сме загрижени за нашиот дивеч и сакаме отстрелот да биде во разумни граници и да не се доведе на биолошки минимум, односно да не дојде до негово истребување, рече Алексоски.

Министерот Димковски ги повтори одлуките од последната владина седница поврзани со преземањето превентивни мерки за спречување на ширењето на болеста африканска свинска чума што ја има во соседните земји.

– Во превентивата се фокусиравме на намалување на бројот на диви свињи во кој е вклучена Ловечката федерација на Македонија. Ќе следат и средби со здруженијата на одгледувачи на свињи. Кај нас се уште нема појава на болеста, но сме една од првите земји која презема превентивни мерки. Се решивме тоа да го направиме пред појавата на болеста, бидејќи сметаме дека на тој начин ќе се заштедат пари во буџетот. Истите мерки, но многу порадикално ќе треба да се преземат и доколку дојде до болеста, а тогаш загубите во свињарскиот сектор ќе бидат многу поголеми и бројот на дивите свињи ќе се доведе до биолошкиот минимум, рече Димковски.

Во земјава има околу 120.000 свињи од кои 18.000 се сместени во близу 2.000 одгледувалишта, кои имаат од една до 10 свињи и не можат да ги обезбедат основните биосигрносни мерки за заштита од африканската свинска чума. МЗШВ предвидува околу 65 милиони денари за обесштетување од 3.000 денари на сточарите кои не можат да ги обезбедат основните биосигурносни мерки. Се нудат и по 1.000 денари за застрелана дива свиња, како и ловџијата да може да го задржи месото. Концесионерите плаќаат концесија од 20 отсто од државната цена од предвидениот отстрел. Државната цена изнесува 13.500 денари за машка дива свиња и 5.500 за женска.

притисни ентер