Повредена 18-годишна девојка откако во неа удрил возач на голф

 Осумнаесетгодишна девојка од Тетово е тешко повредена во сообраќајна несреќа на булеварот „Видео Смилевски-Бато", вчера околу 18:30 часот, откако во неа удрило патничко моторно возило „фолкваген голф" со тетовски регистарски ознаки.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи,  во Т.А (18) удрил 47-годишниот Ш. Х. од Вејце кој управувал со „голфот".

-Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила 18-годишната девојка, која потоа била пренесена во болницата во Тетово, соопшти денеска МВР.

Увид на местото на сообраќајката извршила екипа од СВР Тетово.

Во западните и јужните делови дожд, попладне врнежите ќе прекинат

Врнежи од дожд со слаб интензитет утринава има во западните и јужните делови од државата.

 Дува и слаб до умерен југоисточен ветер во долниот тек на Повардарието. На планините има врнежи од снег.

За денеска синоптичарите најавуваат пообилни врнежи од дожд во западните и јужните делови кои во текот на денот ќе се преместуваат кон југосток. Попладне врнежите ќе прекинат. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Дневната температура ќе се движи во интервал од 7 до 12 степени.

Во Скопје слично време со максимална температура до девет степени.

Најмногу снег, според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи, има на Попова Шапка – 20 сантиметри, а во Маврово висината на снежната покривка е шест сантиметри.

Најмногу дожд во изминатите 24 часа има наврнато во Крушево, а најстудено утринава е во Маврово каде се измерени -1 степен. Во останатите градови минималните температури се над нулата. 

Снег на планинските превои, сообраќајот без забрани

 Снег утринава врне на Попова Шапка, Стража, Пресека и Маврово. 

Сообраќајот се одвива тековно, но по наместа влажни коловозим информира Авто мото сојузот на Македонија.

На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

На граничните премини утринава од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. 

Вработените во јавниот сектор ќе чистат на 20 локации во Скопје

Акција за чистење на 20 скопски локации во која ќе се вклучат вработените од јавниот сектор ќе се одржи денеска и на тој начин ќе се одработи неработниот ден од годинава, 2 јануари.

На секоја локација ќе има обезбедено екипи од градските јавни претпријатија, соодветни стручни служби и алат за да помагаат на луѓето кои ќе чистат.

Локациите на кои ќе се одвива акцијата се езерцето Треска во Сарај, Аквадуктот, СЦ „Борис Трајковски", Кале, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден", Јужен булевар, „Бихаќка", Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо", Железничката и автобуската станица, улица „Џон Кенеди", кај Собранието, цела улица „Македонија", МКЦ и МТВ, касарната „Гоце Делчев", улица „Ферид Бајрам", улица „Александар Урдаревски", Европската очна болница, улица „Индустриска" во Гази Баба и целиот кеј на реката Вардар.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека за успешно спроведување на акцијата ќе бидат задолжени раководителите на институциите, односно премиерот, министерите, градоначалниците и директорите на институциите што ќе бидат присутни на овие локации, а Град Скопје дополнително обезбедил и соодветна механизација за одредени локации.

До локациите што се наоѓаат малку подалеку од центарот на градот особено Аквадуктот и Сарај, ЈСП има обезбедено и превоз. За сите кои се вклучени во акцијата е обезбедена и соодветна опрема односно заштитни ракавици и вреќи.

Акцијата се организира во соработка со граѓанското здружение „Не биди ѓубре"

притисни ентер